Тука пишуваме на зададена тема

  • Креатор на темата Креатор на темата Точкест
  • Време на започнување Време на започнување
Моите демони
Четиринаесетти ден по ред размислуваше како да го разведе. Исто толку децении ќе и` беа доволни за да биде со нејзиното вилино коњче, недофатливиот, авторитативниот, ,,мажот на куќата" од која таа не беше дел. Прегризувањата на усните почнаа се повеќе да печат од посакување. Секој надрогиран поглед, патетично киднапирачки тлееше во блуд.
Навидум, сите концепти на среќа, само имагинативно кореспондираа на суштинското презентирање на настаните. Беше ли Едип,проклетиот закачен за секој атом воздух вдишан? Или хипнотизирачката професија, уникатната спојувачка алка што овде не помагаше баш? Не болеше неговата припадност на жена му. Болеше боемското, префинетото, разурнувачката насмевка. Сакаш, а не смееш. Те сака а не смее.
Смрзнато месо уште понасилно се парализира кога ќе се прегрнат рацете во темната црнина покрај патот. Тој-48. Таа-19.
Имаше еден ден, кога завиткани во карирано ќебе, пиеја чај од боровинки. Лагата за семинарот, помина перфидно од двете страни. Е тоа беше едноставност! Само да ја наведне главата врз тоа возрасно ревматично рамо. Да му дозволи да зборува, да ги вметнува демоните во нејзиното младо неискусно срце. И полека, нежно-да го бакне. Да ги наполни празнините што времето ги изабило во неговите сфаќања, до степен што ќе изнуди да ја брка во викендичката за коцка чоколадо. Да направат вдлабнатина во двоседните перничиња и да слушаат некоја музика што ќе ги вкрсти огромните временски разлики. Една мисла, стануваше идеја, од неа приказна, таква сторија што ѓаволски никој не би забележал дека е спојка од два ума.Се сретнаа на залезот од медитеранскиот живот. Секој со своите демони, никогаш официјално не си припаѓаа. Тоа беше нејсе, недостигачкото лепило за се` да добиеше форма.
И еден ден: Трас! Бокалот се скрши:
Падна на коленици во лифтот. Го заглави стиснувајќи го проклетото копче. Знаеше дека е клаустрофобична, непромислена арматура во таквите мигови.
-Ожени се со мене! Ќе имаме се`. Ќе ти дадам се`. Биди моја! Те сакам а тоа ме храбри да избегам од безбедноста на моите конформирани окови. Никој нема да не разбере знам, ќерка ми ќе ја истури вазата со цвеќиња слично на утринава. Драгица и јас нема да се лажеме дека челик не` поврзува. Ќе прифатат.

Четиринаесетта недела од тогаш, демоните сеуште се борат. Како ли, да го разведе? Како да ја гради својата среќа, врз туѓа несреќа?
 
Моите демони...

Огромни, поголеми од мене и мојата личност. Е такви беа моите демони. И живееја во мене, како паразити, црпејќи ја целата моја снага и енергија. Огромни. Преголеми. Претешки за кревкото срце на малото кадраво девојче. Со текот на времето се повеќе и повеќе добиваа на сила и големина, кога успеаја и да го скршат и телото кое повеќе не можеше да го издржи тој притисок и духот кој беше поттиснуван се подлабоко и подлабоко. Демони кои се трудеа да ги избркаат сите оние луѓе околу мене, демони кои ме држеа во оклоп. И успеаа во тоа. Барем делумно. Демоните кои се смееја како Џокер на секоја моја солза и пад во животот. А такви ги имаше многу. Духовни падови, за кои само тие се заслужни. Луѓето се такви... Повредуваат и не им замерувам. Но, демоните, тие злобни црви кои се всадија во едната страна од мојата душа, ми се смееја, ме претворија во она што не сакав да бидам, ја задушија мојата среќа, самодоверба, внесоа само болка, несреќа, солзи и безброј скршени срца. Ја задушија мојата душа.
За среќа, јас имам ангели на другата страна од душата. Ангели кои со својата светлина направија да живнам, ангели кои ги испратија моите демони некаде во занданите во најтемната и најпустата темница... Ангели на љубовта, кои ме потсетија зошто постојам, ме потсетија каква сум јас и каква сакам да сум. Тие милозливи ангели ги пратија моите демони на подолг долгогодишен одмор. Нека седат таму. Мене не ми се потребни. Ги сакам моите внатрешни ангели. И оние надворешните кои се секогаш покрај мене....
 
