Фајон: Реална опасност за повторно воведување визи
15.12.2011 - 10:28 |
Постои реална опасност на државите од Западен Балкан повторно да им се воведе визен режим за подрачјето на „Шенген“ доколку итно не го решат проблемот со лажните азиланти, изјави Тања Фајон, известител на Европскиот парламент.
Таа потсети дека во рамки на европските институции се водат разговори за механизмот на суспензија на безвизниот режим.
- Станува збор за механизам за суспензија предложен од ЕК во јуни оваа година. Тоа беше нашата реакција на бранот лажни азиланти кои допатуваа во Белгија, Шведска, Луксембург, Германија, рече Фајон во интервју за Новости.
Според неа, ако тоа биде усвоено, земјите членки ќе имаат можност на некоја „трета“ држава не само од Западен Балкан, да и го укинат безвизниот режим за половина година, а потоа да го продолжат на девет месеци и конечно државата да се стави на „црната“ шенгенска листа.
- Во вторникот за тоа разговараа министрите за надворешни работи на државите-членки. Тој ист документ постои и во ЕП, во надлежниот Одбор за граѓански слободи, правда и внатрешни работи. Истовремено, Одборот за надворешни работи ќе даде свое ммислење, истакна Фајон.
Новиот механизам може да стапи на сила кога ќе биде договорено за сите детали и тие бидат усвоени во Парламентот и Советот.
- Претпоставувам во текот на следната година. На државите членки многу им се брза, наведе таа.