Со законските измени кои беа донесени денес на собраниска седница се предлага ограничување на брзината до 20 километри на час, зголемување на минималната возраст за управување на 18 години, забрана за превезување друго лице, како и санкции за возење под дејство на алкохол.
Според предложените измени, терминот „електричен тротинет“ се заменува со поширокиот поим „лесно електрично возило“. Под оваа категорија ќе се подразбира возило со најмалку две тркала, кое се движи на електричен погон, со електромотор чија сила не надминува 0,6 kW, конструкциска брзина до 25 километри на час и маса без товар до 35 килограми.
Во образложението на предлог-законот се наведува дека појавата на нови видови возила на пазарот, меѓу кои и електричните тротинети, ја наметнува потребата од нивна регулација, со цел да се спречат потенцијални штети за учесниците во сообраќајот.
Една од клучните измени е намалувањето на дозволената брзина. Наместо досегашните 25 километри на час, лесните електрични возила ќе смеат да се движат со максимална брзина од 20 километри на час. Во предлогот се наведува дека ваквото решение е согласно препораките на Европската унија за регулирање на сообраќајот на овој тип возила.
Значајна новина е и зголемувањето на минималната возраст за управување. Наместо досегашната граница од 14 години, со измените се предвидува лесно електрично возило да може да управува само лице кое има најмалку 18 години.
Со предлог-законот се забранува и превезување други лица на лесно електрично возило. За прекршување на ова правило глобата се зголемува од 50 на 100 евра, а одговорност ќе имаат и возачот и лицето кое се превезува. Покрај глобата, предвидено е и привремено одземање на возилото во времетраење од 30 дена.
Построги санкции се предвидуваат и за управување под дејство на алкохол. За возач кај кој ќе се утврди содржина на алкохол во крвта од 0,51 до 1,00 g/kg е предвидена глоба од 225 евра, додека за содржина од 1,01 до 1,50 g/kg глобата изнесува 275 евра. Во двата случаи, покрај паричната казна, возилото ќе биде привремено одземено на 30 дена.
Доколку прекршокот го направи дете, глобата ќе му биде изречена на родителот или старателот, а и во овој случај е предвидено привремено одземање на возилото.
Измените предвидуваат и обврска возачите на велосипед, велосипед со помошен мотор, мопед и лесно електрично возило да го туркаат возилото при преминување на коловоз или обележан пешачки премин, доколку нема обележана лента или патека.
Дополнително, се прецизира дека возачот на лесно електрично возило не смее да управува на начин што ја намалува стабилноста на возилото или ја загрозува безбедноста на другите учесници во сообраќајот. Како примери се наведуваат симнување раце од управувачот, придржување за друго возило, возење на едно тркало, превезување, влечење или туркање предмети. За вакви прекршоци глобата се зголемува од 50 на 100 евра.
Предлог-законот предвидува и употреба на „други технички средства и уреди“, покрај радарите, што може да овозможи пошироко документирање на прекршоците во сообраќајот.
Во образложението се наведува дека предложените измени нема да предизвикаат финансиски импликации врз Буџетот и дека не повлекуваат материјални обврски за одделни субјекти.
Со овие измени се предлага значително построга регулација на електричните тротинети и сличните лесни електрични возила. Главната цел, според предлагачите, е намалување на прекршоците и зголемување на безбедноста во сообраќајот, особено во урбаните средини каде овие возила најчесто се користат.