asterix_m
Регулатор
- Член од
- 19 април 2006
- Мислења
- 2.765
- Поени од реакции
- 33
Шефот на дипломатијата Антонио Милошоски го повика на итен разговор македонскиот амбасадор во НАТО, Нано Ружин, поради изјава дадена во јавноста за која не било консултирано Министерството за надворешни работи. „Време“ неофицијално дознава дека кавгата е толку сериозна што е можно амбасадорот Ружин да биде отповикан пред истекувањето на неговиот мандат, во мај годинава. Забелешката кон амбасадорот се однесува на негова изјава за домашните во која ги изнесе своите оценки по министерскиот состанок во Брисел за македонските шанси за прием во НАТО и евентуалното грчко вето, поточно за информацијата за „суспендираната покана“. Министерот Милошоски му забележал на амбасадорот дека не бил овластен да дава такви изјави. - Недозволиво е амбасадор да дава изјава без претходна дозвола од неговиот претпоставен и тоа токму во време кога треба да се биде претпазлив и да не се истрчува со какви било коментари - велат во МНР. Ружин, кој деновиве е во Скопје, потврди дека односите со министерот дошле до точка на вриење и дека тој самиот не би бил изненаден доколку биде вратен порано од предвиденото. Експертите велат дека на Македонија, во клучните моменти кога се решава судбината за приемот во НАТО, најмалку и се потребни дипломатски скандали со ненајдени отповикувања амбасадори. Ова не е прв спор меѓу Министерството за надворешни и некој амбасадор. Како што е познато, поради изнесување за внатрепартиските оценки за состојбата во СДСМ беа отповикани и амбасадорите во Лондон и во Вашингтон, Георги Спасов и Љупчо Јордановски. Инаку, Нано Ружин минатата недела го доби признанието најдобар дипломат во Брисел. Нему одамна му е истечен мандат, но бидејќи долго време немаше кој да го замине на негово место поради недоразбирањата на релација претседател-премиер, со одлука на министерот за надворешни работи на неколку пати му беше продолжен престојот. Милошоски тогаш велеше дека Ружин одлично ја врши амбасадорската функција. Новиот македонски дипломат што ќе не претставува во Брисел после мај е Кире Илиевски, кој веќе ги помина сите процедури за почнување на мандатот.