Титула без сјај: Хамилтон шампион во режија на Тимо Глоk
Луис Хамилтон е новиот светски шампион. Пилотот на Мекларен ја осигура титулата во последните стотина метри на трката за Големата награда на Бразил, благодарение на пријателскиот гест на Тимо Глок, кој му го
препушти петтото место. Фелипе Маса ја однесе победата, во рацето го држеше епитетот светски шампион се до самиот финиш... Хамилтон ја осигура титулата апсолутно во последните метри од трката. Имено, беше на петтото место, но Фетел го мина на неколку кругови пред крајот и го помести на шестото место што за Хамилтон не беше доволно за титула. Но, само неколку метри пред целта, четвртопласираниот Глок наеднаш успори, ги пропушти Хамилтон и Фетел, па Британецот ја освои титулата во режија на Германецот Глок.
Фелипе Маса направи се што можеше, славеше пред домашната публика, но тоа не му беше доволно за конечно славје.
Маса на крајот освои десет бода, Хамилтон четири и на крајот пилотот на Мекларен има вкупно 99 бодови наспроти 98 колку собра возачот на Ферари.
Трката започна драматично, дождот во Бразил го одложи стартот десетина минути. Но набрзо дождот престана, а стазата брзо се исуши бидејќи температурата беше висока.
Но дождот на самиот крај повторно ја закомплицира ситуацијата на шест круга пред крај на трката. Возачите повторно отидоа во боксот по гуми за дожд. Кога Маса мина низ целта, Хамилтон сеуште беше на шестото место и почна неопишливо славје во Ферари. Но, потоа се појави Глок и режираше една од најинтересните завршници во Формула 1.
Покрај Маса на пиедесталот денеска се искачија и второпласираниот пилот на Рено, и третопласираниот клубски колега на Маса, Кими Раиконен. На денешната трка бодови уште освоија Фетел, новиот шампион Хамилтон, Глок, Ковалаинен и осмопласираниот Трули.
Ферари најдобри во пласманот на конструктори
Тимот на Ферари ја освои титулата во конкуренција на конструктори со 172 освоени бода. Мекларен на крајот е втор со 151 бод, а Кубица и Хајдфилд за БМВ Заубер собраа 135. Четврти е Рено, а петти Тојота.
Маса не можеше да ги скрие солзите
“Горд сум на оваа трка и на тимот. Горд сум на луѓето кои ме поддржуваат. Направив се како што треба и мислев дека тоа ќе вроди со плод. Но на крајот Луис го минал Глок и тоа навистина измеша кај мене многу емоции. Тоа е трката. Трката завршува кога ќе падне знаменцето. Ние треба да сме горди за тоа што го одработивме. Од овој ден во мојот живот ќе научам многу. Емотивно сум потресен. Знам како да губам и како да победувам. Се надевам дека ќе се вратиме овде друг пат со титула. Ова е уште еден ден. Многу сум горд. Ќе ја напуштам пистата денеска со крената глава.” - изјави Бразилецот Маса веднаш по трката, притоа не можејќи да ги скрие солзите.
www.sportdenes.com