Викиликс: Бучковски на САД им ветил молк за случајот Ел Масри
Викиликс ги објави првите тајни депеши на американскиот Стејт Департмент испратени од Скопје. Eдна од двете белешки нотира работна вечера на поранешната амбасадорка Џилијан Миловановиќ со поранешниот премиер Владо Бучковски.
Поранешниот премиер Бучковски во текот на 2006 година, лично се залагал кај Трибуналот во Хаг за одлагање на враќањето на четирите случаи со наводни воени злосторства од конфликтот во 2001 година, покажуваат тајните депеши на американската амбасада во Скопје испратени до централата во Вашингтон, пренесува Дојче веле.
Бучковски на работна вечера со тогашната амбасадорка Џилијан Миловановиќ, се обврзал и дека тој и неговиот министер за внатрешни работи, во тоа време, Љубомир Михајловски ќе го продолжат молкот во однос на случајот „Калид Ел Масри“ и покрај барањата на Советот на Европа и на претставници на ЕУ.
Кон крајот на 2006 година јавниот обвинител Александар Прчевски имал закажано средба со високи претставници на Хашкото обвинителство на која требало да бара ново одложување на враќањето на четирите досиеја со наводи за воени злосторства од конфликтот во 2001-та, за кои Трибуналот одлучи да не поведува постапка.
Бучковски на Миловановиќ и соопштил дека инсистирал Прчевски да бара само вербални ветувања за одложувањето на враќањето, бидејќи тој стравувал дека било каков пишан документ на оваа тема би можел да биде злоупотребен од тогашната опозиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ за напади врз Владата дека е премногу мека кон Албанците.
Кога станува збор за случајот со киднапирањето на германскиот државјанин Калид Ел Масри, Дојче веле пренесува дека, Бучковски и ветил на Миловановиќ дека ќе продолжи да го поддржува тогашниот министер за внатрешни работи кој одбивал да го дискутира случајот со новинарите во земјата.
Бучковски побарал од амбасадорката за ова прашање да се консултира и со германската амбасада во Скопје, затоа што Германците вршеле притисок врз Македонија да биде поотворена на оваа тема, но Миловановиќ одбила.
Според најавите, се очекува на Викиликс да се појават најмалку 500 депеши испратени од американската амбасада во Скопје.