KohlBass напиша:
Проблемот е што многу други луѓе ме доживуваат многу различно од она што навистина сум. Сепак, тоа си е нивен проблем. Јас само го правам тоа што мислам дека е правилно во моментот.
Кои се тие многу други луѓе? Пријатели? Роднини? Другари? Познаници?
Aко константно добиваш впечаток дека луѓето те доживуваат поразлично од она што си, сигурно правиш некоја грешка во начинот на претставувањето на себеси. Велиш дека секогаш реагираш како што ќе ти дојде во моментот, но не би рекла дека секогаш е така. Не верувам дека не би се запрашал за било што дали ако постапиш вака или онака ќе биде правилното. Тука веќе станува збор за дилемата дали со едниот или другиот начин ќе бидеш она што си. Можеби и двете опции ќе бидат олицетворение на „јас”, но не се исклучува можноста некогаш изборот да биде токму оној кој не` прави други. Кога ќе се појави таа дилема, се поставува прашањето дали тоа ќе бидеш ти, некоја твоја скриена страна која чекала да биде откриена или нешто што не е својствено за тебе. Е тогаш зависи од тебе дали ќе ја дефинираш следната постапка како твоја, како подзаборавена, како туѓа или ќе продолжиш понатаму со тоа што туѓата ќе ја прифатиш како нова и ќе стане дел од тебе.
Никој не останал потполно ист во текот на животот, секој се труди да се надогради како личност, да научи нешто ново за себе, да научи нови начини како да си ја претстави својата личност. Тамам работа ако шаблонски им даваме шанса на другите да не` научат и да стекнат одредено мислење за нас.
Кога ќе ме доживее некој поразлично од она што сум, од она што знам дека сум, ќе се потрудам да одберам друг начин кој ќе биде поразбирлив, поблизок за да покажам. Нема да и` се препуштам на рамнодушноста, нема да речам тоа е нивни проблем ако во очите, мислите и душата на другите јас сум друга личност. И пак ќе реагирам во моментот како што ќе ми дојде, пак ќе бидам она што сум, ама нема да бидам пасивна кога станува збор за погрешно сфаќање на мојата личност. Чекорот, пристапот и начинот ќе ги сменам, повторно тие ќе се својствени за мене и нема да се изгубам во барање пат како да го остварам тоа, нема да има потреба од глумење за постигнување на целта. Сево ова зависи за кои луѓе се работи и за што. Секако дека има случаи кога не ми е баш важно и не се трудам да одберам поразличен начин за да покажам која сум, што не значи дека нема да дојде ден кога ќе ми стане важно.
Лошо е ако скршнеш од себеси и заборавиш кој си бил, ако те понесе желбата само да бидеш прифатен, да користиш методи кои се далеку од тебе. Секогаш има начин да се прилагодиш на свој начин, без да се изгубиш и да не се препознаваш себеси. Се` е тоа дали сакаш да бидеш правилно сфатен и прифатен, до тоа дали ти значи како ќе те доживеат другите околу тебе и до начинот кој ќе го одбереш за постигнување на таа цел.