Миленко во сопствено полноќно шоу на Канал 5. Миленко и во „Жолт офсајд“ на Канал 5 плус. Миленко гостин на други телевизии. Миленко во весници. Миленко, конечно, во „НЗС 2“, повторно на Канал 5. Уште малку и фрижидер да отвориш, оттаму ќе излезе. Нема кај го нема.
Нејсе. Непишано правило на оваа колумна е да се избегне навраќањето на личност од медиумите што еднаш веќе била опсервирана, но во случајот со Миленко Неделковски, едноставно, тешко е да му се одолее на поривот да се направи исклучок. Речит, чешит, згора на тоа и контроверзен. Иван Мирчевски не можеше да посака посоодветен соговорник за да ја оправда девизата „Не заспивај сега“ на своето шоу што оди секој понеделник по последниот „Дневник“.
И новинарот што направи име како водител во Македонска телевизија во случајот со исто така некогашниот новинар во МТВ мораше да направи исклучок, па место неколкумина гости, како досега, беше принуден сите 90 минути да ги „отепа“ со Миленко. Причина - никој од тие што ги поканил да му прават друштво на Неделковски не прифатил да учествува во емисијата! Од тоа најмногу профитираа тие што жртвуваа дел од времето за спиење во пресрет на новиот работен ден, бидејќи можеа да дознаат пикантерии од приватниот живот, како и за пасијата со забавните паркови на собеседникот на Мирчевски, кој тешко дека може да се сети кога последен пат бил засенет, напати и инфериорен во однос на гостинот.
Миленко Неделковски, нема што, е приказна за себе во македонското новинарство. Уште пред дваесетина години го сврте вниманието врз себе како прв репортер од бившојугословенските простори што го интервјуирал трикратниот светски првак во Формула 1, Аиртон Сена. Малку подоцна повторно ги привлече рефлекторите на јавноста со шестмесечната суспензија од МТВ за коментирањето на мечот на Црвена звезда со Бриж, кога црвено-црните ги направи „партал“ за наводното труење со храна поради кое не му излегоа на мегдан на тогаш силниот Вардар, а играа во Белгија. Денес, пак, покрај тоа што се занимава со се' и сешто - од теории на заговор, преку спорт до внатрешнополитички теми, стигнува да коментира и Формула 1, но и да биде „сведок на сведокот“ во аферата со Победа.
Едни го обожаваат, други не можат да го смислат, но факт е дека сите (тие) го гледаат. А за некој да биде гледан ем слушан, мора да е интересен, елоквентен, природен, со други зборови да има што да каже и да знае како да го каже тоа. Со сиот багаж што го носи експритвореникот Миленко, сепак, не може да му се оспори дарбата за привлекување публика со својата слаткоречивост и уверливост, дури и кога се чини дека тоа што го зборува нема врска со вистината. Феномен.