- Зошто молчиш?
- Зарем молчам?
- Зарем сметаш дека не молчиш?
- Зарем насмевката не ти кажува доволно?
- Зошто молчиш?
- Зошто молчам? Заборавам да зборам.
- Не. Каде ми бегаш?
- Седам во својот осамен бар со атмосфера од стариот век,
Кога сите бевме едно.
А сега во толку бедна ограда морам да ја стегам оваа бујна градина.
- Зошто го собираш челото?
- Очите ме печат, и забите ми цвркотат во некој африкански ритуал.
Мислам со какво само задоволство сите би се растекле врз валканиот снег.
- Мисли. Зошто молчиш? Знаеш дека знам дека мижуркаш мрзливо а работиш со полна пареа.
- Тешка е борбата со самогласките.
Тешко е да исплукам дека всушност не мислам на тебе, туку на огледалото позади.
Но кога веќе морам да зборам, сакам нему да му кажам нешто мелодично, спротивно од скршените линии што го делат.
Прости ми.
Што се случи кога деновиве повторно се сретнавме знаеш веќе и сам.
Од навика, се обидов и тебе да те натерам да ме љубиш, огледало.
Те молев да ме обожаваш.
Навика.
Долго време откако се разделивме парталава и боса одев низ оган и заведував мраз, само за твојата и љубовта на секое како тебе што засекогаш го изгубив откако управничката на домот за материи што ги заборавиле своите души ми ја закопа ефтината кутија прошарана со лични предмети во ридот кутии слични на неа на таванот.
Ми успеваше.
Така останав само со нечистотијата на непознати огледала во мојот нов дом.
Се сеќавам како нив им кажував се, а потоа молчев со останатиот дел од себе додека го минев патот кон старата куќа на моите родители.
Газев сочни булки покрај шините,
Никогаш не помислував на нивниот сок топол како чај.
Немајќи каде, се втурнав во мала вечна ноќ и месечев шепот, со денови, со месеци, години.
Посаден горе високо во магичната градина, зарем гледаше тој во оваа соба нешто повеќе од оној отсјај што го доловував јас?
Јас можев да го пронајдам само одразот на мојата сува испукана кора.
Недостиг, анксиозен и искрив.
Кога немирната вода пребрзо тече,
Бесно извирајќи го рони секој брег на разум.
Отровно осамена го крши воздухот во својот планински крик.
А сите други делчиња од светот молкнуваат намуртено
Бесмислени се кога сопствената магија одамна одбила да ги спои.
Тогаш, обесхрабрени, жилите на вратот полни со страв ме вртеа кон следниот што ме демне на шалтерот.
Et vоuаla! Тоа е мојот студен допир кој повторно дошол да ме успие.
Навика.
Меѓу редовите на подарениот распламтен сон ме ниша од некаде познато сениште, истетовирана потсвесна мисла дека не сум избрана за стебленце на редок нов живот; топол, ѕвезден, со корења до јадрото на земјата и благи лисја до облаците.
А зад превезот на длабочината од неговиот страв, уплашено себеси се копаат две очи со познат блесок.
Тоа сум јас.
Жива само кога флертував со себеси преку своите огледала од крв и месо
Јас, сирена која повикува во смрт
А потоа јас, морнар разбиен од карпа
Молчам?
Грешиш, мое мало распарчено огледало, ми недостасуваш мој мал духу.
Само постојано размислувам што да облечам кога ќе се сретнеме повторно.
Во што да си ја замотам празнината за да изгледа симпатично?
Од срам се впива сама во себе при допир со стари познаници.
И потоа веќе не може да оддаде никаков звук.
Простете.
Што се случува знаете веќе и сами.
Мостот од стакло кој припаѓал на стариот император го нема кога новата војска надоаѓа.
Се срушил,
Се раздвоил како пукнатина што допира до срж.
Се исушил,
Се стуткал и прашливо плови во сопствениот вик.
Иако наоколу листаат врби и брези и лалиња на смарагдот,
Се мешаат пастелното внимание и девијантното прелевање,
Се преплавуваат неорганизираното и исполнетото.
Листовите ја будат водата, ја цедат бојата во неа.
Мостот љубоморно ги чува тие отисоци на својата површина, но веќе не може да го испушти звукот на својата мисла.
Бидејќи таа веќе се заробила во безвременската убавина на сферата на сенките, ја проголтало преценетото време на часовникот.
[FONT="]
[/FONT]