ZA KOJA EVROPA ZBORUVAME?
Чешка ќе го враќа Западен Балкан во агендата на ЕУ
Прага има намера да се наметне како адвокат на проширувањето
Брисел - Чешка се подготвува да и' возврати на Франција, најавувајќи дека ќе ја врати на голема врата во Европската унија темата за која Париз, како претседавач, не гледаше мотив воопшто да се занимава. Веќе идната недела чешката амбасада при Унијата ќе организира дебата за Западен Балкан, нагласувајќи во најавата дека „интеграцијата на овој регион ќе биде еден од приоритетите на нивното претседателствување од 1 јануари, и не само тоа, туку еден од клучните приоритети и на чешката надворешна политика“.
Прага има намера да се наметне како адвокат на проширувањето, откако Франција и Германија почнаа се' повеќе да го проблематизираат и маргинализираат процесот, врзувајќи ја неговата иднина со Лисабонскиот договор. „Во интерес на цела Европа е овој регион да биде стабилен и потпирачки дел на европската структура. За нас позицијата на Франција, дека проширувањето треба да чека додека не се усвои Лисабонскиот договор, не е коректна, особено кога станува збор за Хрватска“, изјави деновиве чешкиот шеф на дипломатијата, Карел Шварценберг, барајќи земјите од Западен Балкан да можат да и' се приклучат на ЕУ и без ратификација на договорот.
Токму поради противењето на Франција, Германија и Холандија се' уште е неизвесно дали в среда, при презентирањето на извештаите за прогресот на земјите од Западен Балкан, ќе има датум за завршувањето на преговорите со Хрватска и некакво поконкретно навестување за другите држави во регионот. Дури и условната најава „дека „Хрватска би можела да ги заврши преговорите на крајот на 2009 година“ беше пресилна за овие земји, кои бараа датум воопшто да не се спомне во извештајот на ЕК. Во Брисел веќе се навестува дека идниот месец Црна Гора ќе поднесе апликација за членство во ЕУ, а во јануари истото тоа ќе го стори и Србија, па по скратена процедура и двете земји можат да добијат кандидатски статус до крајот на идната година, изедначувајќи се во евроинтеграцијата со Македонија. Тоа значи дека Македонија ќе се најде автоматски во „српскиот воз“, и новиот регионален пакет, од кој ќе останат настрана само БиХ, Косово и можеби Албанија, која како да е заборавена сосема во Брисел.
Колкава ќе биде, пак, силата на чешкото претседателствување да ја истурка балканската агенда, по симболичниот придонес на Словенија, е друго прашање. Минатата недела на релација Париз-Прага се водеше вистинска дипломатска војна, по неофицијалните коментари од француското претседателство дека Чешка е премногу незначајна, премногу евроскептична и премногу нестабилна политички за да ја води Унијата во најтешките времиња, со оглед на финансиската и институционална криза. Таквото расположение се пренесе и низ европските медиуми, па викендов австрискиот весник „Ди пресе“ отиде најдалеку, објавувајќи текст со наслов „Господе, сега на Вацлав Клаус му е редот!“. Во ЕУ како свесно да се подгрева недовербата во капацитетите за претседателствување на Прага, со лиферување информации во медиумите дека Брисел веќе подготвува планови за итно спасување и ургентна помош од очекуваниот чешки претседавачки хаос. Според тие оцени, за повеќето влади финансиската криза, рецесијата, Лисабонската институционална реформа и односите со Русија ќе бидат клучни приоритети, но во Брисел не се сигурни дека Чешка на тие прашања гледа на ист начин. А, и да гледа, дали може да даде соодветен одговор, кога се тресе владата на премиерот Мирек Тополанек, а претседателот Клаус е најголемиот евроскептик во Унијата, и веќе најави дека знамето на ЕУ нема да се вее на неговата палата во овој период.
Во заднината на ваквите омаловажувања на Чешка се обидите да се искреира атмосфера дека Лисабонскиот договор е ургентно потребен за да се спаси ЕУ од вакви слаби, па и контроверзни претседателствувања, особено сега кога и' се потребни силни лидерства поради ургентноста на ситуацијата. Слични омаловажувања доживеа и Словенија, во чие претседателствување Франција паралелно беше присутна во Брисел. Овие настани беа причина европските медиуми изминатата недела да бидат полни со анализи за „државниот удар во ЕУ“ поради претседателските амбиции на францускиот лидер Никола Саркози.
Саркози, имено, со некои изјави и потези навести дека сака, и по претседателствувањето, да задржи клучна улога околу финансиската криза, а на една прес-конференција претседателот на ЕК, Жозе Мануел Баросо, божем шеговито го прозва како најспособен да биде претседател на Унијата. Дали е ова само игра да се спаси Лисабонскиот договор или најава дека големите ЕУ- локомотиви, Франција и Германија, сакаат да си ги вратат моќта и главниот збор што го имаа пред проширувањето со 12 нови земји- членки, ќе се знае во блиска иднина. Од тој исход ќе зависи и иднината на проширувањето и нашата европска иднина во Унијата.:smir: