Еве и нешто повеќе за Самсунг Д900:
Успехот што го постигна
Motorola со своите ултра тенки модели навистина ја измени перцепцијата на производителите како треба да се дизајнира еден мобилен телефон. Во таа насока
Samsung се реши да претстави сопствена линија базирана на истиот тенок дизајн.
Со дебелина од само половина инч,
Samsung SGH-D900 е модерно дизајниран мобилен телефон кој комбинира елегантен изглед и богати мултимедиjа можности, а притоа не изгледа гломазно и непрактично.
ПРВИ ИМПРЕСИИ
Прво што приметивме кај овој модел е неговата солидна конструкција. Лизгачкиот механизам е одлично изработен, потребен е само благ притисок нагоре за да се отвори тастатурата, а истото важи и за нејзино затворање. Копчињата на нумеричката тастатура се големи и лесно се притискаат, меѓутоа со оглед на тоа дека се работи за слим модел тие се скоро рамни и споени со површината но сепак произведуваат одредено ниво на отпор и ”клик” кога ке се притиснат. На левата страна се сместени копчињата за тон а на десната за камерата. Подолу на левата страна под копчинњта за тон се наоѓа слотот за microSD картичка, а на десната страна исто подолу од копчето за камера се сместени приклучоците за слушалки,полнење и конекција со компјутер. Сите овие отвори се заштитени со гумени капачиња.
ДИСПЛЕЈ И КАМЕРА
Дисплејот на овој модел е TFT QVGA со резолуција од 240x320 пиксели исто како кај
Nokia N73 и
Sony Ericsson K800. Деталите се гледаат јасно и чисто, а сликата е со висок контраст и сатурација на бои. При директна сончева светлина сепак треба да се гледа под одреден агол за да може да се види јасно екранот.
На задната страна поставен е главниот адут на SGH-D900, а тоа е камерата со резолуција од 3.2 мегапиксели. Сликите што ги вади овој модел се навистина меѓу најдобрите што сме ги виделе од мобилен телефон. Репрезентацијата на боите е одлична со високо ниво на детали и реалистичност на бои.
Најголемата резолуција на сликање е 2048x1536, но има вкупно девет резолуции од кои може да бирате, како и три опции на компресија (Normal, Fine, Superfine). Многу корисна функција е тоа дека сите бројки на нумеричката тастатура се всушност ”shortcuts” за одредени функции на камерата. Како опција пред да сликате може да се одберат разни колор ефекти - црно-бело, сепиа, негатив и слично, како и триесетина рамки.
Toa што не зачуди е интерфејсот на камерата. За разлика од другите модели со понапредни камери каде што се слика во ”landscape mode”, кај SGH-D900 иако има можност за сликање во ”landscape” тоа не е можно бидејќи интерфејсот може да се користи само во ”portrait mode”. Ова значи дека всушност не може да видите што се ке биде сликано бидејки на екранот го гледате само централниот дел она што го сликате. Кога станува збор за снимање видео клипчиња, максималната резолуција е 352x288 (CIF) при што нивната должина е ограничена само од расположивата меморија. Клиповите може да се гледаат на цел екран меѓутоа само во ”portriat mode” бидејки нема можност за нивно гледање во ”landscape mode”.
МУЛТИМЕДИЈА
MP3 плеерот е сличен на оној кај моделот Х820, исто има еквилајзер ( нормално, џез, класика, рок) и два типа на визуелизација кои не се базирани на музиката што се слуша моментално. Музиката може да се организира во плеј листи но нажалост листите се ограничени на само четири така што вкупниот број на песни организирани во плеј листи изнесува 120. Мораме да истакнеме дека звучникот на SGH-D900 е со релативно слаб квалитет и звукот што го вади е доста тивок и дисторзиран, но затоа слушаките се со одличен квалитет.
ОСТАНАТИ КАРАКТЕРИСТИКИ
Што се однесува до останатите карактеристики интересно е да се спомене дека има анимирани теми, односно за време на денот имате анимација на сончева долина а навечер автоматски се менува во тема со ѕвездено небо и ѕвезди што паѓаат. Стандардно на распогање ви се организер, календар, светски часовник, дигитрон, конвертер, штоперица, диктафон и др. Менито за пораки поддржува класични sms/mms пораки и електронска пошта (SMTP/IMAP/POP3).
SGH-D900 е ”quad-band” GSM што значи дека функционира на 4 фрекфенции, така што може да се користи насекаде во светот каде што има GSM покривање. За пренос на податоци опремен е со GPRS и EDGE, а за кратки растојанија има Bluetooth 2.0 -A2DP што значи поддршка за стерео аудио преку Bluetooth. Во пакетот добивате и USB кабел за конектирање со компјутер и дополнителен софтвер за синхронизација и организација на мобилниот преку компјутер. Интернет пребарувачот е со просечен квалитет, и добар за разгледување помали и попрости сајтови бидејки се што е малку покомплицирано нема можност да се прикаже и јавува грешка дека документот е преголем за разгледување.
ЗАКЛУЧОК
Како заклучок може да се каже дека SGH-D900 се истакнува со својот дизајн, камера, квалитетна изработка и доста солидни мултимедија содржини, но сепак ако при изборот на мобилен телефон примарни ви се дизајнот и изгледот, тогаш нема да погрешите ако се одлучите за овој модел.