Ова е против интересот на државата, дополнително да се отуѓи дијаспората и да пушти подлабоки корења надвор, да има помалку врски со Македонија. Со ова државата дополнително ќе се изолира од сегмент од популацијата која Македонија има интерес да го врати или да има позитивни релации со него.
Во период кога Македонија масовно губи популација, малку деца се раѓаат и како држава старееме, наместо да се наоѓаат механизми да се стимулира враќање на дијаспората и градење појаки врски со неа дури и ако не се врати (како Полска, Израел, Ирска, држави што на овие релации градат и економска и политичка национална потпора), овде се прави муабет дали на дијаспората да и се одземе право на глас и да се принуди да се откаже од македонско државјанство. Со други зборови: самоуништување со доста самодоверба.
Не се проблеми двојните државјанства на дијаспората, ниту се они причина зошто Македонија тоне. Причините се внатре во Македонија: лошо државно управување (корупција поготово), пренатрупана јавна администрација под закрила на етно-трибалистички партиски пипци, масовно крадење на јавни средства и неказнување за крупни дела. На ова додади и општо одсуство на одговорност кон општеството, државата, соседите, цело време некој друг е крив за нашите проблеми, дали тоа била дијаспората, соседите, странците, западњаците, Лила Филиповска. При низок наталитет, стареење на нација, масовно иселување, слаба економија, да се предлага изолирање на дијаспората е нон сенс.