Трагичен крај на Индикар возачот Велдон
Британецот настрада на трката „Лас Вегас Инди 300“ и почина два часа подоцна во болница
Британскиот возач на Индикар, 33-годишниот Ден Велдон, почина од повредите добиени во страшен судир на патеката во Лас Вегас. Англичанецот, кој живееше во Санкт Петербург на Флорида, беше зафатен во карамболот со 15 возила 13 круга до крајот на трката „Лас Вегас Инди 300“, по кој неговиот автомобил полета во воздухот. Велдон беше префрлен со хеликоптер до Универзитетскиот медицински центар во Лас Вегас, каде што почина два часа по пристигнувањето.
„Индикар многу жали што мора да објави дека Ден Велдон им подлегна на смртоносните повреди“, изјави Ренди Бернард, прв човек на Индикар серијата. Нашите мисли и молитви се со неговото семејство денеска. Индикар, возачите и сопствениците решија да ја прекинат трката. Во чест на Ден Велдон, возачите решија да извозат пет почесни круга.
Велдон беше шампион на Инди рејсинг лигата во рамките на Индикар серијата во 2005 година, кога победи и во трката Инди 500, а тоа го повтори и годинава.
Возачите се вратија на патеката во неделата за емотивните пет круга во знак на почит кон загинатиот британски возач, кој настрада откако ја загуби контролата врз своето возило по ударот одзади. Меѓу нив беше и Шкотланѓанецот Дарио Франкити, кому откажувањето од продолжување на тркатаму ја донесе третата титула во низа. Екипажите се построија во своите боксови, а фановите стоеја мирно на трибините додека возачите му оддаваа почит на популарниот Велдон.
По осумте титули првак на Велика Британија во картинг и третото место во британскиот шампионат на Формула Форд, тој се пресели во САД поради поголемите можности за напредок. Таму ја освои серијата Ф2000 во 1999 година со шест победи, а потоа се префрли во Индикар, каде што беше прогласен за дебитант на годината во 2003 година. Триумфира во серијата 2005 со шест победи за тимот на Андрети грин рејсинг.
Велдон ги остави сопругата Сузи и нивните два сина.
http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=492CC9390823DB408EF43815DD9E608C