Моите демони...
Сама,сакам да сум сама.Така можат да излезат моите демони.
Се борам со нив,пцујам,мавам,сакам да ги повредам,да ги нема...ааах,ги мразам.
Зошто секогаш се околу мене?
Зошто немам мира од нив?
......
Како и секогаш,одговорот го нема.А кого да прашам?Кој знае за моите демони??
Се предавам,исто како вчера и утре и задутре.

Ги гледам топлите домови,светилките што блескаат и среќните лица.Се е совршено.
А јас...јас немам ништо.Срце што се одронува,очи напатени,фигура што потсеќа на среќна девојка.

Несреќата тропа на мојата врата,а јас морам да и отворам.
Не се гледаме првпат.
Пак ке биде исто.

А демоните...знам дека ке ги победам.Секогаш наградата е моја.Го има најубавото име-Да се победиш самата себе.
 
Те напуштив и те заборавив..

Заборавив како изгледаш, заборавив на мирисот на твојата кожа...
Го заборавив и вкусот на твоите усни..
Ја забравив и бојата на твоите очи, и начинот на кој ме гледаше...
Го заборавив и начинот на кој зборуваш..
Ги заборавив сите случајни допири, долги прегратки и бакнежи од кои лебдев..
Заборавив колку ме правеше среќна ..
Заборавив дека секогаш во твоја близина бев насмеана...

Моите демони се улиците. Ме враќаат во спомените. Ме потсетуваат на секој момент што сме го минале заедно. Секој знак, секој ќош, ми зборува за тебе. Ме убива, ме уништува..

Моите демони се зборовите кажани, мислите недовршени. Идеите кои ниогаш не ги споделив со тебе.

Моите демони се луѓето кои зборуваат за тебе. Ме убива спомнувањето на твоето име. Не знаат..Не знаат колку боли сознанието дека те немам.

Моите демони се децата, старите луѓе, паровите, езерото, реката, планината, клупите, месечината, креветот, компјутерот, празните листови, цветовите, сликите, возот, знамето, плоштадот, паркот, автобуската, зградата, телефонот, пријателите, непријателите,......

Те барав во нив.
Те најдов во нив..
Те напуштив поради нив...

Моите демони.
Се и секој.
Никогаш ти. Никогаш јас.
 
Моите демони веќе одамна ме напуштија, исчезнаа во вртлогот на темнината каде што преовладува мракот и ја пригушува светлината на денот....
Моите демони практикуваа да владеат со моите невини детски мисли, ја имаа целосно контролата над моето тело и ум, а поради потпаѓањето на нивното влијание уште долго ќе се сеќавам на еден пеколен период кој остана запечатен како жиг.....
Веќе ги нема, а се бореа долго....Со атомите на своите последни сили го доживеја поразот кој не го очекуваа....се слушна само еден крик кој означуваше КРАЈ! СТОП, доста е!
Луциферите паднаа.....се покорија.....

Kicky
 
Моите демони

Моите демони многу се намножија во последно. Порано не беа вакви и во олку голем број. Порано беа само неколку, оние секојдневни и некои што останале од минатото а не сум искористил некоја магија за да ги уништам затоа што не сум ја знаел или потсвесно еден дел од мене ги сакал тие демони.
Некогаш, не се оттргнуваме и не ги уништуваме некои работи затоа што можеби барем мал дел од нас се уште ги сака. Колку и да се демонски, има некој мал дел од нас кој би им простил.

