Што читате во моментов? (со фотографија)

  • Креатор на темата Креатор на темата PloTwist
  • Време на започнување Време на започнување
1783272694680.jpeg

После кој знае колку години пак ја читам.... беше обавезно четиво на младите.... нешто слично како и со „Страв од летање“ од Ерика Јонг.

да не должам ...

Ако те заборавам, Ерусалим' е роман на американскиот автор Вилијам Фокнер објавен во 1939 година. Романот првично беше објавен под наслов Дивите палми '', што е наслов на една од двете испреплетени приказни.


Романот има единствена структура. Вклучува два дела со независни заплети - трагичната љубовна приказна на маж и жена наречена „Диви палми“ и приказна за затвореник кој поплавата го однела на брод,се обидува да се врати во затвор, наречен е „Стариот Човек“. Секој од деловите е поделен на пет поглавја, кои се наизменични: поглавјето „Диви палми“ и поглавјето „Старецот“, а поглавјата исто така се напишани наизменично. Самиот Фокнер во едно интервју ја објасни структурата на романот на следниов начин:На почетокот тоа беше една приказна - приказната за Шарлот Ритенмаер и Хари Вилбурн, кои жртвуваа сè за љубовта, а потоа ја изгубија. И додека не седнав на маса, немав поим дека ќе добијам две посебни приказни. Меѓутоа, кога стигнав до крајот на она што ќе стане првото поглавје на Дивите палми, одеднаш сфатив дека нешто недостасува; дека приказната треба да се зајакне, некако да се издигне, како контрапункт во музичко дело. Потоа почнав да го пишувам „Старецот“ и го пишував додека темата „Диви палми“ повторно не се издигна; потоа го отсеков Старецот на местото каде што сега завршува неговиот прв дел и ја продолжив приказната за Дивите палми и ја расплетував додека неговиот заплет повторно почна да слабее
 
Ги исчитав сите побитни книги на Мураками, а оваа никогаш не беше преведена на македонски, па седнав да ја читам утрово. Досега прочитав една третина (околу 50 страници од вкупно 150), фино вози, но уште од поодамна Мураками ми стана малце... како да кажам... досаден. :) Секако дека ќе ја дочитам, треба да е ептен лоша за да ја оставам на пола читање.

20260712_113541.jpg
 
Crveno more i morase crveni kuki a :)
Хахаха, да не ги спомнеше, немаше ни да забележам. :D Не, туку на одмор мора голем роман. Лани беше Календарот на Маите од Фериќ, пред тоа Снег од Памук, пред него Маџун на Урошевиќ... Романот има огромна улога во одморот, секогаш.
 
Љубоморееееен! :cautious:

Немој само да ми кажеш дека сега си ја нашол некаде и си ја купил. Се отепав од барање, низ цело Скопје! Им досадив на книжарите по книжарниците...
Не, не. Хаха, ја купив кога излезе, ја прочитав тогаш, сега репете.
 
Не знам кој е овој, ама насловот дали е поврзан со оваа сега веќе епохална песна?

Да, секако дека е. Хрватски автор, мислам дека ги собра сите релевантни балкански награди последниве десетина години. Прочитав 2 од трите романи кои ги има напишано, освен оваа книга која е во издание на Готен и не можам да ја најдам никаде. Последниот негов роман, „Случај на сопствената погибел“ беше преведен лани кај нас од Перун Артис. Го купив два дена откако го објавија и веднаш го прочитав. Неверојатен писател! Интересно е што дијалозите во тие 2 романи (овој и „Црна мајка земја“) му се напишани на Чакавски јазик (говорот во Меѓумурје кој е тежок за разбирање и за Хрватите, а не па за нас) а преводите кај нас се направени така што тој говор е преведен со некој охридски дијалект за што преведувачот Сашо Огненовски ангажирал тим на дијалектолози, лингвисти, писатели и говорители на тој дијалект.

Многу, многу, многу добар писател. Прочитај ја „Црна мајка земја“, верувам дека многу ќе ти се допадне. Мислам дека сите 3 му се инспирирани од вистински настани.
09. Црна мајка земја - Кристиан Новак (ПНВ Публикации, 2021 (оригиналот издаден 2013))

Прегледај го приврзокот 450255

Јас сум човек кој речиси никогаш не плаче. Тврд како орев, некогаш и на тешки животни предизвици ми било тешко да пуштам солза. Но затоа имало случаи кога сум плачел како дете на неважни работи како филмови или епизоди од серии и навистина никогаш не сум успеал да најдам рационално објаснување за тоа. Но книга не ме натерала да пуштам солза... До сега! „Црна мајка земја“ („Črna mati zemla“ во оригинал, на чакавско наречје или подобро, по ново, чакавски јазик) ме скрши целосно, ме наежи, распарчи и ме натера не да плачам, туку да липам на последните реченици пред епилогот. Еве и сега, додека го пишувам ова јас сум наежен од глава до пети и не можам да се соземам по се ова што го прочитав. Не знам ни како да ги објаснам сите овие чувства кои ме запоседнаа без да влезам во спојлери, па затоа доколку не сакате да знаете ништо за романот пред да го прочитате, не продолжувајте да читате надолу. Иако, ќе се обидам да не откријам ништо од главниот тек на приказната освен од прологот и ќе запрам со cliffhanger кој секако ќе ве натера да го прочитате ова ремек дело.

