Општина Новаци ќе праќа ергени по невести во Албанија
Четврток, 08 Ноември 2012 16:00
Во овој период триесетина ергени од пелагониските села се оженија со христијанки од Албанија, претежно од реонот на Лач. Kако што тука има ергени, во Албанија има многу моми за мажење зашто машките од селата во Албанија рано тргнуваат на печалба во Италија. Во посиромашните селски средини во Албанија голем е бројот на неомажени девојки со возраст над 30 години. Ергените од Пелагонија масовно бараат невести од Албанија.
Фото: Дневник
Со цел да го намали бројот на неженети и да го зголеми бројот на деца, општина Новаци на свој трошок праќа ергени кои ќе патуваат по невести во Албанија, а ќе им ги плати и трошоците за венчавката, пренесува Дневник.
Доколку таму си ја најдат својата животна сопатничка, општината ќе ја плати и венчавката. Ова е новата стратегија за зголемување на наталитетот во Новаци, општина помеѓу најголемите во земјава, но со слаба населеност поради миграцијата. Општината има 44 населби, а помалку од 3.500 жители. Десетина села се иселени, а во некои од нив има само по некој жител, додека годишно се раѓаат по триесетина деца.
- Правиме список на ергени, ги има стотина. Така е зашто женскиот свет од руралните средини ни бега во урбаните. Имаме ситуирани ергени кои не можат да најдат жени. Затоа имаме преземено акција,да ги носиме во Албанија да си одберат невести. Превозот, венчавката, поповите сè е на наш трошок. Водиме битка да се зголеми наталитетот и бројот на населението – изјави за Дневник Лазар Kотевски, градоначалник на Општина Новаци.