Моите демони во последно време се премногу. Моите демони ми влегуваат во сонот, тие ќе те направат да спиеш 10 часа, а кога ќе станиш да си уморен. Моите демони врискаат во 4 часот наутро. Моите демони лелекаат во 5 и пол, кога баш се разденува. Не можеш да им избегаш, дури и мислам дека уште Фреди Кругер фали во сонот па да биде баш супер-демонски, или незнам некој друг збор да искористам.
Моите демони се извонреден микс на игли, крв, болка, сомнеж, омраза... и на крај, насмевка. Кул Хенд Лук, како што рече Џорџ Кенеди - секогаш ќе се насмееше.
И јас морав. Тоа е единственото нешто што ќе те одржи таму без да го изгубиш разумот. Таму каде што демоните навистина постојат. Се сеќавам дека ме насмеа само една работа што ја кажа другарот, рече дека мислел дека само тројца максимум смеат да влезат во собата, а тоа нема врска. Изгледа и најдобро е така, што помалку луѓе влегуваат, помалку се шансите и тие да се изнервираат за нешто.

Татко ми ми призна дека тој додека седел се нервирал, а не пак да лежи тука, ме утеши дека сум бил храбар. Ама јас сакав да му кажам дека не сум, дека се што некогаш беше значајно пред 22 септември, сега не го пронаоѓам како такво. Не се демоните тие што ќе го изменат човекот, туку конфликтот што го има во себеси. Значи, мојот најголем демон, или кралицата од кога ќе ги поминеш сите демони до 10ти левел, е внатрешниот конфликт. Можеби некој раскољниковски синдром или шо јас знам каков. Важното е што од тогаш, мојот конфликт е се поголем и поголем. И тоа е најгрозниот демон, кралицата гејмерски кажано.

Моите демони во последно се Алекс ДеЛарџ. Глупаво звучи, ама деновиве некако многу размислувам за него. Можеби тука има некоја жичка која допира до мене во последно време. И зборот "последно" го користам многу често. Последно, затоа што во последно време работите не се онакви какви што изгледаат.

Денес, листајќи една книга, во обележано сиво поле видов една мисла која ја кажа... не се сеќавам баш кој, велеше "суштината на филозофијата е да бидеш среќен."
Јас сум. Лажам. Незнам дали сум. Можеби еден од оние периодични демони кои ќе ги закачиш како некоја алергија во ран март, која доаѓа еднаш, па после само ти прави визита. Изгледа кај мене доаѓа прв пат. И тешко е да се бориш со таков демон, особено ако немаш некое оружје.

Кога излегов од тоа место кое ме измени, нешто како што на А. Де Ларџ му направи експериментацијата, пробував да најдам некоја работа која ќе ме однесе надвор од реалноста и ќе ми помогне.
Почнав да гледам Supernatural, чудовишта, локални легенди, па ловење вештерки, па шо ти јас знам таму. Се откажав од 11та епизода. Се изгорев прилично добро, не ми помогна.
Размислував, и после случајно дојдов до заклучок да менам друга серија. Почнав да гледам Др. Хаус. И некако ми помогна. За прв пат не избегав од реалноста, туку ја гледав, се соочував со неа. И баш и ми помогна. Ама само за некои од многуте демони.

Можеби ете, ќе ги уништам и другите, надеж не губам, всушност, на онакво место, надежта е последна што доаѓа на памет. Сепак доаѓа. А сепак и е клише. Само тешко е кога на работите ќе гледаш од друга перспектива, од онаа потешката, која ретко кој сака да ја искуси, а некој сепак ќе мора.
Ама како што секогаш велеше татко ми, од лошо има и полошо. И затоа Доктор Хаус помогна. Можеби не целосно, ама помага, добра терапија е.
 
Да ја раскинуваат душата, да ја претворат во пепел и од пепелта да ја воскреснат за пак да ја нагризуваат како лути змии, да се гостат од беспотребно пролеани солзи, да ги поместуваат границите на свеста и да создаваат лажна слика на лудило; ете тоа знаат и умеат.

Немаат име, немаат лик, немаат боја. Не се сенки, а ме следат во чекор. Никогаш не спијат. Ако ги обвинам дека и кај мене предизвикуваат несоница, ќе ме мачат со кошмари пак, знам. Долго ме познаваат и знаат како дишам. Ме читаат како отворена книга.

