Фудбалерите на Пелистер неделава со по еден тренинг стартуваа со подготовките
20 ЈАНУАРИ 2011
0
-Фудбалерите на Пелистер ги почнаа подготовките за пролетниот дел во кој ќе се обидат да се спасат од испаѓање.
-На прозивката го немаше најдобриот млад фудбалер на Македонија, Владица Брдаровски, а на пат за нов трансфер е Александар Велјановски.
Екипата на Пелистер која го заврши есенскиот дел на последното место на табелата, во саботата, по неколкудневно одлагање ги почна подготовките за пролетниот дел од оваа сезона, во која ќе се обидат да обезбедат опстанок во најквалитетното македонско фудбалско друштво. Дали ќе успеат во тоа ќе се знае по завршувањето на сезоната, некаде кон крајот на мај, но уште сега на сите им е јасно дека тоа ќе биде многу тешко со оглед на се уште актуелните финансиски проблеми во клубот.
Подготовките почнаа во саботата со првата прозивка на тренерот Неџат Хусеин, без многу новајлии и со умерен оптимизам.
Тренерот Неџат Хусеин верува дека оваа пролет која е на прагот може да донесе новини во клубот.
-Ги почнавме подготовките што ќе се одвиваат во неколку фази, како што и треба да се одвиваат едни подготовки. Оваа седмица тренираме по еднаш на ден, за да влеземе во форма, а потоа ќе го засилиме темпото, со два тренинзи дневно. По одработувањето на првата фаза од подготовките се надевам дека десетина дена ќе тренираме и некаде каде што е потопло и каде што ќе најдеме и екипа за да можеме да одиграме и неколку контролни натпревари, што секако е дел од планот за подготовките, вели тренерот Хусеин.
За играчкиот кадар на екипата тренерот вели:
-Оваа пролет ќе бидеме покомплетни и поподготвени од есента, а со оглед на тоа сигурно ќе бидеме подобри од лани, а со тоа ќе имаме и повеќе бодови со кои ќе се обидеме да избегаме од дното на табелата.
На тренинзите, а и на прозивката го немаше најдобриот млад фудбалер на Македонија, Владица Брдаровски кој е во Чешка каде ги прави последните чекори за неговиот трансфер во екипата на Брно.
По пропаѓањето на трансферот на Александар Велјановски во екипата на Работнички, поради (пре)големото обештетување што го побара Пелистер, Велјановски сега е во рацета на неговите менаџери кои преговараат со српски клубови. Дали ќе дојде до реализација на овој трансфер ќе зависи од висината на обештетувањето, што ќе се бара за Велјановски, бидејќи тој се уште е аматер и нема право во зимскиот период да бара нов клуб без обештетување.
Освен нив, иако беше најавено дека ќе има неколку заминувања, од тоа нема ништо. Сите остануваат во тимот.
Новите имиња се фудбалери кои се деца на Пелистер, а во есенскиот дел на сезоната играа за второлигаши или третолигаши. Во Пелистер најверојатно ќе се вратат: Антонио Бујчевски, Сашо Велјановски, Александар Василев, Владе Китановски, Благојче Ралевски и Александар Коњарски.
Иако имаше најава дека ќе се врати Сашо Лазаревски, сепак тој ќе настапува за Напредок од Кичево. Се уште во комбинација се Марковски и Шалевски од Силекс. Нивните имиња веќе неколку преодни рока се вртат во фудбалските битолски кругови за враќање во Битола.
За шансите за опстанок на Пелистер во Првата фудбалска лига Хусеин е конкретен:
-Нема да биде едноставно, бидејќи сите екипи се засилуваат, но верувам дека докрај ќе се бориме за секој бод за да останеме меѓу прволигашите.
izvor