Липосукција
Како да бидеме супер „скини“? Најчесто со стриктни диети и програми за вежбање но идеално рамни стомаци, затегнати задници и бутови? Тоа се региите на телото кои најслабо реагираат на диети и вежбање и тоа е една од причините зошто во САД се прават 500.000 процедури на липосукција годишно! (Според Американското здружение за дерматолошка хирургија).
Секако знаеме дека со липосукција се отстранува масното ткиво од одредени делови на телото, но што е всушност липосукција?
Масни клетки распоредени во поткожното ткиво
Прво, масното ткиво ( медицински адипозно ткиво) е изградено од масни клетки кои ги складираат мастите како извор на енергија. Масното ткиво е поставено субкутано-по кожата. Распоредот на масното ткиво во телото зависи најмногу од полот : Кај мажите масното ткиво има тенденција да се натрупува во предел на градите и стомакот. Кај жени во дојките, колковите, долниот дел од стомакот бутовите и задникот.
Масното ткиво е распоредено во два слоја : длабок и површински слој. При изведување на липосукција ( исто така липопластика и сукциона липотомија) се прави мала инцизија (засек) и се внесува шуплива, метална цевка ( наречена канила) во длабокиот слој на масното ткиво. Изведувањето на процедурата е побезбедно во длабокиот слој во однос на површинскиот за да се избегне оштетување на кожата. При изведувањето на липосукцијата, докторот ја притиска и влече канилата низ слојот на масно ткиво ( една нова техника, повер липосукција се изведува со автоматизирани движења). Како што се движи канилата го раскинува масното ткиво и со вакуум пумпа ова ткиво се отстранува. (сукција).
Изведба на липосукција пред и потоа
Липосукцијата најчесто се користи за козметички цели, пред се на стомакот, задникот, бутовите, колковите и сл. но исто се употребува и за намалување на дојки кај мажи со хормонални пореметувања и за отстранување на тумори со масно ткиво (липоми). Масното ткиво може да се отстрани од повеќе делови на телото со една хируршка процедура.
Важно е да се напомене дека липосукцијата не е интервенција за намалување на телесна тежина; повеќе е интервенција со која се менува обликот на телото. Само диета и вежби можат да доведат до вистинско намалување на телесната тежина.
Кои се најдобри кандидати за липосукција ?
Големите наслаги на масно ткиво не значат и најдобар ефект на липосукцијата. Напротив, обично луѓето кои имаат приближно нормална тежина и се во добра општа состојба се најдобри кандидати бидејќи нивната кожа е цврста и еластична. Доколку кожата не е доволно еластична ќе биде развлечена по интервенцијата. Затоа кај постари пациенти не се добиваат така добри резултати како кај помлади. Исто така потребна е добра општа физичка состојба за изведување на операцијата.
Луѓето кои имаат дијабетес, болести на срцето, слаба циркулација, инфекција, историја на крварење или пореметување на згрутчувањето на крвта (тромбоцитопенија на пр.) треба да се обратат до матичниот лекар пред изведување на процедурата. Липосукцијата не се препорачува кај луѓе кои пијат лекови против згрутчување на крвта (на пример аспирин, варфарин или хепарин).
Бидејќи постојат повеќе типови на липосукција, а некои луѓе не се воопшто добри кандидати за липосукција, секоја операција треба да започне со косултација. Потребан е целосен преглед и одредување на еластичноста на кожата како и евелуација на распоредот на масното ткиво. Потоа докторот одредува која процедура е најдобра за секој пациент посебно.
Липосукцијата се изведува во болнички услови и помалите зафати обично се изведуваат амбулантски, без хоспитализација.
Пред изведувањето на процедурата докторот ја обележува кожата од каде ќе биде отстрането масното ткиво.
Како и кај другите хируршки операции, липосукцијата се изведува со анестезија. Типот на анестезија зависи од обемот на операцијата, така да за мали зафати обично се користи локална анестезија а за поголеми општа анестезија.
На почетокот, докторот прави мала инцизија (засек) и преку него ја внесува канилата во длабокиот слој на масно ткиво. Канилата се движи брзо напред назад со што се раскинува масното ткиво кое се ушмукува (сукција) со вакуумска пумпа која е приклучена на канилата. Канилата прави тунели низ маснот слој кои по операцијата мора да колабираат, да се затворат за да заздрави самото место и да се фромира новиот облик на телото. Затоа пациентите мора да носат компресивна облека по операцијата. Бидејќи со операцијата се губат течности можно е да има потреба од давање на интравенски раствори за време и по операцијата.
