Ај уште еднаш. Аман бе?
Паднаа две гранати спроти Владата
Во близина на зградата на Владата на Република Македонија вчера меѓу 00.30 и 1 часот по полноќ експлодирале две гранати, соопшти вчера попладнето Министерството за внатрешни работи.
Државната агенција МИА во 14.30 часот емитуваше вест дека кон Владата се испукани две гранати од тромбонски минофрлач.
МВР соопшти дека "ги презема сите неопходни мерки за откривање на мотивот и потврдувањето на сомневањата за лица кои евентуално би можеле да стојат зад гранатирањето".
Владиниот портпарол Ивица Боцевски за МИА изјави дека зад нападот стојат политички мотиви. "На политичките инспиратори Владата им порачува дека пораката е примена и дека со овој чин само ја зацврстија нејзината одлучност да продолжи со истите политики што ги спроведуваше и досега", изјави за МИА портпаролот Боцевски и од името на Владата им порача на "сторителите и наредбодавците на овој чин дека ќе се најдат зад решетки".
На редовниот утрински брифинг во МВР експлозиите во центарот на Скопје не беа споменати.
На прашањето зошто се чекало речиси 14 часа за портпаролот Боцевски да објави дека "владата била предмет на терористички напад", тој во телефонски разговор вчера попладне ни рече дека "било потребно време за да се направат сите анализи, па после да се информира јавноста".
Според соопштението на МВР едната граната експлодирала на улица Орце Николов бр.58 помеѓу зградите удирајќи во крошната на едно дрво, а другата спроти владината зграда, пред Јапонскиот конзулат удрила во бетонски sид.
Екипи за антитероризам на МВР ги дале гранатите на вештачење. Утврдено е дека тие биле испукани од рачен фрлач со калибар од 40 мм, со домет од 450 метри. Според анализите, потеклото на гранатите е од Јужноафриканската република.
Во Генералштабот на АРМ ни изјавија дека Армијата не поседува никакво оружје со потекло од Јужноафриканската република.
Луѓето што живеат во близина на Владата рекоа дека слушнале две експлозии и се вознемириле. Но, кога виделе дека нема никој околу Владата си легнале и продолжиле да спијат.
Премиерот и министрите од 3 до 13 август се на годишен одмор.
Портпаролот Ивица Боцевски кој за МИА изјави дека "Владата беше предмет на терористички напад", во телефонски разговор за ВЕСТ рече дека премиерот Никола Груевски нема да го прекине одморот и нема да се врати. Во неделата Владата објави дека премиерот ќе одмара "во Македонија, или во соседството".
Од МВР вчера не добивме потврда дали министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска нема да се врати од Англија, каде што го минува кусиот колективен годишен одмор.
Вест