А зошто да се затвори, уништи, пропадне, растури? Зошто да не се направи нешто убаво и корисно?
Телевизијата е моќно оружје. Не попусто секој новопечеен тајкун најпрвин бара да има своја телевизиска станица, или ако не тоа, барем некаков медиум.
МРТВ веќе подолго време е на надолен пат. Конечниот удар и беше зададен во 2002, по доаѓањето на СДСМ на влас и инсталирањето на Гордана Стошиќ за генерален директор.
Деградирањето на националната телевизија до вакво долно ниво како што е денешното може да се смета како логичен дел од разбивањето на националното ткиво како стратешка цел на врхушката на СДСМ. Ништо не може така да ја сроза самопочитта на еден човек како што е погледот на телебизискиот екран: еве ја МРТВ, таква каква што е, тоа е најдоброто што може да го создаде оваа овчешка маса да го направи и да го има - ако сакаш поквалитетно, гледај Планета или Пинк.
Интересен факт е што, по целосното преземање на државата од страна на ДПМНЕ, партија која се декларира како заштитник на националните интереси од докажаната деструктивност на СДСМ, нема никакава фактичка промена во МРТВ. Моќното оружје и понатаму се употребува против Македонија, а не за нејзина одбрана.
Замислете си колкаво значење би имало кога на националната телевизија би се прикажувале умешно одбрани и стручно изработени документарни емисии и коментари со кои би се разобличувале лигавите “експерти“ кои буквално се потепуваат да заграбат колку што е можно поголемоо парче кеш убедувајќи не дека предавството е најголем дострел во животот.
Македонија има умни луѓе што се во состојба, можат и знаат да направат нешто убаво. Има и лични луѓе, младост и убавина, сигурно не е проблем да се одберат за телевизиски спикери кои ќе биде милина да ги гледаш и слушаш. МРТВ има и техника и материјална база, има сниматели и технички кадар.
Што е тоа што недостасува?