Една приказна, една дилема
Ете сеа што направивте, ме потсетивте на една дилема која ме мачеше во пред многу, многу години (две), во една дааалечна земја (Грција)

Значи, конференција некаква и не толку важна, пролет, море, тип од запад кој премногу личеше на мојот прв озбилен дечко, коициденција ли? Морам да проверам дали хемијата е обострана, и оп, види, налетав на добар играч, одличен дури. Како само мазно го фати мојот поглед од другиот крај на просторијата, и го задржа точно колку што треба, и сето ова за време на прилично ужарена дискусија. Опасен е. И женет. И јас имам дечко. И не сум депилирана. Добро е, има сламки за кои ќе се фаќам.
...
Свечена вечера вечер. Крај на конференцијата. Се киснам во када со брич во рака. Ќе се средам и ќе го облечам свечениот фустан кој ми стои прекрасно и ужасно секси, и ќе се опиеме и ќе завршиме во кревет. Сама сум во соба за двајца, креветот плаче за секс секоја вечер. Никој нема да дознае. А однекаде имам и кутија Дурекс у куфер, најверојатно дечко ми ми ја подметнал, се одмаздува за тоа што му го дадов кога он беше на пат. Најверојатно е и истата кутија
Ајде освести се! Што рековме:
1) Не си депилирана.
2) Имаш дечко, го сакаш, те сака, се сакате.
3) Женет е.
Облекувам пантолони за свечената вечера. Некако успеа да седне до мене, иако беше зафатено, пиеме вино и се смееме, вешто избегнува да ја спомне жена му во секаков разговор, се опуштам и уф, спротивно на сите закони пред мои очи бурмата на неговиот прст почна да се смалува до ништожност. Посакувам да ми ја тргне косата и да ме бакне во вратот. Брррр. Добро е што не се избричив, ич не се осеќам секси вака со прашума на нозете, добро е екс-машино, одлично си се упознала себе си и границите на својот карактер. Се повлекувам мирно од вечерата, со нечив поглед закован за мојот грб. Не се вртам. Имам негова визитка, но со предумисла ја оставив во торбата, заклучена во конференциската сала. А и он е некоја ѕверка, млад (ммм) и премногу амбициозен (бљак). Долго се гледам во огледалото во мојата соба, и пред да успеам да се соблечам, стигнува СМС. Уште ли предизвици? Колку сум навистина јака? Се мислам дали да ја прочитам пораката. Не ја читам. Стига уште една. Телефонот почнува да ѕвони. Ги читам пораките, ќерката на домаќинот ме вика да идеме во локалното диско. Одлично, ќе се изморам и ќе спијам и нема да мислам. Крај. Утре си одам дома.
И шо сеа, неверна сум? Мислам не. Имаше дилема, се мачев, ме болеше глава, но на крај извојував победа над себе. Не му ја допрев ни раката, а само јас знам колку многу сакав. Ама тогаш флертот ќе преминеше на друго ниво, и веќе никој немаше да може да се прави наивен. Единствено што сеуште ме мачи е редоследот на причините 1) па 2) па 3). Требаше да биде прва 2) па 3), а 1) ирелевантна. Или 3) па 2) па 1) ? Ама тоа е тоа, најискрено, ex machina.