МЛАДИНСКА КНИГА- извадок од книгата ХАРИ ПОТЕР И ПОЛУКРВНИОТ ПРИНЦ напиша:
– А сега – рече Слагхорн – време е да почнеме да работиме.
– Господине, уште не ни кажавте што има во оној котел – рече Ерни Мекмилан, покажувајќи на малиот црн котел на масата на Слагхорн. Напивката во него весело клокотеше. Беше со боја на леано злато, а големи капки од него потскокнуваа од него како златни рипчиња над површината, иако ниедна капка не падна надвор од котелот.
– Охо! – рече Слагхорн повторно. Хари беше сигурен дека Слагхорн сигурно не ја заборавил таа напивка, туку чекаше да го прашаат за неа, поради драмското дејство. – Да. Таа. Па, таа напивка, дами и господа, е чудна мала напивка наречена феликс фелицис. Претпоставувам – тој се сврти, насмевнувајќи се, кон Хермиона, која гласно воздивна – госпоѓице Гренџер, дека знаете што предизвикува феликс фелицис?
– Тоа е течна среќа – рече Хермиона восхитено. – Ве прави среќни!
Сите во одделението малку се исправија на столовите. Сега Хари можеше да ја види само измазнетата, светлоруса коса на Мелфој, зашто тој најпосле на Слагхорн му го посвети целосно своето внимание.
– Точно така, уште десет поени за Грифиндор. – Да, таа е навистина необична мала напивка – рече Слагхорн. – Многу е тешко да се направи, а притоа може да биде погубна, ако нешто згрешите. Сепак, ако се свари како што треба, како оваа, ќе откриете дека вредело да ги вложите сите ваши напори... барем додека не помине нејзиното дејство.
– Зошто тогаш луѓето не ја пијат постојано? – праша љубопитно Тери Бут.
– Бидејќи, ако се пие претерано, предизвикува лекомисленост, непретпазливост и опасна самоувереност – рече Слагхорн. – Ако пиете претерано нешто што е добро, веќе знаете... во големи количества е многу отровно. Но, ако го пиете умерено и многу ретко...
– Господине, дали вие некогаш сте ја пробале? – праша Мајкл Корнер љубопитно.
– Двапати во животот – рече Слагхорн. – Еднаш кога имав дваесет и четири години и вторпат кога имав педесет и седум години. По две полни големи лажици со појадокот. Два совршени денови.
Професорот сонливо се загледа во далечината. Без оглед на тоа дали се преправа или не, помисли Хари, ефектот беше добар.
– И тоа е она што ќе ви го понудам – рече Слагхорн, очигледно повторно враќајќи се на земја – како награда на овој час.
Завладеа тишина при која секое вриење и клокотење на напивките околу нив можеше да се слушне повеќепати посилно.
– Едно малечко шишенце феликс фелицис – рече Слагхорн, вадејќи од џебот многу мало шишенце со пагур и покажувајќи им го на сите. – Доволно е за дванаесет часови среќа. Од взори до самрак ќе имате среќа во се што ќе се обидете.
– Сепак, морам да ве предупредам дека феликс фелицис е забранета супстанција во организираните натпреварувања, спортски настани, на пример, на испити или избори. Поради тоа победникот може да ја ползува само во текот на за него обичен ден... и да гледа како тој обичен ден станува необичен!
– Значи, – рече Слагхорн, ненадејно живнувајќи – како ќе ја освоите оваа волшебна награда? Па, свртете ја страницата десет во „Повисоко ниво на подготвување напивки“. Ни остана малку повеќе од еден час, што би ви било доволно да се обидете во правењето пристојна напивка раствор на жива смрт. Знам дека е посложено од се што досега сте се обиделе да направите и не очекувам никој од вас да направи совршена напивка. Сепак, тој што ќе ја направи најдобро од вас, ќе го добие овој мал феликс.