Super kolumna za gluposta so rejtingot na NG.
Избори
Доколку нема предвремени избори, не' очекуваат времиња во кои секојдневно ќе бидеме изложени на маркетиншки кампањи и ветувања од кои резултатите повторно ќе бидат никакви или магловити како и досега. Власта постојано ќе има потреба од дневни додворувања и помпезности без да има волја да направи реформи
На Македонија и' се потребни предвремени парламентарни избори. Ако тие не се можни до крајот на годинава, тогаш терминот за нови избори во април 2008 година е одличен. Од тоа корист би имале сите, без исклучок.
Начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ и нејзините коалициски фанови ја практикуваат власта не остава многу простор за дилема. Само со една единствена цел - да се добијат и наредните избори, тие практично влегоа во кампања од првиот ден по победата на минатите избори. Целата политика, наместо да ја насочат кон подобрата иднина на земјата, за жал, е насочена кон подигнувањето на симпатиите на јавноста кон власта. Таквата политика, во принцип, најчесто е спротивна на долгорочните интереси на земјата. Од таа болест оваа власт нема да се ослободи се' додека не дојдат нови избори. Дотогаш може да е доцна.
Владата ја испушти првата година од своето владеење за да ги промовира и оствари тешките и непопуларни реформи. Тие беа повеќе од потребни бидејќи некои вистински резултати и онака изостанаа. Показатели за тоа се вкупното заостанување на Македонија на патот кон ЕУ и натамошниот раст на невработеноста, нашиот најзначаен проблем. Владата се посвети само на оние работи кои носат дневни поени, како на пример зголемување на трошењето во земјата, ветувања за раст на приходите на јавните служби и слично. Со тоа дневни поени се добија, но резултати нема. Вистинските и тешки реформи остануваат на страна, а со оваа власт дури и невозможни. До редовните избори остануваат помалку од три години, а за тоа ќе треба нов мандат од четири години. За успех на Македонија и е потребна власт која е спремна да презема храбри и болни, но долгорочни чекори.
Затоа е најдобро да се оди на избори што е можно побрзо. Од друга страна владејачката партија на анкетите на јавното мислење стои толку добро што со брзи избори таа и нема што да загуби. Анкетите велат дека дури и ќе ја подобри својата позиција во Собранието и Владата. Нејзината победа, наводно, не е доведена во прашање. Всушност, според истите тие анкети, брзите избори би биле на штета на СДСМ. Во тие услови изборите и нов четиригодишен мандат ќе придонесат оваа иста власт во иднина да може да се концентрира само на иднината на земјата, а не на потребата од дневно додворување кон граѓаните заради наредните избори и сопствената иднина.
Проблеми можат да произлезат од НСДП. Таа партија, според анкетите, веќе нема влез во Собранието. Затоа ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да ги одоброволи со отстапување на барем шест добитни места од своите листи во корист на нејзините кандидати. Со тоа тие ќе бидат доволно среќни и ќе прифатат предвремени избори веднаш.
Ако одиме понатаму, изборите ќе дадат и уште еден важен одговор. Интересно ќе биде да се види, по се' што се случи, како ќе гласаат Албанците, односно каков ќе биде соодносот на гласовите помеѓу ДУИ и ДПА. Тој сооднос директно ќе го искаже и степенот на (не)довербата на Албанците кон актуелнава власт. Тоа ќе биде од огромно значење за власта и идните чекори на тој план. Прашањето пак за тоа кој од Албанците ќе учествува во власта е веќе решено. По случувањата од последните избори тоа и онака е прашање на избор на победничката партија кај Македонците, а не е избор на Албанците.
Со тоа сите дилеми би требало да се решени. На Македонија и' се потребни брзи избори со цел властите да можат да почнат да го работат тоа што од нив се очекува. Актуелната коалиција не би била загрозена и наместо помалку од три, по новите избори би добила уште цели нови четири години на власт.
Доколку нема предвремени избори, не' очекуваат времиња во кои секојдневно ќе бидеме изложени на маркетиншки кампањи и ветувања од кои резултатите повторно ќе бидат никакви или магловити како и досега. Власта постојано ќе има потреба од дневни додворувања и помпезности без да има волја да направи реформи. Мала група на луѓе по пат на креирање на заблуди во јавноста, де факто, ќе се пресмета со сопствената држава во своја корист. Постои опасност во Македонија да се создаде и антиевропско чувство и впечаток дека ЕУ, која постојано од нас бара нешто невозможно и нелогично, можеби и не ни е потребна сега, односно дека тоа прашање може да причека додека ние самите не одлучиме дека ни е навистина потребно. Така до пред неколку години правеа и властите во Србија и за тоа имаа домашна поддршка, па на крајот излезе дека страшно погрешиле.
Кој би бил интересот на опозицијата од сето ова? Според анкетите, опозицијата би останала опозиција (со повеќе или помалку пратеници) и без избори и со брзи предвремени избори. Во време на избори состојбите брзо се менуваат, но сегашнава состојба веројатно не може наеднаш драматично да се смени. Користа е што ќе се прекине сегашниот непродуктивен и бескорисен начин на владеење на оваа коалиција. Ако и по нови избори тоа сепак не се случи, тогаш на наредните избори во 2011/12 година Македонија ќе биде во таква безизлезна состојба што ќе биде сеедно кој е на власт и кој ќе биде одговорен за тоа.
П.С. По повод пишувањата за мене во општинскиот весник, би сакал да му порачам на градоначалникот на Аеродром (кој, да потсетиме, на референдумот во 2004 година беше против постоењето на општината Аеродром) да не мисли дека со ставање на понекоја клупа (со седишта од чист плех) и изградба на понекоја фонтана (со дизајн од 1967 година) ги решава проблемите на граѓаните. За тоа треба малку повеќе отколку навика градоначалникот да се расправа со сите: министрите, пратениците, скопските градоначалници, претседателот на советот и сите советници во општината, градските власти на сите нивоа, директорите на јавните претпријатија, сопствената партија, па на крајот и со самите граѓани на општината. Впрочем и општинскиот весник го печати само заради тоа.
Никола Поповски