Искрено го немаме ние велосипедскиот менталитет и култура, прво од тоа треба да почнеме па после се друго. А истите ни се запоставени уште од градинка/основно образование, па преку домашно образование, општество и се останато, ако не се почне прво на ова да се работи, тогаш џабе се што вложува државата, ќе имаме многу примери од типот на црвените патеки за точаци, ќе вложи државата ќе ги уреди, ќе служат за паркирање на коли. Еве некои ситуации каде што гледам дефицит на велосипедска свест, споредено со некои градови и држави на кои би сакале да се угледаме:
- Велосипедист си вози по прва лента на Партизанска, бидејќи “не сметал на никој и побрза му била таа“, а истата е предвидена само за автобуси, а и на истата улица има од почеток до крај велосипедска патека.
- Велосипедист си вози на спротивната лента на велосипедската патека на Партизанска, “да не поминува за џабе, и така на оваа страна после 3км му била продавницата кај што одел“
- Велосипедист ги пцуе дечките што трчаат на кеј, им вика одете трчајте во тревата, а тревата е нова сменета со прскалки за наводнувања за луѓе да не ја газат.
- Велосипедист од Волт/Корпа имаат умислено дека треба да направат повеќе нарачки од колегите со мопед и автомобил што се и летаат по улиците со непрописна брзина, притоа апсолутно поминувајќи на сите необележани места за преминување улица, црвени семафори, бутање низ сите коли, возење брзо и загрозување безбедност на сите пешаци, не дај боже пешак за пола метро да смени правец и двајцата ќе летаат 30 метра.
Исто така патиме и од менталитетот:
- Одење во теретана со кола, никако со велосипед, бидејќи е ладно во зима и бидејќи нема смисла да се поти дополнително човек во лето.
- Одење на работа со кола, нема проблем ќе пишуваме ние статуси дека саат ипол се заглавувало низ гужвите, ама битно нема со велосипед да се возиме, тие 3км есенцијално е да ги поминеме во кола.
- Одржување за кола, поправки непланирани 500 евра дадени не се проблем, ама нешто да се инвестра за точак, уље или не дај боже кацига за безбедност, тоа е одеднаш прескапо. “Будала ли си ти 50 евра за кацига да давам, цел викенд ќе пијам со тие пари“.
Има многу работи да учиме, може да почнеме од денес, па се надевам наредната генерација веќе ќе биде зрела за да може и посериозно да се инвестира во велосипедски сообраќај и инфраструктура и да гледаме многу повеќе велосипедисти.
П.С. Еден муабет од првите денови откога ги поставија ступчињата на улицата од Форца према СЦМ кај Јахја Кемел: “Матер им ебам, што им сметаше улицава широка сите поминуваа па да мораа ступчиња да постават за велосипедисти и да ми го земат местово кај што ја оставав колата дур сум во СЦМ. Ќе видат убаво, сите до едно ќе им се искршени максимум една недела им давам, слушај ми го зборот“. И што поише треба да се каже тука? Не е исклучок, голем број на луѓе се на ова размислување...