Невработеноста посилна од државните вработувања
Армијата нововработени административци, која во првиот квартал во 2010 година е зголемена за 9.000, беше недоволна да го спречи бранот отпуштања што ја зафати македонската економија поради светската криза. Најновите податоци за намалување на вработеноста од 0,4 отсто и порастот на невработеноста од 2,9 отсто, доаѓаат во време кога актуелната власт очекуваше излегување од рецесијата
Проактивната политика Владата за зголемување на вработувањата во јавната администрација не можеше да ја покрие зголемената невработеност. Армијата нововработени административци, која во првиот квартал во 2010 година е зголемена за 9.000, беше недоволна да го спречи бранот отпуштања што ја зафати македонската економија поради светската криза. Најновите податоци за намалување на вработеноста од 0,4 отсто и порастот на невработеноста од 2,9 отсто, доаѓаат во време кога актуелната власт очекуваше излегување од рецесијата.
Професорот на Економскиот факултет во Скопје, Славе Ристевски, вели дека проблемите со високата невработеност во Македонија произлегуваат од нискиот пораст на бруто-домашниот производ, кој не овозможува заздравување на економијата и намалување на невработеноста.
- Во целиот транзициски период просечниот пораст на БДП изнесува меѓу 1,5 и 1,9 процент. Тоа не дава основа за развој на економијата. Бројот на невработените постојано се движи околу 340.000 лица, независно од кој извор доаѓа - дали од Агенцијата за вработување или од Државниот завод за статистика. Стапката на невработеност е сé уште висока, и дури и да се избришат невработените што се пријавуваат за здравствено осигурување, доаѓаме до 22 отсто невработеност, што е високо ниво во однос на другите земји. Исто така, има нелогичност во истовремениот пораст на вработеноста и на невработеноста - објаснува Ристевски.
Зголемувањето на активното население од 0,7 отсто е исто така недоволно и таа бројка со години е позиционирана меѓу 55 и 56 отсто. Според Ристевски, ниското ниво на активно население неповолно се одразува на полнењето на социјалните фондови, за кои има огромен притисок од разни категории граѓани.
- Во Данска активното население изнесува 80 проценти, но има и држави, како Италија со 57 или 58 проценти. Но во Италија постои појака структура на вработени. Во Македонија имаме состојба на еден вработен, на тројца невработени. Може да се води социјална политика, но тоа нема да издржи на долг рок. Нашиот бруто-домашен производ по жител е од 3.000 до 4.000 евра и не дава можност за полабава социјална политика - вели Ристевски.
Министерот за економија Фатмир Бесими очекува дека во текот на годинава ќе се подобрат состојбите со невработеноста.
- Тоа се факти од кои не можеме да бегаме. Ние сме свесни за импликациите што глобалната економска криза ги имаше во нашата економија минатата година и рековме дека оваа година ќе биде година на заздравување. Сметам дека во текот на годинава ќе се подобрат состојбите - вели Бесими.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија, поради внатрешната реорганизација по изборот на новиот претседател, не сакаа да ги коментираат најновите податоци за порастот на невработеноста.
Рекордери сме по невработеност
Интернет-порталот „24/7 Волстрит“ објави анализа, според која Македонија е водечката нација во светот по невработеност. Пресметувајќи ги бројките добиени од повеќе извори, како што се ММФ, Светска банка, ЦИА-светски факти и многу други, Македонија го освои овој неславен рекорд. Доколку се сметаат сите над 15-годишна возраст што се невработени (во оваа категорија спаѓаат и хендикепираните, старите и сите оние што не бараат работа), тогаш процентот е речиси двоен или 65,2 отсто невработени од целата нација - пишува „24/7 Волстрит“.
Во првите 10 нации по невработеност, по Македонија следуваат:
- Ерменија 28,6%
- Алжир 27, 3%
- Западен Брег и Газа 25,7%
- Босна и Херцеговина 23,4%
- Јужна Африка 22,9%
- Намибија 22%
- Колумбија 20,5%
- Боцвана 17,6%
- Ирак 17,5%
„Како уште неколку земји на оваа листа, и Македонија е дел од поранешната Југославија што се распадна во 1991-та. Иако беше поштедена од најголемиот дел на апокалиптичните насилства во регионот, земјата страда од свои проблеми. Како и соседите, и Македонија имаше етнички тензии, а неколкупати беше на работ на граѓанска војна“, стои во краткиот опис за економијата и за лидерството во невработеноста на порталот „24/7 Волстрит“.
http://novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=624101022522&id=10&prilog=0&setIzdanie=22016