To my friend that went away...
Седиме, едно октомвриско утро, ти и јас на некоја клупа, некаде во „помирниот дел“ од градот, со нас е вечниот придружник едно евтино шише црвено (веројатно од Имако) и две ПеВеЦе чашки кои редовно ги оставаме таму да го обележат нашето присуство, чекајќи го утринскиот ветер да бидат одвеaни. Од мобилниот трешти саканата Ејми, опевајќи ја болката на својата идеална љубов, потсетувајќи не` дека во исто време и постои и не постои такво нешто. Замаени сме од идеалите на совршено либерално општество каде секој би се декларирал онаков каков што е, тргајќи ги своите маски на лажна индиферентност и глумење лудило. Воопшто не се срамиме од оноа што сме, двајца идеалисти на човековата психа, ги голтаме мислите наизменично, што ги имаме насадено во главата, болката е речиси сведена на минимум, the moment of serenity is just... there. Не, не, тоа не се некои лажни епитети кои најчесто ги доделуваат луѓето при подолга апстиненција од меѓусебно гледање, или пак да кажам демек колку се имаш променето (кон подобро секако) само за да ти докажам дека ти се восхитувам. Не, не ти се восхитувам бре.... Ич не ти се восхитувам! Ќе звучам себично и ќе ти кажам дека проклето ми недостасува твоето присуство, општо ми недостасува ова погоре што го опишав. Ми фалат бе моментите кога ќе ми заѕвониш у 2 у полноќ, ќе земевме едно шише (од дома секогаш „магично“ имаше) и 2те чашки и правац на таа една клупа. Ми фалат и оние мали екскурзии коа ничим изазвани ќе отидевме до Велес, Матка и поширока околина, ќе ја запалеше цигарата онака нервозно, прво да ја опипаш мојата тренутна душевна состојба (сепак имаше мали трикови на истражување кои јас многу подоцна ги научив за жал). И ќе ги распостелевме душите, ќе зборевме и некогаш и по цели ноќи на телефон ако беше многу студено надвор. Ми фали моментот на јадење на благ ремет кога ќе ти раскажев за пропаднатите љубови, за твојата тешка вонвременска љубов за која мораше да ставиш крај бидејќи се гушеше во неа.
И што сега? Поминаа нешто повеќе од 7 месеци откако замина оттука без некои големи помпи и церемонии (многу ми е криво за ова) оставајќи ме сам на спомениве немилосрдно да ми ја глодаат душава... Понекогаш талкам крај нашата клупа и гледам една девојка со долга црна коса како збори на телефонот и молам бога тоа да не си ти. Бидејќи тогаш би завршила целава оваа меланхолија и би се осеќал целосно како некогаш пред неколку години. А не сакам. Себично не сакам.