„Балкан блот“ - метал-фестивал во „Хавана“
Делчевскиот состав „Верка“, гевгелискиот „Марас“, Романците „Ашаена“, Хрватите „Прогнан“ и Грците „Макабре винтер“, на 27 февруари ќе настапат во скопскиот клуб „Хавана“. Тие ќе свират на еднодневниот метал-фестивал наречен „Балкан блот“, кој ќе претстави некои од подобрите состави од околните држави
Музиката на „Марас“ претставува фузија помеѓу суровите звуци на црниот метал, измешани со македонските автентични фолк-елементи и многу други музички жанрови. Бендот што доаѓа од нашиот јужен сосед е оформен во 2005 година и целта на музичарите била да докажат дека за краток период може да направат солидна кариера и да одржат многу концерти, што им успева.
И Романците „Ашаена“ се релативно млад бенд, но со сериозен пристап кон метал-музиката. Составот за брзо време успева да привлече голема армија обожаватели. Во моментов го подготвуваат материјалот за својот прв албум.
За хрватскиот состав „Прогнан“ може да се каже дека е бенд што почна да функционира благодарение на големата визија на музичарите. Токму нивните јасни идеи за креирање агресивна музика го доведоа составот во врвот на хрватската метал-сцена.
Иако сите најавени бендови не се непознати во своите земји, сепак можеби главните ѕвезди на фестивалот се домашните „Верка“. Оваа група на македонската рок-сцена опстојува повеќе од десетина години. И покрај тоа што зад себе имаат само еден албум, насловен „Јаггах“, вокалистот Никола Тричко, гитаристот Зоран Андоновски-Типе, тапанарот Влатко Ѓоргиевски-Далтон и Бране Антовски, кој свири на народни инструменти, имаат култен статус на актуелната македонска рок-сцена. На овој концерт момците ќе отсвират дел од песните што се наоѓаат на албумот, но и неколку нови, кои според зборовите на членовите се многу помоќни во однос на претходните.
Во својата еднодецениска кариера, „Верка“ имаше голем број настапи. На фестивалот „Таксират“ во 2001 година тие ја делеа сцената со култниот словенечки состав „Лајбах“, а беа и предгрупа на првиот концерт на „Соулфлај“ во Скопје. Токму настапот пред Макс Кавалера и „Соулфлај“, кој се случи на 27 февруари 2003 година, беше нивното последно концертно претставување пред публиката. Пред десетина месеци „Верка“ го најави своето враќање на музичката сцена, кога во „Хавана“ одржа заеднички концерт со „Дедикејтед фор лајф“.
Членовите на групата, кои претходно беа дел од делчевските групи „Њу ејџ месаја“ и „Модифајд гадс“, во 2000 година се фузираа во „Верка“, со што почнаа да прават сопствени песни, кои се базираа на тврдиот метал-звук со примеси на индастријал. Во почетокот од 2001 година „Верка“ беше победник на „Рок-фест“, и тоа според гласовите на жирито и на публиката, а неколку месеци подоцна беше и првопласиран на „Лузер фест“, помалото братче на интернационалниот фестивал „Таксират“.
#