NA ZAGREB MU SE SLUCI KALIOPI
Медиумите во Хрватска пренесоа дека загребската промоција на новото цеде на Калиопи ќе биде запаметена по неколку работи: Најпрвин, меѓу присутните се најдоа еден куп врвни познати имиња, кои на едно место не се собираат многу често. Второ: Со концерт во живо, Калиопи и нејзиниот бенд им одржаа лекција на сите кои на живите настапи калкулираат со емоциите и со искреноста. И трето, а најважно – Патот до успехот ти е загарантиран само ако имаш добри песни, кои нашата поп-дива и на последното цеде Желим ти реќи ги има во изобилство... Во спротивно – ништо од бизнисот!
Минатата недела на Калиопи и се случи Загреб. Или обратно – на Загреб му се случи Калиопи!? Првата дама на македонската поп-музика – Калиопи Букле во клубот Аквариус го помовираше своето најново дискографско чедо – албумот Желим ти реќи. Ова беше одлична можност, како што пренесоа хрватските медиуми – на едно место да се собере кремот на хрватската шлагеристика, актерство, рок и поп-музичари и фаци кои со своите песни го одбележаа голем дел од нашето колективно минато...
Во Загреб поп-дивата пристигна еден ден пред закажаната промоција, заради закажаните промотивни обврски...
Фасцинирана сум од експедитивноста на ХТВ, каде гостував во утринската програма. Ме пречека организаторот, по што имав на располагање фризер, шминкер, гардеробер... Иако дојдов подготвена за програмата во живо, имав на располагање се што треба за да снимката што оди во етер биде беспрекорна – вели Калиопи.
Ден на промоцијата Калиопи главно го мина во хотелот, со исклучок на тонската проба, заедно со бендот Breathless, составен од врвни музичари – Влатко Георгиев (клавијатури), Дино Милосављевиќ (тапани), Танче Гроздановски (гитара), Никола Бочваров (бас), и Наде Талеска (придружни вокали), која прв пат настапи со Калиопи, а, според зборовите на поп-дивата, успешно ја мина огнената крштевка.
За живо претставување на песните од албумот Желим ти реќи придружниот бенд имаше секојдневни подготовки цел еден месец. По она што го слушна префинетата загребска публика – дефинитивно вредеше толкава посветеност.
Иако звучи неверојатно, прв во клубот Аквариус од угледните гости пристигна амбасадорот на Република Македонија во Хрватска – неговата екселенција Данчо Марковски. Всушност, амбасадорот Марковски и ја отвори промоцијата, со зборовите дека Калиопи е една од најголемите македонски ѕвезди на сите времиња.
Чекајќи ја главната ѕвезда на вечерта, не можевме а да не забележиме дека менаџерот на Калиопи Томислав Шкулиќ имаше поголема трема од неа самата.
Тоа е затоа што Томислав многу навива за нашиот проект, ни се довери Калиопи...
Запрашан за амбициитеи плановите со најдоброто од Македонија – Калиопи, Шкулиќ ни се довери...
Акваријус рекордс веќе темелно работи на претставување на Калиопи како на голема и комерцијална ѕвезда, оти е невозможно некој кој е број еден во Македонија да не биде забележан и во Хрватска – дециден е Шкулиќ.
Според планот на менаџментот, работите врзани за Калиопи во Хрватска одат според она што е замислено уште пред две години...
За да фановите се потсетат на Калиопи, лани ја објавивме нејзината колекција составена од најголемите хитови на македонски јазик, а за да покажеме колку таа е авторски силна личност, беше неопходно објавување на актуелното цеде Желим ти реќи. Според планот, нејзиниот следен албум ќе биде вистински бум во Хрватска, иако не се исклучува можноста експлозија во Србија да се случи уште со овој проект, бидејќи станува збор за народи со сличен сензибилитет - вели Томислав, потенцирајќи дека главниот адут на поп-дивата е нејзиниот ненадминлив глас, со кој е далеку пред сите во регионот...
За разлика од промоцијата во Скопје, која имаше силна артистичка концепција, режисерот на промоцијата во Загреб, сопругот на Калиопи Васил Зафирчев овој пат понуди поотворен концепт. Сценографијата горе-долу остана иста – разбиени огледала, кои претставуваа потрага по сопствениот уметнички сензибилитет, црна роза во рамка за слика.... Сепак, овој пат главниот збор го имаа песните, живиот бенд на сцена и моќен и толку посебен вокал на Калиопи. Вистински мал концертен спектакл... Како и на сите други настапи, и во Загреб Калиопи носеше креација од Розе Трајческа – Ристовска, додека за нејзината шминка се погрижи Александар Каприш, кој допатува од Белград.