Липосукциони техники
Постојат неколку типови на липосукциски техники:
Тумесцентна техника
Оваа метода е развиена од пластичните хирурзи во 1980-тите години и е една од најчесто употребуваните. Се смета за побезбедна од останатите бидејќи го ограничува губењето на крв и обично не е потребно давање на интравенски раствори. При оваа процедура, докторот инјектира голема количина на анестезирачка течност ( пет пати повеќе во однос на волуменот на ткиво кое е планирано да се отстрани) во масниото ткиво. Течноста содржи локален анестетик, лидокаин, еден лек кој ги стега крвните садови -адреналин и солен раствор за полесно отстранување на масното ткиво. Течноста предизвикува масното ткиво да отече и да стане поцврсто со што полесно се отстранува со канилата. Бидејќи течноста содржи доста лидокаин, операцијата обично се изведува со локална анестезија. Иако трае подолго од другите операции-околу 4 до 5 часа-предности на оваа техника се намален пост-оперативен оток, помалку модрици и болка.
Супер-вет техника
Оваа техника е слична на претходната, со исклучок на тоа дека се употребува помалку течност (количината на течност е еднаква на волуменот на ткиво кое е планирано да се отстрани). Иако мала количина на лидокаин понекогаш се додава на течноста, сепак оваа техника се изведува под општа анестезија и трае од еден до два часа.
Ултразвук-асистирана липосукција
Оваа релативно нова техника користи посебни канили кои вибрираат многу бро и кои создаваат ултразвучна енергија. Како канилата поминува низ масното ткиво, енергијата ги уништува клетките кои потоа се отстрануваат со вакуум-пумпа. Ултразвукот може да биде поставен над кожата (со специјален емитер) или под кожата (со ултразвучна канила).
За изведба на оваа процедура обично е потребно повеќе време во однос на другите процедури, но затоа е попрецизна, особено при отстранување на масно ткиво во фиброзните делови на телото како грбот или машки дојки. Недостаток е тоа што со оваа процедура се ослободува многу топлина и доколку канилата не се извади доволно брзо може да предизвика изгоретина. Долго-трајните ефекти од оваа метода сеуште не се познати.
Повер липосукција
Најновата канила е моторизираната канила, која се движи напред назад многу брзо на растојание од 3 до 5 милиметри. Може да отстрани 40% повеќе масно ткиво во однос на мануелната липосукција, со што многу се скратува времетраењето на процедурата и дава подобри резултати.
По липосукцијата
Доколку процедурата е изведена под локална анестезија не е потребна хоспитализација и пациентот може да си оди истиот ден. Операција под општа анестезија бара хоспитализација на пациентот, обично една ноќ.
По операцијата, многу пациенти имаат дренирање на течност од местото на кое е изведена липосукцијата. Понекогаш лекарите внесуваат мали цевки за да се олесни оваа истекување на течност. Пациентите често носат компресивна облека на местото на кое е изведена операцијата за да се притисне областа, да се намали отокот и да се забрза зараснувањето на местото. Кај некои пациенти се даваат антибиотици за да се спречи инфекција.
Конците со кои се затвара инцизијата се вадат по 10 дена. По 4 до 6 недели отокот треба да се повлече и да се видат резултатите од операцијата. Пациентите треба да избегнуваат тежок физички напор еден месец по операцијата.
Липосукција пред и по операцијата
Липосукцијата е трајна, но не може да ја избрише гојазноста. Ако на некој човек му се изведе липосукција и то ј потоа продолжи да јаде премногу, масното ткиво повторно ќе се појави. Во одредна мера тоа е предизвикано од еден хормон - лептин чие ниво паѓа по вадењето на масното ткиво со што се зголемува апетитот се додека нивото на хормонот не се врати на претходните вредности. Ова особено е многу изразено кај гојазни луѓе. Липосукцијата може да се повтори доколку е неопходно но нема гаранција дека истиот ефект нема пак да се повтори.
Ризик
Како и кај секоја друга операција и липоскуцијата е сврзана со ризик.
- Инфекција
- Формирање на масни емболуси или крвни емболуси, кои можат да се придвижат кон белите дробови (потенцијално фатална состојба-белодробен емболизам).
- Губење на премногу течности, што може да доведе до шок и потенцијално смрт.
- Насобирање на течности
- Оштетување на нерви кое може да доведе до нечувствителност или промена на чувството во зафатениот дел од телото.
- Отекување кое трае неколку недели до месеци по операцијата.
- Изумирање на кожата (некроза) над местото на липосукција и последователна инфекција.
- Изгоретини од ултразвукот
- Пробивање на органи ( На пример цревата можат да бидат пробиени при липосукција на стомакот).
- Наборување и висење на кожата доколку е отстрането премногу масно ткиво.
- Појава на лузни ( иако се прават максимални напори овие лузни да се мали и скриени).
Во ретки случаи можна е и смрт како резултат на липосукција. Стапката на смртност е различна во различни центри и се движи од 3-50 смртни случаи на 100.000 изведени операции.