Се преправам дека не слушнав грозно кикотење од другиот крај на собата.

Капката мед во чашата отров е што можам да им ја прикачам присвојната заменка. Мои се, и не му припаѓаат на никој друг. Не се сеќавам од кога ги познавам. Чудно е кога некој го познаваш толку долго, а ни името не му го знаеш. Ќе морам следниот пат да им најдам имиња. Барем да знам кому му се обраќам.

Ако им најдам имиња, ќе можам ги повикам навечер во темна соба пред огледало. За да им покажам дека не се плашам и да ги видам во нивниот вистински облик. Нека ги заријат канџите веќе еднаш во срцето, ако тоа им е целта, ако им претставува задоволство. Веќе одамна ме навикнаа да попуштам пред секого. Сеедно. Знаат дека ќе молчам и ќе ги листам енциклопедиите барајќи термин за некакво си психолошко растројство, чии симптоми ги гледам во моралното огледало.

Знаеш ли што значи да излезеш надвор со нив? Да слушаш илјадници гласови и гласчиња кои не ти даваат да ја преминеш улицата правилно? Ниту една улица. Никаква улица.

Слушај ме сега:
Оди до полицата...пролистај ја онаа книга и кажи ми пак, какво ментално растројство имаш?

Не ви го знам името. Знам само дека ви ја давам мојата душа-феникс на заем додека не ми затреба. А дотогаш не преминувам никакви улици. И не одам никаде. Вие не ме напуштивте сиве овие години, па не е фер јас да заминам. Не бегам од навиките. Не бегам од проклетствата кои ги носам; од едноставна причина што брзо се изморив од се, па не можам да трчам. Ќе седам на работ на крстопатот и не преминувам никакви улици...
 
Малечко добро воспитано католичко момче клекнува на своите издраскани коленици, ги потпира лактите на креветот и ги склопува дланките во голема тупаница. Го става челото врз нив и ја кажува редовната молитва пред спиење...

“Драги Боже, ти благодарам за овој ден кој ми го поклони, ти благодарам за милостивоста да бидам добро момче, да им помагам на своите родители и тоа што тие се грижат за мене.
Драги боже, ти благодарам за убавата храна која ја постави на нашата маса, и што од неа имаше доволно за да остане и за нашето добро кученце Орто. Ти ветувам дека утре ќе се потрудам двојно повеќе да бидам добар ученик и нема да имам желба да украдам ништо од дуќанот на лошите соседи.
Но, драги боже, кога сме веќе кај нив, зошто не ми ја даваш силата да се издигнам над нив и во состојба кога не ми веруваат дека доаѓам со чисто срце, дека немам намера да здиплам ниту од трошките кои им останале а сум очајно гладен.
Мама вели дека сум добро момче, и јас се сложувам со неа. Но сеуште не можам да се убедам сосема бидејќи ѓаволот премногу лесно допира до мене. Посакувам да им вратам на оние кои лошо ми прават, и дури иако напати сосема можам да ги разберам, твоите мудри зборови никако да завладеат со моето срце и ум. Кажи ми Господе, како да станам рамнодушен кога тие се непријатни и ме напаѓаат мене, а како да бидам искрен пријател во времето кога тие се добри и полни почит, па дури и љубов. Отстрани го Господе овој лош демон, избавиме од лукавиот Господе, бидејќи ни јас не го сакам, но тој изгледа по мудар од тебе како да живеел цел еден миг повеќе во рајот а пеколот истовремено го владее совршено.
Ти требаат реформи семоќнику, дури ни јас, оној со чисто срце кој секогаш те примал само со чисти мисли почнува ко одметник да се сомнева во твојата моќ и решеност. Не сакам да бидам паднат ангел во мојата глава, тоа не е за мене, не знам да бидам сосед, дај ми сила Господе, поучи ме, и спаси ме конечно од оваа темнина која ме обвива.
Добра ноќ, Амин“.
 
