Поранешен албански бунтовник почина во затворот во Штип
Ибрахим Сулејмани, 39-годишен поранешен командант на распуштените албански бунтовници, кои краткотрајно се бореа во конфликтот во Македонија во 2001 година, во средата почина во штипскиот затвор.
Синиша Јаков Марушиќ
БИРН
Скопје
Архивска снимка на Сулејмани
Поранешниот бунтовник познат по воениот прекар “командант Мими“, беше пронајден мртов во затворска ќелија во затворот во Штип, каде ја издржуваше 15 годишната затворска казна за киднапирање на четири лица за време на конфликтот, кои сè уште се водат за исчезнати, а за кои се претпоставува дека се мртви.
„За време на повикот за утринско будење, затворениците забележале дека Сулејмани не одговара и веднаш ги повикале затворските чувари. Медицински тим на лице место утврдил смрт“, изјави Снежана Санева, портпарол на штипската полиција.
На случајот моментално работи истражен судија, а управителот на Управата за санкции, Лидија Гавриловска, за медиумите изјави дека првичните наоди укажуваат дека Сулејмани починал од природна смрт.
Сулејмани беше прогласен за виновен за киднапирање на Илко Трајчевски, неговиот син Васко и неговите двајца пријатели Боби Јакимовски и Ѓоко Синадиновски, сите етнички Македонци, од семејната куќа во тетовската населба Дреновец во 2001 година. Четворицата сè уште се водат за исчезнати.
Според пресудата, Сулејмани, заедно со други маскирани припадници на Ослободителната народна армија, ОНА, вооружени со автоматско оружје,
прво ги малтретирале четирите лица во куќата, а потоа ги одвеле во локалното бунтовничко седиште, по што им се губи секоја трага.
Сулејмани, кој во затвор помина повеќе од 4 години, се надеваше на скорашно ослободување, откако во јули минатата година, владејачката коалиција гласаше за отфрлање на четирите случаи за воени злосторства, поврзани со вооружениот конфликт од 2001.
Контроверзниот потег на парламентот, вклучи амнестија и на поранешните бунтовници, кои во т.н. случај на киднапирани Македонци, беа обвинети за наводно киднапирање и убиство на 12 етнички македонски цивили.
Сулејмани е еден од неколкуте поранешни бунтовници, кои по потпишување на Охридскиот мировен договор, со кој во 2001 година беше обновен мирот во земјата, заврши во затвор.
Со договорот, на албанското малцинство, кое сочинува една четвртина од населението, му се дадоа поголеми права. Во замена, бунтовничките сили беа расформирани, а нивните лидери подоцна ја формираа политичката партија - Демократска партија за интеграција, која е дел од владата на Македонија.
http://archive.balkaninsight.com/en...-бунтовник-почина-во-затворот-во-штип/1431/10