„Црна мајка земја“ е интересно структуиран роман. Почнува со еден краток пролог кој е еден новинарски текст што зборува за еден необичен феномен кој се случува во областа Меѓумурје во денешна Хрватска во 1991 година: во таа година само во таа област се евидентирани дури 21 самоубиство, што е меѓу највисоките забележани стапки на суицид во Хрватска. Од нив, само во едно, неименувано село во Меѓумурје, со само 108 жители, и тоа во рок од само неколку недели, забележани се дури 8 самоубиства од кои само во еден случај е пронајдено проштално писмо во кое е објаснета причината за самоубиството - тешката терминална болест. За сите останати 7, интервјуираните жители на селото наоѓаат причина дел во депресијата која доаѓа со распадот на Југославија односно осамостојувањето на Хрватска, дел во немаштијата која почнува да ги погаѓа сите со бавната смрт на комунизмот, дел во сектата „Црна ружа“, дел во фолклорот и приказните, дел во наводната непозната личност која тајно ги посетувала луѓето и ги наговарала на самоубиство, но дури 89 испитаници како причина за самоубиствата го споменуваат лицето М.Д. кој бил во непосреден контакт со сите 8 луѓе пред да ги извршат тие самоубиства. И сето ова можеби нема да е толку чудно, доколку авторките на тој текст не продолжат дека М.Д. во тоа време, во 1991 година имал само 7 години!

Дејството потоа преминува во Загреб, каде младиот, но веќе афирмиран писател Матија Доленчец се мачи со две работи: првата - авторската блокада која настапува по огромниот успех на неговиот роман-првенец. И втората - врската со девојка која ќе почне полека да го губи и трпението, но и интересот за него кога сфаќа дека Матија лаже за многу работи кои се случиле во неговото детство и растење, дека измислува приказни што реално никогаш не се случиле и најтешко од се - што и самиот верува во нив. Но по нивното разидување, Матија сфаќа дека таа е во право, но тој не го прави тоа намерно, туку сфаќа дека навистина не се сеќава буквално на ништо од неговото рано детство. За подоцна, едно универзитетско предавање и еден единствен слушнат збор да му ги врати сите сеќавања...

Она што следува е еден толку збиен текст во кој нема ни нешто одвишок, ни нешто помалку од тоа што треба. Еден текст кој ќе ве насмее, ќе ве замисли, ќе ве натажи, ќе ве врати во времето кога вие сте биле деца, и реков - на крај ќе ве скрши на милион парчиња. Но не е само текстот, односно романот во роман тоа кое е импресивно тука, туку и еден вистински подвиг на преведувачот и издавачот (Сашо Огненовски, ПНВ Публикации). Имено, дијалозите во романот, исто како и неговиот оригинален наслов се напишани, како што спомнав погоре, на чакавски јазик (или наречје) кој во голема мера отстапува од нормите на хрватскиот стандарден јазик. За да го доловат и духот на руралното, но и да останат доследни до оригиналната структура на романот, одлучуваат деловите на чакавски да ги преведат на охридски дијалект, но не градскиот охридски, туку дијалектот од Велестово, за што ангажирале консултантски услуги од повеќе лица: професори, лингвисти, писатели... И навистина испаднало добро тоа што е направено! Јас би сакал да го прочитам ова и во оригинал, на хрватски и чакавски, но претпоставувам дека би ми било тешко, со оглед на тоа што читам дека чакавскиот е предизвик дури и за самите Хрвати, а не пак за мене.

И што уште да кажам за овој извонреден роман кој успеа целосно да ме растури, да ме натера да се вратам во моето детство, да се присетам на некои мои стравови, фобии, места и настани и да посакам да појдам јас во Меѓумурје во 1991 и силно, силно да го гушнам малиот М.Д? Ова е од една страна тежок и мрачен роман, но од друга - со многу хумор, гротескност, магичен реализам и фолклорни верувања - нешта кои го прават неверојатен.

A must read роман! Ова влегува не само во најдобрите романи од Балканот од она многу малку што го имам прочитано од тука, туку (да не претерам, но така е) веројатно во топ 3 романи кои сум ги прочитал во животот! Најтопла препорака до сите вистински љубители на книжевноста!

И едвај го чекам филмот кој ќе го режира сега веќе номинираниот за Оскар режисер Небојша Сљепчевиќ и кој, ако не се лажам, веќе е влезен во продукција.
___________________________________________________________________
Поминаа скоро 2 месеци откако го прочитав овој роман, а се уште ме лазат морници од него при првата помисла. Неверојатно, навистина неверојатно дело!

