Доволно беа одмори, одиме со рестарт на темава. Ќе бидам краток: Да ја укинеме демократијата во следните 20 години и да избереме диктатор.
Едноставно не ни оди со демократија и тоа е повеќе од очигледно. Освен тоа што имаме слобода да јадеме трици на форум, назадуваме во сите сегменти и не сме во состојба да уредиме една мала и убава држава да функционира нормално. Политичарите си прават што сакаат, се богатат, присвојуваат јавни површини и добра. Тонеме во загаденост, не можеме да го средиме сообраќајот, болниците и училиштата ни пропаѓаат, не можеме ни да ги одржуваме. Нема добри иницијативи а ако ги има заглавуваат во бирократија и никогаш не се реализираат. Секоја одлука што се носи е компромис помеѓу партии за остварување на власт, не постои меритократија, секој директор е поставен по партиски клуч, често не ни знаат што им е работа. И да не редам понатаму затоа што реков дека ќе бидам краток.
Значи, да се избере диктатор за наредните 20 години со едноставни задолженија:
- Намалување на јавна администрација и воведување дигитализација за се, од плаќање сметки до поднесување жалби и барања итн...
- Рушење на дивоградби секаде и без исклучок.
- Рушење на легални градби кои се изградени со криминални промени на градежни планови.
- Плажи, паркови и други рекреативни површини да бидат исчистени од комерцијални објекти од траен карактер и да бидат бесплатни за народот.
- Средување на јавен сообраќај, еколошки автобуси, трамваи, дронови, хеликоптери, што год да е.
- Бесплатен јавен превоз. Возен ред и возила кои нема да доцнат.
- Казни за тие што фрлаат ѓубре, ефикасни комунални претпријатија.
- Чиста вода за пиење.
- Поддршка за производители на домашни производи.
- Обнова на болници и училишта. Озеленување на јавни површини.
- Стипендии за деца кои спортуваат. Враќање на спортот. Поддршка на локални клубови.
- Ќорка за сите што мрчат.
После 20 години, диктаторот да си замине и да се воспостави привремена демократија, да видиме дали сме научиле нешто. Ако не сака да си оди да се симне на сила, да се егзекутира, и во наредните 100 години идните генерации да зборуваат колку бил лош и неспособен.
Ајде...