Интерпол трага по Асанџ
Ивана Салтировска Коментари (6)
01.12.2010 09:16 Џулијан Асанџ
Хајка против основачот на Викиликс. Џулијан Асанџ се најде на листата најбарани на Интерпол. Шведска отиде до таму што ја воскресна истрагата против него за силување и сексуално малтретирање, која веќе еднаш падна пред судот.
Сега велат имале нови докази. Потерницата против аларматорот е рангирана на ниво на „црвена потерница“ со екстремна итност.
На луѓето од целиот свет им е порачано доколку го видат, веднаш да и го пријават Асанџ на локалната или на државната полиција. Првиот аларматор ги отфрли овие обвиненија како обид да го дискредитираат.
Сепак, ова не ја намали поддршката за Асанџ кој во моментов е рангиран меѓу првите 50 највлијателни луѓе во светот. Многумина во него видоа инспирација, а дисиденти од редовите на Викиликс најавија сличен сајт, кој сепак нема да биде негова конкуренција. САД иако на зборови ја минимизираат нанесената штета, сериозно го сфаќаат својот противник. Стејт департментот ја пресече мрежата преку која армијата пристапувала до базата со тајни дипломатски податоци која ја искористил Асанџ.
Во меѓувреме, тој се јави од непознато место, на кодиран компјутер преку Скајп. За весникот „Тајмс“ изјави дека Хилари Клинтон треба да си даде оставка. Според него, таа треба да ја понесе одговорноста ако се докаже дека на американските дипломати им било наредено да ги шпионираат странските колеги. Поранешниот претседател Бил Клинтон дециден - поради Асанџ, некои ќе го изгубат животот, а уште повеќе работата.
Асанџ контактира со медиумите од тајност. Неговото престојувалиште го знаат само неколку најблиски пријатели, а не преспива во иста куќа повеќе од две ноќи по ред. По неуспешниот обид да добие Шведско државјанство, сега се надева на Швајцарско. Овие земји ги смета како најзаштитнички кон новинарите. и претседателот на Еквадор му сврте грб негираше дека му нуди азил на Асанџ.
Во негова одбрана денеска се јави неговата мајка, која побара да престане потерата против син и. „Тој е мој син и го сакам и не сакам да го стават во затвор“, изјави Кристин Асанџ за медиумите.
Дисиденти од „Викиликс“ сакаат да создадат друга слична Интернет страница
Дисиденти од „Викиликс“ поради несогласување со основачот на оваа Интернет страница Џулиан Асанџ, планираат да формираат друг сајт кој ќе биде сличен на сегашниот, соопшти поранешен исландски член на „Викиликс“.
„Сакаме да лансираме систем, различен од „Викиликс“, објасни 25-годишниот студент по историја Херберт Снорасон. Новиот проект опфаќа „слични идеи“ со Викиликс, кој во последните неколку месеци објави стотици илјади доверливи државни документи.
Во проектот учествува и Германецот Даниел Домшајт-Берг, кој под името Даниел Шмит беше портпарол на „Викиликс“ пред тивко да го напушти во септември.
„Тоа е проект од различен вид. Не се натпреваруваме и тој не треба да се разбере како конкуренција на „Викиликс“, изјави Снорасон, не сакајќи да го соопшти името на новиот сајт.
Додека „Викиликс“ собира документи и ги објавува на својата страница, новиот проект ќе биде „сигурно засолниште каде луѓето ќе можат да прашаат за информација без нивниот идентитет да се поврзе со содржината“.
Снорасон нагласи дека новиот проект „не е личен напад против Џулиан Асанџ или Викиликс“ и дека многу брзо ќе почне со работа, не откривајќи колку луѓе ќе учествуваат во него.