ОД СТРУЧЕН АГОЛ: ПОБЕДА НАД ДАНСКА САМО АКО СИТЕ ЛИНИИ ПРОФУНКЦИОНИРААТ ЗАЕДНО
http://www.rkmetalurg.mk/storija/36...aggregation&fb_aggregation_id=288381481237582
Горан Ѓоргоноски
Македонија се доведе во ситуација својата шанса за пласман на третата позиција во групата Б да ја бара во меч со европскиот првак Данска. По она што можеше да се види на натпреварите на Данска, мора да се признае дека дејствуваат во најмала рака импресивно. Многу одамна не сме виделе вака добро „вооружена“ репрезентација со „топчии“ како што се Хансен, Маркусен, Мелберг, Сондергар... Од друга страна, нивната одбрана е на нивото (ако не и подобра) од онаа на Исланд. На голот е можеби најдобриот на светот во моментов Никлас Ландин. За крилата нема потреба да се зборува. Данска отсекогаш имала најдобри крила во светот. Егерт и Линдберг се само продолжување на таа традиција.
Што може нашата селекција да направи во дуел со една вака квалитетна селекција? На ЕП 2012 видовме дека можеме да им парираме, и тоа до последен здив. Но во Србија сѐ беше поинаку и тоа веќе го констатиравме сите.
Еден интересен момент ни се провлекува на сите претходни натпревари во групната фаза. А тоа е дека во ниеден момент не профункционираа сите линии (голман, одбрана, бекови, крила, пивоти) заедно. На еден натпревар во форма беа голманите, на еден крилата, на повеќето одбраната. Ова го кажувам затоа што мислам дека само на тој начин можеме да ја добиеме Данска.
Време е Миркуловски да почне еден меч, а Мојсовски да одигра петнаесетина минути како „двојка“ во одбрана за да можеме со што помалку измени да пробаме да постигнеме што повеќе „лесни“ голови. Многу ќе ни биде тешко на поставен напад каде што за секој гол мора добро да се испотиме.
Шансата е тука, колкава и да биде. Данска веројатно ќе ги одмора своите ѕвезди, и тоа е нашата шанса со погруба игра, на линија на дозволено, да се обидеме да си го олесниме противникот во осминафиналето. Во спротивно ќе мораме против Франција, а тоа не е паметен избор.
Деновиве што изминаа ги слушнавме изјавите на неколку наши репрезентативци, меѓу кои и Лазаров, Мојсовски и Ристовски, дека ова не е најдоброто што можеме да го одиграме. Целосно се согласувам и очекувам конечно со Данска да го дадеме максимумот.
Момци, сплотете се и ќе видите дека можете многу.
Напред Македонија!
Авторот е поранешен македонски репрезентативец