Еве еден текст за тоа како странските инвеститори почнаа да гледаат на Македонија и на Владата:
ИНТЕРВЈУ СО РЕЈ ПАУЕР ОД БРИТАНСКАТА БИЗНИС-ГРУПА
Годината што доаѓа ќе биде ИЗВОНРЕДНА
Што ќе значат инвестициите како „Џонсон Мети“ за Македонија?
Инвестициите нема да бидат решение за сите да живеат среќно и весело, како во бајките. Повторно ќе мора да одите на работа секој ден. Старите времиња, кога се пиело кафе по цел ден, поминаа.
Владата најави дека „Џонсон Мети“ ќе инвестира 150 милиони евра, но потоа дојдоа најави дека бројката ќе биде значително пониска. Се очекува инвестицијата на „Џонсон Мети“ да биде во фази. По три години веројатно ќе биде колку што беше најавено. Тие се сериозна компанија и ќе го направат тоа што рекле дека ќе го направат. Неверојатно ми е зошто сите, вклучително и опозицијата, толку се фокусираат на бројките. Жално е што е така, треба да се концентрираме на многу јасниот и многу очигледниот факт дека компании почнаа да инвестираат во Македонија. Луѓето не треба да се охрабруваат од сумата на инвестициите, па ни од бројот на отворени работни места, туку од процесот што почна минатата година.
Мислите на реформите?
Секако. Без оглед дали ви се допаѓа или не ви се допаѓа Владата, јасно е дека оваа инвестиција немаше да се случи пред три години, во тогашните економски услови. Реформите што почнаа минатата година се многу значајни. Интересно е што многу луѓе кажуваат како политичката состојба се влошила, колку е лошо на Косово и како тоа ќе влијае на Македонија. Инвестицијата на „Џонсон Мети“ категорички докажува дека бизнисот си тера понатаму. Знаеме дека во Македонија дојде стабилноста, а меѓународната заедница нема да дозволи какви било обиди за дестабилизација на политичката состојба. Многу е важно луѓето да сфатат дека Македонија е своја држава. Таа си има проблеми, но која држава нема? Покажете ми земја што е совршена и уште утре ќе се преселам таму. Сите малцинства во земјата имаат извонредни права, дури во споредба и со малцинствата во Британија. Затоа можноста нешто да се прелее во Македонија одамна мина, а инвестицијата на „Џонсон Мети“ категорички покажува дека имаме доверба не само во оваа земја туку и во овој регион. Шокантно ми е што некои луѓе едноставно не сакаат да признаат дека инвестицијата на „Џонсон Мети“ е добар настан. Потребна е зрелост да му се честита на некого кога победата не е твоја, но сепак е победа на државата. Оваа британска компанија е светски лидер во тоа што го работи. Тие се светска компанија, испитуваа многу држави и Македонија победи. Не им текна тукутака ајде да инвестираме во Македонија. Не инвестираат како услуга за Македонија, туку поради условите што Македонија ги нуди. Македонија имаше многу силни конкуренти, меѓу кои и Чешка.
Дали со оваа инвестиција Британија стана прв инвеститор во Македонија, барем во гринфилд-инвестиции?
Ги немам најновите податоци, но знам дека Британците како бизнисмени се најрасположени да инвестираат во Македонија. Многу Британци дојдоа, многумина и си отидоа и си велеа дека се уште не е дојдено времето за инвестирање. Сега доаѓаат и велат дека Македонија е поинаква дестинација за инвестирање. Потребно е сопственикот да седи тука и да си го води бизнисот, што не е само по себе лошо, туку е поинаку од други места. Но, сфаќаат дека Македонија е многу интересна, а со тоа што „Џонсон Мети“ го отвори патот, се испраќа многу добар сигнал и сигурност за другите инвеститори. Странците носат едни квалитети, Македонија нуди други квалитети и заедно може да создадеме синергија.
Македонските компании се жалат на нееднакви услови за инвестирање во споредба со странските. Една од најсилните страни на многу од британските компании е тоа што се експерти за меѓународна трговија. Македонските компании едноставно немаат толкав опфат. Македонските компании имаа 15 години да изградат нешто на Бунарџик и не го сторија тоа. Сигурен сум ако македонска компанија посака да изгради голема фабрика таму, Владата нема да ги спречи во тоа. Мислам дека средна или мала македонска компанија не може да очекува еднаков третман како голема странска компанија, тоа важи и за секаде во светот, затоа што големите корпорации ја забрзуваат економијата.
Во јануари очекуваме да биде појасно дали Македонија ќе добие покана за НАТО. Дали поканата може да донесе нови инвестиции?
Сметам дека 2008 година ќе извонредна, дека ќе има многу повеќе инвестиции. Ако добиете покана, што мислам дека ќе се случи, тоа само ќе го забрза поттикот и ќе придонесе кон извонредната инвестициска година. Ако не добиете покана, мислам дека и покрај тоа ќе биде добра година, но ќе треба многу повеќе работа од сите. Поканата може да ја добиете од милион причини, некои може да бидат и доста валидни, но сигурен сум дека тие нема да бидат причини што би поколебале странец да инвестира во Македонија. Сигурно дека странски инвеститор нема да се откаже од влезот во Македонија затоа што Грција има забелешки за вашето име. Од друга страна, влезот во НАТО драматично ќе ги зголеми странските инвестиции. Има голем број инвестициски фондови што имаат средства и се подготвени да вложат. Сметам дека разни компании и инвеститори можат да вложат до милион евра во разни помали проекти, од неколку стотици илјади евра за мала компанија за пакување овошје, зеленчук или други работи што и требаат на Европа, па нагоре. Може да има инвестиции во хотели, млечната индустрија, текстил... Само со милион евра можат да се вработат доста луѓе. Големите инвестиции се само еден дел од сложувалката. Владата ги брка големите затоа што не може да се занимава со илјадници мали инвеститори поединечно. „Џонсон Мети“ е показател колку време е потребно да се договори дури и најзрелата голема зделка. „Џонсон Мети“ беа расположени да инвестираат, во бизнис-планот им беше запишано дека е неопходно да отворат фабрика, па сепак беше потребно доста време за тоа да се случи. Владата знаеше за зделката уште од првиот ден на власта, но сепак и беше потребна година и пол да ја реализира. „Џонсон Мети“ оцени дека е дојдено времето да инвестира во Македонија, а Владата во целина е проинвестиции. Македонија има тим што може да го искорени протекционизмот во економијата и корупцијата. Тоа се нарекува промена во концептот, кога повеќе луѓе сакаат да го сменат системот, кога има доволно луѓе и доволно енергија за тоа што го прават да стане систем. Ако зборувате со државните службеници денес, ќе видите дека се плашат дека ќе ја загубат работата ако не работат како што треба. Пред две години не им беше грижа, сметаа дека вечно ќе бидат на работата. Сега никој не е сигурен. Видете што им се случи на овие на патарините, тие отворено го кршеа законот и сметаа дека нема да има казна. Сега сите знаат што ги чека.
Извор
Време