Валентино се повлекува, денес ќе ја одржи последната ревија
Валентино, кој уште во септември објави дека наскоро ќе се повлече од светот на модата, денес ќе ја одржи последната ревија на негови модели на модната недела во Париз. Елизабет Тејлор, принцезата Дајана, Џеки Кенеди и јорданската кралица Ранија се дел од жените кои ги облекуваше познатиот креатор во својата 45 годишна кариера.
Од крунисани глави до холивудски ѕвезди - тоа се поклоничките на модата на Валентино. Жената која го направи неговото име славно е Џеки Кенеди, кога во 1963 година од италијанскиот креатор нарача црнина по убиството на нејзиниот сопруг, американскиот претседател Џон кенеди. Пет години подоцна, кога се омажи за грчкиот бродосопственик Оназис, Џеки повторно побара од валентино да креира за неа.
Пред неколку години, Валентино изјави дека не ги следи модните трендови. "Наместо тоа, отсекогаш креирав заводлива женска облека која ја истакнува женската убавина и ги нагласува најдобрите линии кај жената" - изјави креаторот во 2006 година.
Во последните неколку години, Валентино креираше облека и за ѕвездите како Гвинет Палтроу, Хали Бери, Џенифер Гарнер, Наоми Вотс, Линдзи Лохан, Џулија Робертс, Кејт Бланшет, а понекогаш им носеше и среќа при доделувањето на Оскарите, кои ги примаа токму во неговите креации.