АРМ ќе ги зближи регрутите од различни етнички заедници
Стручната јавност е едногласна дека, доколку за една година низ единиците на АРМ „поминат“ неколку илјади млади регрути, тие во своите единици ќе научат да се дружат, да ги надминат меѓуетничките разлики, но и да го развијат чувството за лојалност кон татковината, дисциплина, ред и поредок
Има опција и за цивилно служење војска за граѓаните, кои од верски или други причини не сакаат да служат редовно во армијата
Што носи враќањето на воената обврска
Служењето во војската може да ги зближи младите од сите етнички заедници во државата, да го зголеми патриотизмот, да го издигне моралот во општеството, но и да се развие чувството за лојалност, дисциплина и ред меѓу регрутите. Ова е размислувањето на експерти по прашањето што ќе донесе за државата иницијативата на челниците на АРМ за враќање на задолжителното служење на воениот рок, практика што беше прекината во 2006 година.
Регрутирањето лица во војската, според оние што ја иницираат идејата, би се вршело со враќање на воената обврска. Оттука, 15 отсто од активниот состав би бил составен од војници-регрути. Воениот рок би траел три месеци, а жените би служеле доброволно.
Регрутите би минале низ основна обука за војници, а потоа би се распоредувале во гарнизоните според потребите. Најголемиот дел редовни војници би се распоредувале во пешадиските и во логистичките единици, како дополнување на единиците со професионален состав, и би биле дел од вкупната бројка на активниот состав. Меѓу другото, има опција и за цивилно служење војска за граѓаните, кои од верски или други причини не сакаат да служат редовно во армијата.
АРМ го негува духот на соработка
Универзитетскиот професор, социологот Ѓорѓи Тоновски, посочува дека, ако навистина би се вратила задолжителната воена обврска, таа на неколку начини би била корисна и за државата и за младината.
- Служејќи заедно во една институција како што е армијата, младите од различни етнички заедници, сакале или не, ќе се научат да се дружат и меѓусебно да се почитуваат - вели професорот.
Тој објаснува дека АРМ важи за институција со најголема социолошка и политичка тежина во Македонија, а војската во својата основа има вредности што го негуваат токму духот на заедништвото, соработката и компромисот.
- Верувам дека со овој чекор сите оние младинци што ќе облечат униформа во иднина ќе влезат во една нова фаза на животот, која природно доаѓа по завршувањето на средното образование. Регрутите со самото приклучување во армијата, автоматски би се идентификувале полесно меѓу себе и би се зближиле со преостанатите врсници, кои се од различни етнички групи. Овие млади во касарните со сигурност ќе мораат да научат како да соработуваат меѓу себе. Токму поради тоа јас сум убеден во овој мој позитивен став кон оваа иницијатива. За ова судам според моето лично искуство и какви спомени носам од времето кога го служев својот воен рок - резимира Тоновски.
По примерот на Израел
На иста линија со професорот Тоновски е и психотерапевтот Мирјана Стојановска- Јовановска. Таа истакнува дека воената обврска треба еднакво да важи и за младината и од двата пола, бидејќи кај нив армијата со сигурност ќе даде чувството за лојалност кон својата татковината, чувството за дисциплина, ред и поредок.
- Досега неколкупати имав можност да го посетам Израел и да престојувам подолго или пократко во оваа земја. Од она што го видов таму морам да кажам дека армијата можеби е и главниот линк меѓу актерите во општеството, кој ги тера граѓаните да ги надминат своите меѓусебни недоразбирања и да научат да си ја сакаат својата држава - вели Стојановска-Јовановска.
Таа смета дека младите луѓе, без разлика на полот и припадноста, доколку станат дел од армијата, тие би изградиле во себе обврска за бранење на татковината и култ кон патриотизмот.
- Ако бранењето на државата го доживуваш лично преку армијата, ти потоа во себе, додека си жив, ќе сакаш да си ја чуваш својата земја - вели психотерапевтот.
Стојановска-Јовановска е децидна дека војничкиот живот кај секој наш млад граѓанин може да изгради извонредни карактерни вредности, како издржливост, упорност и истрајност.
- Се сеќавам дека токму ваквите вредности беа добро вреднувани во војниците во поранешна Југославија и тоа беше правено многу успешно од тогашните власти. Па, токму поради овие вредности самите регрути беа многу почитувани од сограѓаните, бидејќи секој војник поединечно за сите нас ги претставуваше токму овие позитивни вредности - вели Стојановска-Јовановска.
Таа истакнува дека овие особини, ако успешно се втемелат во умот на една млада личност, ние како држава сме успеале да ги избришеме недовербата, меѓуетничката омраза и нетрпеливоста во Македонија.
- За време на армиските воени вежби меѓу војниците по дефиниција се формираат тесни меѓусебни врски - заклучува таа.
(утре: Регрутниот систем во Македонија и светот)
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=32213859269&id=9&prilog=0&setIzdanie=22836