Победа за јубилејот на Седлоски Азербејџан - Македонија 1-3
Недела, 30 Мај 2010 12:58
Македонската фудбалска репрезентација иако ослабено со отсуството на нашиот најдобар играч, Горан Пандев успеа да ја надигра селекцијата на Азербејџан предводена од познатиот фудбалски тренер Берти Фогтс и да ја совлада убедливо со 3-1 (1-0).
Нашата репрезентација на оваа средба стартуваше во следниот состав: Пачовски, Попов, И.Митрески (Седлоски) , Грнчаров (Новевски)Лазаревски (Тодоровски) , С.Георгиевски (Шиков), Деспотовски, Шумуликоски, Куртиши (Илијоски) , Тричковски, Ристиќ( М.Ѓуровски) .Селектор : Мирсад Јонуз.
Нашата репрезентација поведе во 8. минута по извонредниот удар на Иван Тричковски, кој го постигна својот првенец во националниот тим. Во 66м. Деспотовски со помош на Садигов кој ја допре топката зголеми на 2-0, а во 88. дебитантот Ѓуровски го постигна веднаш и дебитантскиот погодок за убедлива предност на нашиот тим од 3-0.
Во 90-тата минута Мамедов ублажи на конечни 3-1 за Македонија.
Ова е трета победа за нашата селекција во 4. дуел против Азербејџан и петти натпревар без пораз ( четири победи со Катар, Канада, Црна Гора и Азербејџан и нерешено со Иран).
- Им честитам на моите фудбалери за добриот натпревар, на кој доминиравме сите 90минути. Дебитантите Ѓуровски, Тричковски и Куртиши, како и останатите играчи ја оправдаа довербата на овој натпревар и што е најважно по подолга пауза голови постигнуваат и играчите од средниот ред. Победата против Азербејџан е веќе минато и од денеска се подготвуваме за следниот предизвик во среда кој се вика Романија. Уште еднаш му честитам на капитенот Седлоски за 100-тиот настап кој беше бурно поздравен од публиката. Останатите кои не настапија вчера како Ибраими, Савиќ, Алими, Грозданоски и Нурединоски ќе добијат шанса против Романија. За утре се предвидени два тренинга, а во вторник еден. Повредени нема , само Грнчаров го ослободивме од репрезентативните обврски- изјави денеска, ден по натпреварот селекторот Јонуз.
Дебитантот Ѓуровски не го крие своето огромно задоволство од успешното деби:
- Повеќе од задоволен сум со мојот дебитантски настап. Вистински начин да се оправда довербата на селекторот. Пред се одличен натпревар и резултат за нашата селекција со три прекрасни гола и пред се лесна и течна игра со многу додавања што мене многу ми одговара и се надевам дека брзо ќе се вклопам во системот на игра на селекторот Јонуз на кого му се заблагодарувам што ги следеше упорно моите настапи во тимот на Војводина и ми даде шанса да се докажам во националниот дрес. Се надевам дека ќе ги оправдам очекувањата и ќе се одолжам со добра игра и голови.
Следниот натпревар е на 2. Јуни во Вилах кога Македонија игра против Романија (19ч).