По повеќе од еден и пол месец од апсењата во раководството на ЈП „Комунална хигиена“, обвинителството пронашло докази за поднесените обвиненија за загрозување на животната средина поради несобирање на отпадот во Скопје.
Градоначалникот на главниот град изјави дека тие дејствија биле политички организирани со цел да се наштети на изборните резултати на локалните избори, но дека на крајот се покажало дека го загрозиле здравјето на граѓаните. Сепак, тоа не е единствениот прекршок, бидејќи постојат докази и за финансиски злоупотреби, изјави Орце Ѓорѓиевски.
„Во минатото, замена на менувач на камион чинела 1,5 милиони денари, а денес чини помалку од 200 илјади денари – тоа е една од ситуациите. Имам докази, но не можам да дадам детали поради истрагата: лица кои не биле во државата примале плати. Замислете, има конкретно двајца кои биле во куќен притвор и земале плата – тоа не се случува никаде во светот!“, вели Орце Ѓорѓиевски.
По спроведената истражна постапка, Обвинителството поднесе обвинение против две лица од ЈП „Комунална хигиена“. Според обвинителството, поранешниот в.д. директор Сабахадин Рустеми и второобвинетиот, менаџер за отпад во ова претпријатие, се сомничат дека како соизвршители сториле кривично дело – Загрозување на животната средина и природата со отпад, согласно член 230 од Кривичниот законик.
„В.д. директорот на јавното претпријатие постапувал спротивно на Статутот на претпријатието, спротивно на Законот за комунални дејности, не ги спроведувал одлуките и заклучоците на Управниот одбор, не се грижел за спроведување на деловната политика на претпријатието, не ги извршувал задачите од својот делокруг на работа, не учествувал во утврдувањето на критериумите за користење, распределба и управување со средствата генерирани од работењето на претпријатието и не обезбедил мерки за заштита на животната средина“.
Како што се наведува во обвинението, истрагата покажала дека во текот на октомври оваа година, двајцата обвинети, со тоа што не вршеле надзор над собирањето, транспортот и соодветното управување со отпадот, можеле да предизвикаат значителна штета врз квалитетот на почвата, воздухот или водата, опасност за животот или здравјето на луѓето, како и уништување на флората или фауната во поголем обем.
Обвинителството предложи за поранешниот директор Рустеми притворот да се замени со мерка задолжително јавување, додека за обвинетиот кој сè уште е вработен во „Комунална хигиена“ – суспензија од работа додека трае истражната, односно евентуално судската постапка.