Забрзувачот ќе открива мистериозни честички
Големиот забрзувач на честички изграден во тунел долг 27 километри на швајцарско-француската страница, чие функционирање веќе неколкупати беше одложувано и прекинувано, ќе биде повторно активиран на 15 февруари, јавуваат научниците кои работат на овој проект. Инженерите од Европската организација за нуклеарни истражувања (ЦЕРН) се надеваат дека со овој проект ќе дојдат до одговори околу некои од мистериите за вселената, а истовремено да се отворат и многу нови прашања.
Се планира по повторното лансирање, кога ќе се постигнат досега ненадминати брзини на зраците, забрзувачот на честички да функционира непрекинато скоро две години, до крајот на 2011 година, меѓутоа, само со половина моќност. Експериментите со оваа навистина грандиозна машина треба да покажат што е она што на материјата и дава маса.
Научниците веруваат и дека за време на долготрајните истражувања со оваа машина конечно ќе успеат да ја детектираат Хигс - босоновата честичка.
- Ако честичката воопшто постои, имаме шанса да ја видиме - велат тие.
За Хигс-босоновите честички прв проговорил физичарот Питер Хигс, кој пред три декади тврдел дека истите ќе дадат објаснување за начинот на кој е креирана материјата, односно Универзумот и се во него. Големиот хадронски забрзувач на честички,првпат беше вклучен во септември 2008 година, но мораше да биде деактивиран откако голема експлозија во 27 километарскиот кружен тунел предизвика истекување на хелиум. Фокусот на експериментите со оваа машина е насочен кон проучување на судирите на честичките што се движат во спротивна насока при високи количества енергија.
При секој од судирите кои се случуваат меѓу милијарди честички би требало да се рекреираат условите кои постоеле само неколку моменти по Големата експлозија (моментот на зачнување на Универзумот) пред 13,7 милијарди години. Добиените податоци ќе ги анализираат 10.000 научници во светот како оваа експлозија ги создала ѕвездите и планетите. Хигс вели дека тоа би било можно само со постоење на една честичка како хигс-босоновата честичка, која на материјата би и дала маса.
Големиот забрзувач на честички работеше два месеца на крајот од минатата година, а притоа беа предизвикани судири на зраци со честички при енергија од 2,36 тераелектронски волти, највисока моќ што некогаш била постигната.
За следното активирање на машината, при кое не се предвидува зимска пауза беше донесена одлука при средбата на физичарите, инженерите и менаџерите од ЦЕРН, која се случи минатата недела во Шамони, Франција. Притоа би требало да се овозможи судир на честички при енергија од седум тераволти.
На крајот од наредната година забрзувачот повторно ќе биде деактивиран 12 месеци кога инженерите ќе го подготват тунелот и внатрешната опрема за судири при енергија од 14 тераволти, експерименти кои се планирани за 2013 година.
http://www.vreme.com.mk/DesktopDefault.aspx?tabindex=1&tabid=1&EditionID=1938&ArticleID=133455