Филип Петровски,
Дневник, 24 септември 2005
Шенгенски ѕидови
Применувањето на шенгенскиот визен режим на ЕУ кон Македонија е силен показател за тромоста на македонската транзиција. Ова лето македонските граѓани повторно не можеа да си дозволат да ги посетат Рим, Венеција, Барселона, Марсеј, Виена, Минхен, Лозана... Да се потсетиме зошто е тоа така.
ЕУ ни има доставено услови за надминување на шенгенскиот визен режим уште во 1998 година. Поранешната власт, иако соочена со воената криза наметната од косовските терористички банди, успеа да го договори изгледот на новите македонски пасоши и да склучи договор со реномираната светска компанија "Хјулит Пакард", која во тој момент ги изработуваше канадските лични карти, поконкретно нивните возачки дозволи и карти за социјално осигурување. Тоа не беше доволно за новата владејачка коалиција на поранешните комунисти, која брутално го раскина договорот со "Хјулит Пакард", откако претходно две години симулираше преговори со истата компанија, за наводно да ги предоговори штетните услови за нас од истиот.
Македонските граѓани продолжија годишно да издвојуваат 21 милион долари за визни трошоци, а една третина од нив се трошат за грчки визи. Да не споменувам какви се други тортури преживуваат, посебно во Грција по американското признавање на нашето име. Актуелната власт, во пресрет на одговорот на испратените европски прашалници, навидум ги забрза подготовките за изработка на новите пасоши, но имавме можност наскоро да ја чуеме веста дека комисијата на МВР за новите пасоши привремено го стопирала тендерот поради приговори на заинтересираните странки што доставиле свои услови.
Немаме ни конкретни информации од нашата дипломатија дали наскоро ќе бидат потпишани реадмисионите договори со другите членки на ЕУ или итно ќе се преземат поранешните реадмисиони договори на поранешната СФРЈ, што стои како можност и е користено од други држави.
Наспроти тоа, веќе неколку години во нашиот парламент не е поднесен на ратификација ниту еден договор за реадмисија. Се прашувам, што е причината за ваквиот антидржавен и антиграѓански однос? Нашата дипломатија можеше да се угледа на примерот на решителноста и упорноста на нивните бугарски колеги кога тие го отстранија шенгенскиот ѕид. Притоа, поранешниот министер Надежда Михајлова ја стави на коцка сопствената политичка кариера доколку не се оствареше наведената цел.
За волја на вистината, остварени се некои услови (граничната полиција, опременоста на нашата погранична полиција со висококвалитетни инструменти за проверка на пасошите), но се уште преостануваат другите (усвојувањето на европската политика за азил и миграции, како и европската визна политика кон земјите што не се членки на ЕУ). За жал, актуелната власт во текот на целиот свој мандат се покажа трома, неинвентивна и некреативна, без одлучност да влезе смело, за да се истераат реформите во голем број сфери. До наредните избори единствено максимално што може да обезбеди е подолго траење на визите и безвизен транзитен режим кон новопримените членки на ЕУ. Тоа значи дека залудно се загубени 4 години и, се на се, сликата воопшто не е розова.
Не ми останува ништо друго но да се надевам дека, по изборите, новата влада жестоко ќе тргне во довршување на реформите и поагресивно ќе ги дефинира надворешнополитичките приоритети. Тоа би значело по секоја цена да се објасни и натера да сфати секој претставник на Европа дека дојдено е времето кога и ние како држава, а и како нација треба нешто да добиеме, за да се стимулира јавното мислење во насока на, условно речено, често споменуваниот консензус по прашањата на нашата интеграција во Европа и цивилизираниот свет.
Досега не сум слушнал наш претставник да собере храброст да ја објасни и брани нашата позиција со аргументи, да стои зад интересите на државата или, пак, да ја објаснува позицијата на обичниот човек, дури по цена на својата позиција или, пак, на штета на своето удопство и конформизам. А што е суштината на високата политика ако не на ниво на поединецот да се чувствуваат промени кон подобро!
Дотогаш нашите граѓани ќе бидат принудени да висат по странските амбасади поради неспособната власт која можеше барем во овој период да им обезбеди аплицирање за визи преку Интернет, наместо да ги кити своите канцеларии со европски знамиња. Лош и презрен е тој привид и тоа не само од нашите граѓани, туку и од Европејците.