Драги Мои Демони,
Ви благодарам што постоите. Ви благодарам и за секој ден поминат со мене: кога сум сама; кога сум тажна; кога сум гневна. Сепак, задоволна сум и што не сте доволно силни, па ве занемарувам: кога сум среќна, кога сум со оние кои ги сакам; кога деновите се убави и дождот прекинува бар на кратко.
Денес е од лошите денови. Ден кога Вие ми правите друштво за да не полудам во осамата во која сум оставена. Ме зјапа Надвор, низ отворениот прозорец, а јас не можам да сфатам чии се солзите кои се тркалаат пред мене - мои, или на овој прекрасен град.
 
Моите прекрасни демони

Ги слушам слаткоречивиот и похотниот како ми шепотат во вратот, заземајќи ја својата страна до грлото благо ме потикнуваат да се наведнам пред господарот на сенките од сите познати и непознати светови, кој што ме лаже со желбата и потребата за поседување, каква мелодраматична драма гледаат очите на сите смртници додека тој ме чува во зандана со моите преубави демони.Ќе бидам проколната ако не можам секоја вечер помеѓу слабините да ги чувствувам нивните здивови, рацете на колковите и исхранување со воздишки под јорганот на слатките гревови, осудени од Бог и Боговите, никој не е заводлив и виртруозно интелегентен како моите лични демони.
Дури ни ти!

Имам еден извештај да поднесам пред сопствената легија на ангели, едно исповедување за сите копја фрлени со прецизност и блага немарност во име на телесната и духовна исполнетост.Никогаш не сакав да бидам тука или таму, со тебе или со некој друг што личи на тебе, можеби само понекогаш, кога сама на себе не сум си доволна, и да лесно е да се препознае фигурата во толпата кога не ти припаѓа тебе или на твојата одамна исушена копија.Изваден од калап ја рушиш монотонијата со бои на некоја сегашна, бивша или идна енергетска вампирка.
Каде ли се сега демоните што ја посветуваат земјата?
Каде си ти?

Слушнав додека тивко ми шепотеа и ме наговараа, не ме убедуваа, дека треба да ископам гроб и сите коски да ги ставам внатре за конечно да почиваат, зошто под мојот кревет фаќаат непотребна прашина.Полека ме вовлекуваа во луцидноста на идејата.Само така ќе преживеам, зошто сите амбиции и желби тие ги хранат и остваруваат како мои чувари на амбисот и рајската градина.Потоа со љубов да ги завртам сите познати броеви и оние што ги немам во именикот и да кажам дека засекогаш сум умрела со пожелно издишување во слушалката.
Оххх, зарем моите демони не се прекрасни?
Ги обожавам кога си играат, дури и со мене, на крајот пак заспиваат до мене во спалната.
 
