Плејоф-леле за Фени и за Работнички
Кошарка
Кошаркарите на Фени индустри и на Фершпед Работнички се на добар пат да заборават дека воопшто имаат обврски во годинешниот плејоф, со оглед на тоа што паузата помеѓу нивниот последен меч од регуларниот дел од шампионатот (16 април) и првата плејоф-обврска (6 мај) е неверојатни три недели.
Освојувањето на првите две места на табелата во првиот дел од првенството на кавадарчани и на скопјани им донесе ослободување од обврските во првиот плејоф-круг во кој обврски за настап имаа тимовите пласирани од третото до шестото место во Суперлига. Сепак, системот на натпреварување и направениот календар, во кој има премногу празнини во термините, им донесе големи главоболки на тренерите Емил Рајковиќ и на Марин Докузовски.
Стратезите на двата најдобри македонски тима во моментов имаат сериозни проблеми да ја одржат формата на своите екипи. Во периодот кога во нормални услови треба да се во врвен натпреварувачки ритам, кошаркарите на Фени И. и на Работнички имаа премногу долг „празен од“, во кој е неверојатно тешко да се одржи концентрацијата, но и квалитетот потребен за клучните пресметки на патот кон шампионската титула.
- Играчите веќе се нестрпливи, со нетрпение очекуваат да им почнат обврските во плејофот, бидејќи неочекувано со соочија со предолга пауза. Три недели без мечеви е долг период дури и во зимскиот период, а камоли во време кога треба да се решава првенството. Навистина не знам кој е виновен за ова, но двата клуба непотребно се најдоа во ваква ситуација. Најтешко, сепак, ни е нам, на тренерите. Тамам ја темпиравме формата за крајот од регуларниот дел од првенството па веднаш потоа се соочивме со долг неактивен период во кој е многу тешко да се тренира. Се надевам дека паузата нема да остави поголем белег во нашата игра и дека ќе бидеме максимално подготвени за полуфиналето, а се надевам и за финалето од плејофот - ни изјави Емил Рајковиќ, тренерот на Фени И.
Проблемот со долгата пауза со која се соочуваат двете првопласирани екипи од регуларниот дел наведува на размислување дека сегашниот плејоф-систем не е добар. Речиси во ниту едно друго европско првенство не се игра според ваков принцип во кој едни екипи одмораат, а други играат. Пропустот во плејоф-системот е забележан и во канцеларијата на Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), каде што веќе размислуваат да направат промени за следната сезона.
- На некоја од следните седници на Здружението на прволигашите ќе предложам следната сезона плејофот да се игра по променет систем. Според него, во плејофот, наместо шест, ќе играат осум екипи, значи сите освен тие две што ќе испаднат. Со тоа ќе немаме тимови на кои прерано ќе им заврши сезоната како и екипи што ќе паузираат подолг период додека другите играат. Би се играл класичен плејоф-систем (1-8, 2-7, 3-6, 4-5 - н.з.) сè до финалната серија. Мислам дека клубовите не би имале проблем да го прифатат овој систем - ни изјави Томе Димишковски, комесарот за натпреварување во КФМ.
„Мајсторката“ задутре, полуфиналето од 6 мај
Решавачкиот меч од четвртфиналната-плејоф серија помеѓу Амак-СП и МЗТ Скопје ќе се одигра задутре во Охрид иако начелно беше договорено да се игра утре. Причина за еднодневното одолжување е барањето на МТВ, која ќе врши пренос од овој меч, а кое без проблем е прифатено од двата клуба.
Полуфиналната плејоф-серија, пак, во која ќе се сретнат Фершпед Работнички и Свислајон Пелистер односно Фени индустри и победникот од задутрешната „мајсторка“ во Охрид, ќе почне на 6 мај. Работнички и Фени (без разлика против кого ќе игра) ќе имаат стартна предност од 1-0 поради подобриот меѓусебен скор, а сериите ќе се играат според принцип „кој прв до три победи“.
И.К.
прочитано: 8 коментари: 0 [Печати ја статијата]
Коментари