Како тоа постојат луѓе кои за да постигнат нешто, ќе заборават на своето пријателство, ќе го погазат и ќе дозволат себичноста и зависта да надвладеат?
Зошто формата на амбицијата со секој нареден ден добива многу поразлични димензии. Ако идеалот зборува дека врвот на достигнувањата е успехот да го споделиш со најблиските и да имаш барем неколку луѓе околу себе со кои ќе му се радуваш на истиот, реалноста е дека повеќето си даваат за право да живеат со синдромот дека имаат доволно причини сите околу нив да им завидуваат, со чувството на инфериорност во однос на нив. Денес акцентот е неминовно ставен на постигнување повеќе од другите, особено повеќе во однос на тие што се во наша непосредна близина каде се нашите најголеми шанси да се истакнеме. Нели, вечната борба да се биде прв и главен во друштвото и користење на сите расположливи оружја водејќи се по Макијавелската “Целта ги оправдува средствата”. Има една работа поврзана со муабетов што често си ја размислувам и се повеќе и ја утврдувам вистинитоста – дека додека некој гази преку тебе, твоите чувства, посветеност, достоинство, преку вашето пријателство, тој во ниту еден момент не размислува на тоа на начин и со цел, намера да те повреди, туку на начин и со цел да ги оствари своите мечти и цели во кои признато е дека некогаш се оди предалеку. Затоа, веројатно погрешно е за мене да размислувам за таква личност како за злобна, напастна или покварена, туку за болно амбициозна особа што има поинаков приоритет на желби и остварувања отколку моите.
Како тоа има личности кои со задоволство го осдудуваат туѓиот избор, знаејќи дека тоа е многу погрешно?
Хм... Имаше една поговорка “кога ти е тешко, сети се дека може и полошо”. Ние љубиме да ги оправдаме своите неуспеси споредувајќи се со навидум полошите од нас. За нашите смешни, бурлесни, понижувачки избори не ретко се трудиме да си создадеме атмосфера во која би се чувствувале подобро споредувајќи се со оние за кои сметаме дека направиле помизерни избори од нашите. Изборот или определба на една личност во даден момент е резултат на комплексен сплет на околности во кои ние како поблиско или подалечно окружување ниту можеме, ниту имаме право да се мешаме. Кога секој ќе почне да го живее вистинското значење на фактот дека на сите нас ни е дадено правото да имаме сопствени размислувања, сопствено однесување и сопствени избори, веројатно и секој ќе сфати колку погрешно е ставањето во туѓа улога и расфрлањето со изјави од типот “Јас можев далеку подобро”. Повелете и докажете.
Каде отиде моралот, и каде се изгуби човечноста?
Ќе се надоврзам повторно на првиот одговор. Амбиции, индивидуализам, желби, борба за поголеми достигнувања. .. Глобалното осиромашување не доведе на еден смешен стадиум во кој неретко, според изгледите, исчезнува вољата за борба и изгледа како човекот, немајќи други средства и избори да опстои во силната конкурентска борба, се фрлил на газење на сопственото и туѓото достоинство и задоволување на своите ниски страсти. Ако човекот беше единственото животно што можеше да ги контролира потребите, денес човекот општи на јавни места, општи со повеќе од еден партнер истовремено, силува 10 годишници, краде дури и од најблиските ама не за да преживее туку за да има повеќе, убива зошто комшијата го погледнал на криво, се задоволува со сопственото куче. Ако постепено изместување на вредностите веќе е прифатено како нормална фаза во развојот на едно општество, не сакам ни да замислам како ќе изгледа нашево за некои 10-тина години.