Моите демони

Повторно,и повторно се спушта ноќта знаејќи дека моите демони ме чекаат штом очи склопам,штом полу заспана го слушам чекорот нивен во изгубениот не постоечки простор.
Моите демони се слични на Фреди.Постојам во сонот и надвор сум од него,надвор од своето тело а сепак заробена во луспа наречено човечко битие.
Демоните демнеат над моето тело,ме креваат од моето тело гледајќи го нивниот пекол заробени во моите очи,во моите сонови пипајќи ги нивните илузии и мечти.
Пулсираат во моето тело одѕвонувајќи во мозочните вибрации,чучат во секој дел на моето суштествено битие.Светлосното тело издигнато над материјалното тело ги гледа отворените очи кои го гледаат пеколот на моите демони.
Таа вечер клекната пред мојот олтар ја опејувам молитвата за спасение ,за мирен сон,да исчезнат моите демони создадени од мртвите коски на заборавени гробови скриени под тешкиот камен од каде се слушаат гласови од пеколниот крик на осаменици желни за вода и леб,за превриено вино ,за глас на саканите свои,за запалено кандило,за светлоста на свеќи за да својот пат го пронајдат.
Тие се тука за да ме потсетат дека лежам над нивните заборавени и сокриени гробови кои сега над нив се згради со светлосни реклами,асфалтирани патишта од кој доаѓа хаосот на модерното време.
Еден таков демон ме посети,се појави штом ги склопив очите.А сепак бев подготвена да се соочам со него, предчувство во моето тело пред да заспијам пред да ги склопам очите.И грешев..сепак сум грешник,но моите демони тоа не ми го простија.Ме казнија со изгубен чекор од далечина на просторот и времето од каде се појави човек со демодиран шешир и сако некаде од „45„-пета година.
Ја почувствував неговата иронична насмевка од безбојното лице без контури ,од неговата желба да ме растргне осеменуваќи ме со мртвото семе на не плодност .
Се парализира мојата мисла и беше заклучена во некоја пора на мозокот.Да,клучот!Мора да го пронајдам!Го пронајдов клучот и мислата се ослободи.Се сетив на евангелистите дека молитвата е спасот.“Оче наш„ми беше единствена мисла пронаоѓајќи го спасот.
Мојот демон ја почувствува магијата на молитвата но сепак тој сакаше да биде последен кажувајќи ми порака за која подоцна настојував да го пронајдам кодот на шифрата.Мојот вечерашен демон си замина штом ги изговори неговите зборови.
“Сега пред малку слушнав на телевизија дека се родил нов антихрист„
Тој глас,таа порака,тој демон ме прогонуваше цел ден.
Повторно,и повторно се спушти ноќта,мојот демон го слушнав од устата на мајка ми:
“Сега пред малку слушнав на телевизија дека се родиле нови антихристи..група на секта и наркомани ги оскрнавиле гратските гробишта„
Јас ја дознав пораката од мојот демон кој сакаше да ми ја пренесе во моите полу заспани очи,во мојот не реален-реален сон ..само кој да ми ја дешифрираше пораката во еден и дваесет минути по полноќ..гробиштата тоа утро во два часа наутро беа оскрнавени и оштетени каде крстовите од гробовите биле превртени од наопаку.
Дел од моите демони.

Даница Петровска „09„
 
... Во нејзните очи гори оганот на пеколот, не тој прочистувачкиот на чистилиштето ниту светиот кој не грее сите туку пеколен кој се одржува и храни од бесот и несреќата на илјадниците.Оган кој конзумира се, оној кој ја уништува душата на секој смртник. Во нејзината утроба живеат седумте смртни гревови без кои она не може да постои она: Одмазда, мрза, незаситност, алчност, суета, страст, завист. Секоја од нив попривлечна, секоја од нив заведува смртници. Нејзините усни се полни, скарлетни, заводливи.Ако смртник не падне на нејзината убавина тогаш ќе се предаде на тоа што го нуди : сите земни задоволства, богатство и моќ досега невидена. Таа ќе ти даде се освен љубов и среќа . Тие се пресвети за да ги извалка, за да ги извитопери.
Таа е изворотна секоја болна емоција кое секое човечко битие ја избегнува а кога преовладуваат го повикува и ѓаволот и господ да го избават, на крај се предава на неа. Секоја тага, несреќа, бес, одмазда, прељуба, беспомошност, презир, омраза сите тие се нејзини и повеќе .
Она е најубавата од сите жени, најпривлечната.Со коси долги и тело совршено извајано кое повикува на блуд. Облеката раскошна , секоја жена би и позавидела , обдарена е со знаење и проникливост поради која неретко е нарекувана брилијатна. Илјадници секој ден и се подаваат а уште милиони и се восхитуваат.
Таа е мајката на сето зло и сите демони. Заведува со еден поглед. Само најправедните и најчистите ја одбиле. Останатите седат пред неа фасцинирани и скаменети глејадќија со восхит. Секој ден .
Нејзиното име е Лилит има илјадници форми и илјадници имиња .
И таа е мојот демон
 
Одиме со следна тема, благодарам за сугестијата... Две маски.
 
