Skopje City Mall ги отвора вратите на 4 октомври
Најновиот трговски центар Skopje City Mall дефинитивно се отвора на 4 октомври. Информацијата беше потврдена и на официјалната интернет-страна, но и на профилот на Skopje City Mall на фејсбук. На терен може да се види дека во тек се завршните работи на објектот со вкупна површина од 90.000 метри квадратни.
Од вкупно 150 брендови-закупци воSkopje City Mall , 40 се интернационални, кои прв пат влегуваат во земјава, а останатите мигрираат од другите трговски центри.
Во внатрешниот дел веќе се гледаат имињата на голем број брендови кои закупиле простор, меѓу кои и Тренд, хипермаркетот Карфур, Зара, Уименс сикрет (Women’s secret), Џовани Гаел (Giovanni Gail), Гес (Guess), Селио (Celio) и Камајо (Camaieu), Пениблек (Pennyblack), дел од Макс Мара фешн груп, германскиот синџир на продавници за козметика ДМ (DM), Лагерфелд (Lagerfeld), но и познатиот бренд Армани џинс (Armani Jeans) и други.
Се смета дека Skopje City Mall ќе биде главен мотор на економијата во Скопје, бидејќи планира да отвори 2.000 работни места.
Трговскиот центар, освен продавници, ќе обезбедува и простор за разонода и животен стил, кој ќе вклучува барови, места за храна, кафулиња, ресторани, сала за куглање, центар за забава и најсовремено 3Д-кино со девет сали за проекции. Очекувањата се дека трговскиот центар ќе ја стави Македонија на мапата на највозбудливи шопинг-дестинации во регионот, а ќе биде особено атрактивна за граѓаните од Косово, за кои инвеститорот смета дека се потенцијални купувачи, главно поради близината на магистралниот пат кон Приштина. Изградбата на објектот чини 70 милиони евра
http://www.kapital.mk/mk/makedonija/87612/skopje_city_mall_gi_otvora_vratite_na_4_oktomvri.aspx