12. Случајот на сопствената погибел - Кристиан Новак (Перун Артис, 2025 (оригинално објавен 2023))

Прегледај го приврзокот 450259

„Се колнам дека како полициски службеник на Министерството за внатрешни работи на република Хрватска ќе го штитам со Уставот утврдениот правен поредок и ќе ја бранам територијалната целокупност на хрватската држава. Дека ќе ги чувам животите, личната сигурност и имотот на сите жители на Хрватска, во секоја прилика, па и во случај на сопствена погибел...“

Ова е заклетвата која како и секој друг полицаец во Хрватска ја положил и младиот Дино Молнар во Меѓумурје, пред стапување во должноста. И се обидувал да ја почитува. Но кога пипалата на корупцијата и трулоста во сржта на институциите се жестоко навлезени во секоја пора на општеството (слично како и кај нас), тогаш се чини дека некои обиди за постапување во должноста онака како што налага заклетвата се вистински сизифов труд. Па така, по нецелосно разјаснет сплет на околности, младиот полицаец на 21 јануари 2013 година е пронајден мртов на задното седиште на неговиот автомобил, со прострелна рана во главата. Бидејќи сѐ налагало дека се работи за самоубиство, обдукција на телото не е извршена. Заради тоа, а и заради некои информации кои подоцна испливуваат на површина, како тоа дека пред смртта Дино пријавил некои свои колеги полицајци за корупција и дека некои од нив биле дисциплински казнети, неговиот татко Јосип Молнар, се до својата смрт во 2022 година не поверувал во приказната дека синот се самоубил...

Ова погоре е вистинска случка за која повеќе можете да читате ТУКА, а верувам дека може да најдете уште информации на интернет. Кристиан Новак во „Случај на сопствената погибел“ ја зема оваа случка која ја разбранувала хрватската јавност како мотив да напише уште едно ремек дело за кое како што прочитав - се обиделе и да го забранат и цензурираат. Но за среќа романот во 2023 излегува од печат и освојува 6 реномирани книжевни награди на просторот во Хрватска и другите поранешни југословенски републики. Нашиот превод излезе пред само неколку дена во издание на Перун Артис и со уште еден одличен превод на Сашо Огненовски (слично како и „Црна мајка земја“). „Случајот на сопствената погибел“, иако погоре делува така, не е трилер, ниту мистерија, туку една реална, тажна и болна приказна за справувањето со загубата на блискиот на оние кои остануваат живи и за тоа како таа загуба ги обликува нивните животи. Слично како и „Црна мајка земја“, приказната е тешка, болна, горчлива и остава некој камен на градите кој верувам дека долго ќе стои таму, зашто реалноста е слично мрачна и кај нас: и тука имаме пресуди од само година до две затвор за убијци кои возејќи под дејство на алкохол одземаат детски животи, одлуки да се упатат во поправен дом децата на големците фатени со десетици килограми наркотични средства, сменети изјави по физички напад дека немало ништо од нападот и дека сам си се удрил од пајакот кој кревал непрописно паркирано возило од напаѓачот, осуденици кои сами успеваат да се удават во кофи со вода и обвинети кои мистериозно успеваат да избегаат преку неколку граници во гепек на возило... Нам не ни останува ништо да направиме освен да се тешиме дека...

„Нѐ има нас што гледаме. Нѐ има нас што паметиме.“

АЛАЛ, НОВАЧЕ!!! АЛАЛ!!! :cuc: :cuc: :cuc: :cuc: :cuc: :cuc: :cuc: :cuc: :cuc: :cuc: :cuc: :cuc: :cuc: :cuc:

5/5, Неверојатен е човеков!
_____________________________________________________________________________
Книгава ја чекав како највреден предмет! Ја купив уште вториот ден после излегувањето од печат и ја прочитав два дена потоа. Ги собра сите можни Балкански книжевни награди лани, и сосема заслужено! Ако знае некој кај да го најдам „Циганин, ама најубавиот“, единствениот роман на Новак кој го немам прочитано, нека каже. Издание на Готен беше, по книжарници го нема.
 
Да, секако дека е. Хрватски автор, мислам дека ги собра сите релевантни балкански награди последниве десетина години. Прочитав 2 од трите романи кои ги има напишано, освен оваа книга која е во издание на Готен и не можам да ја најдам никаде. Последниот негов роман, „Случај на сопствената погибел“ беше преведен лани кај нас од Перун Артис. Го купив два дена откако го објавија и веднаш го прочитав. Неверојатен писател! Интересно е што дијалозите во тие 2 романи (овој и „Црна мајка земја“) му се напишани на Кајкавски јазик (говорот во Меѓумурје кој е тежок за разбирање и за Хрватите, а не па за нас) а преводите кај нас се направени така што тој говор е преведен со некој охридски дијалект за што преведувачот Сашо Огненовски ангажирал тим на дијалектолози, лингвисти, писатели и говорители на тој дијалект.

Многу, многу, многу добар писател. Прочитај ја „Црна мајка земја“, верувам дека многу ќе ти се допадне. Мислам дека сите 3 му се инспирирани од вистински настани.
Zlate, dali crna majka zemja seuste se prodava vo Makedonija? I kade ako znaes te molam spodeli...
 
Zlate, dali crna majka zemja seuste se prodava vo Makedonija? I kade ako znaes te molam spodeli...
Да, да, уште се продава. Издание на ПНВ Публикации е, ја има во сите поголеми книжарници.
 
Back
На врв Bottom