Поминувам денес низ улицата во градот каде што плеада од луѓе поминуваат секој ден. Таа улица е плагијат на 5тата Авенија од Њујорк, македонско смешно издание на дел од Големото јаболко. Одам полека, ми студи, го чувствувам ветерот ми струи низ лицето, рацете во џеб, буричкам...Имам само 200 денари во мене...200 денари и две маски.
Таа едната, драмска, насмеаната ја ставив денес откако го поминав куќниот праг. Морав! Морав задоволно да се смешкам за да им дадам до знаење дека се` е во ред и дека ништо не недостасува. Дека Kicky е денес среќна, задоволна со насмевка од едно уво до друго. А не се свесни дека под тоа се крие сосема друг лик. ВИСТИНСКИ. Лик што нема да им се допадне ако го видат. Реалноста е сурова, вистината боли, животот е театар, а Шекспир е голем.
Глумев, и замисли баш ми оди добро. Да не го работам она за што учам сигурна сум дека Драмски ќе ме пречека со широко отворени врати.
Маската ме пецка, ме гребе, едвај чекав да стигнам дома и да ја симнам од лицето, да ја остранам со солзи, со солзи ќе ја измијам, со што друго....И после тоа пак ќе се вратам на мојот вистински лик. ИЗБАЛАНАСИРАН.

Другата маска? Неа ретко ја ставам
 
Со насмевка на лицето, услужливо, брзо и ефикасно и' ги подаде трите преполни пластични ќеси на старата госпоѓа која си замина без поздрав.
Насмевка која ја носеше веќе седум часа и триесет минути и веќе чувствуваше како вилицата и' е здрвена и не може ни да зборува. Рацете механички ја отвораа касата, вадеа пари, ставаа пари, ги пакуваа производите...

Целиот објект беше во постојано движење и покрај тоа што остануваа уште триесет минути од работното време за тој ден. Само нејзината насмевка беше статична и привлекуваше внимание со својата извештаченост. Немаше топлина, немаше искреност. Колку глупаво преправање, сигурно дури и она детенце таму крај полицата знае дека тетката е платена за да му се насмевнува нему и љубезно да му каже колку чинат гумите за џвакање.

Полека истекуваа и последните минути, реката купувачи чиј голем број не беше својствен за ваков ден истекуваше паралелно со нив.
Сеуште носејќи ја насмевката замина во делот за персонал и застана пред малото огледало на ѕидот, на кое една нејзина колешка ненамерно остави траги од кармин само пред неколку секунди. Гледаше упорно и долго во очите на девојката која се наоѓаше пред неа. Ја стегна вилицата, триејќи ги образите со дланките и насмевката се лизна од нејзиното лице и како да летна низ отворениот прозорец кадешто градот вриеше, бучеше и се пенеше во сивото секојдневие.

Ја поправи шминката со брзи, остри и извежбани движења и префрлајќи ја чантата преку рамо брзо зачекори низ сообраќајот до едно мало кафуле на аголот од една не толку прометна уличка, кадешто некој требаше да ја чека....
Чекаше, таа чекаше полни четириесет и пет минути гледајќи празно пред себе. После четириесет и пет минути барменот ја забележа и ја викна, подавајќи и парче стуткана хартија заборавено одамна меѓу празните и полупразните шишиња на шанкот. Лист хартија на кој беа неколку реда напишани на брзина, размачкани, едвај читливи, им се потсмеваа на нејзините уморни очи на кои им требаше цела минута да го впијат писмото, на нејзиниот бавен мозок на кого му требаа цели две минути да ја сфати смислата на напишаното. Таа шмркна, се намршти и дозволи една солза да капне на не толку чистиот шанк. Како да се сепна, промрмори нешто во знак на благодарност за хартиеното марамче што и го понуди згодниот, висок младич крај неа, го притисна врз очите и излезе брзо од зачадената просторија.

Надвор, го фрли шамичето на тротоарот и зачекори побрзо кон нејзиниот стан. По кратко барање на клучот, ги затвори за миг внатрешните очи пред атмосферата на празен стан што ја пречека и се стресе за миг. Затворајќи ја вратата со гласен тресок, не обраќајќи внимание на гласот на сосетката чие мало бебе го разбуди, ги затвори внатрешните уши пред детскиот плач, ја фрли чантата на подот, потона во фотелјата и зафрлајќи ја косата наназад со кратко и неелегантно движење, го вклучи телевизорот.
 

Kajgana Shop

Back
На врв Bottom