Репертоарот избран за настап во живо главно се базираше на песните од цедето Желим ти реќи, но дел од времето им беше отстапен и на старите хитови – Обои ме, Бато, За само еден дел, Дали ме сакаш, на чиј заразен ритам не остана рамнодушна ниту Алка Вуица, која на Калиопи и се придружи на сцената, пеејќи ја хрватската верзија – Да ли ме волиш, или ме прижељкујеш...
Она што посебно емотивно ја допре публиката беа песните кои Калиопи им ги посвети на драги лица. Така насловната тема од промовираното цеде и хитовската Црне руже му беа посветени на Тоше Проески, а песната Посљедња на нејзиниот син Пако. Таа вечер Бато ја пееше во чест на нејзината почината пријателка Искра Таноди, која напиша дел од темите за албумот Роѓени...
За смртта на Искра дознав од нејзиниот сопруг Златко, на самата промоција. Иако Златко беше продуцент на Роѓени, цели 20 години ги загубивме врските, кои беа обновени благодарение на Искра, која пред неколку години ме најде преку мејл. Но, напрасно Искра престана да одговара на моите мејлови. Вечерва ја дознав причината. Мојата Искра засекогаш не напушти – им се довери Калиопи на присутните со солзи во очите...
Емоциите беа силни и на крајот од промоцијата, кога претседателката на Тоше Проески – фан-клуб форум, Стела Прислан – Фујс, и подари раритетен постер со ликот на Тоше, составен од сликички на 500 членови на здружението.
Дружба со пријателите и фановите, фотографирања и автограми, продолжи длабоко по полноќ, кога тимот на Калиопи, придружуван од Алка Вуица, замина накај хотелот...
Никогаш нема да ја заборавам промоцијата во Загреб, оти ова беше една од најубавите вечери во мојот живот. Одамна во мене не се случи толкава мешавина на чувства како тој вторник во Загреб, кога прекрасни луѓе и одадоа почит на мојата песна. Тоа мора да се доживее – толку драги лица – Јурица Паѓен кој беше дел од Аеродром и Азра, легендарниот Сеад Липовача од Дивље јагоде, избран за најдобар гитарист на Балканот, па Ивица Пропадало од Тешка индустрија, Миро Унгар, Јасна Злокиќ, Тарик Филиповиќ, Данијела Мартиновиќ, Марко Тоља, кој важи за голема надеж на хрватската сцена, Маја Татиќ, која допатува специјално од Бања Лука, Мирослав Рус, чии Игри без граници, како ниту една друга песна ја одбележаа кариерата на нашиот Тоше Проески ... Секако, и Един Карамазов, мојот брат по песна – вели Калиопи. Сепак...
Многу ме израдува присуството на Арсен и Матија Дедиќ. Арсен, кој е балканскиот Леонард Коен, остана да го изгледа целиот настап, иако на почетокот ми кажа: Немој да ми забележиш ако морам да заминам по третата песна. Тоа што остана до крај значи дека не му беше здодевно во моето друштво – вели нашата поп-дива.
Утредента ги средувавме впечатоците, натопени во преубавите вина тиквешки кои се пиеа таа вечер. Она што остана на дното од чашата беа емоциите, кои силно беа присатни на промоцијата. Меѓу редови, составени од угледни гости, букети цвеќе, почести и комплименти, солзи на фановите, развеаните македонски и хрватски знамиња, испливаа зборовите на Калиопи од секоја песна. И секако, неколку ливчиња со пораки од типот: Фала за прекрасната вечер!, оставени на брисачите на нејзината шкода, паркирана пред клубот.
Чекајќи ја следната средба со загребските фанови, закажана за 20 јануари 2009-та, за кога е закажан голем самостоен концерт во престижниот Ватрослав Лисински, Калиопи веќе на 15-ти декември ќе биде со своите белградски фанови.
Останува да видиме дали и Белград ќе падне на емоциите, гласот и хитовите на македонската поп-дива, како што тоа му се случи на Загреб минатата недела.