Кратко време сме заедно, нешто помалку од два месеца. Свесен сум дека не те познавам добро, како што ни ти мене не ме познаваш добро. Ама со секој поминат ден се повеќе и повеќе сум сигурен дека ти си личност со која би сакал да бидам уште долго време.
Не ме нервира тоа што ме зезаш. Баш напротив, го обожавам твоето смеење кога ќе ја видиш мојата збунета фаца при некоја од твоите шеги. Што да правам, таков сум смотан, па понекогаш е многу лесно да ме зезнеш.

На овој смотан му е мило што на еден или друг начин носи насмевка на твоето лице... Насмевка без која денот му е мрачен, без разлика колку силно свети сонцето надвор. Исто како што му е досаден денот во кој нема да го слушне твојот глас, да ја допре твојата рака, да ја милува твојата коса. Овој смотан е навлечен на твоите усни, без чиј вкус не може, како што не може ни без твоите очи, кои успеаа толку да го маѓепсаат...
Во периодот кога не можевме да се видиме, ми фалеше многу. Тоа што тогаш лежев болен во кревет по цели денови ги правеше работите уште полоши. Меѓутоа, и покрај тоа што физички не беше покрај мене, знам дека со мислите беше со мене. Токму тоа беше причината што тој период успеав да издржам да не се мрднам. Потребна беше само една мала слатка порака од тебе за да ми го крене расположението и да ја врати насмевката на моето лице. Неколкуте саати муабет со тебе на фејсбук секој ден, додека лежев со лаптоп во кревет, беа подобар лек од инекциите што ги примав.
Сега повторно можеме да се гледаме. И секој ден би бил со тебе, секоја вечер со тебе би седел на клупа во парк, гушнати да ги гледаме ѕвездите и месечината и да разговараме за работи кои на други луѓе најверојатно би им биле досадни.
Да барав толку добра, фина, паметна и убава девојка како тебе, немаше да најдам. Но, затоа ти ме најде мене. Знам дека не признаваш дека ти ме најде мене, па затоа еве да речеме дека некако се најдовме... двајцата такви смотани, загубени и по малце луди (во позитивна смисла).
Би можел цел ден да пишувам за тебе, малечка моја...

Ама подобро да прекинам, не сакам да бидам досаден.

МХМ