Зборуваат за Арсенал како голем клуб, што де факто и е, ама не била лоша сезоната, иако останале со нула од четири можни трофеи и најдобрата сезона во последните 20 години во Премиер Лига не успеале да ја валоризираат.
Нешто не ми се совпаѓа тука.
Да не се лажеме, ајде. Трофеите и те како ја детерминираат успешноста на сезоната доколку си голем клуб со високи цели. Секако, тоа не е единствен параметар. Мора да се земат предвид сите околности. А околностите на Арсенал сезонава беа поволни и затоа ова според мене е разочарувачка сезона. Не знам како нивните фанови се чувствуваат.
Точно е, Арсенал конечно изгледаше компетитивно. Не само што изгледаше, туку и така делуваше на терен. И не се согласувам дека менталитетот лузерски е причина за овој пад на крај. Тврдам и сега дека Арсенал одигра најдобра кампања, одигра најдобар фудбал и апсолутно немаше да биде незаслужена титулата. Нивниот пад највеќе се должи на неискуството (вклучувајќи го и човекот на клупа), недоволно квалитетните измени и на крајот, монструозниот Гвардиола.
Главите на играчите на Арсенал им беа во ред овојпат, најголемиот дел од нив. Впрочем, Арсенал е во игра до 36, 37 коло. Не ќе да е тоа лош менталитет.
Се навраќам на Артета. Неискуството негово највеќе се огледува во немањето капацитет да ја смири топката (слично како Спалети во двобојот со Милан, само што штетата овде е далеку поголема). Човекот од 10-то коло започна со неартикулирани движења на терен, несекогаш оправдани притисоци кон судии, креирање непотребна нервоза и притисок првенствено одразен негативно врз своите фудбалери.
Не смееш да се однесуваш на тој начин уште во октомври, не смееш да се однесуваш како да е живот или смрт уште во октомври.
Под влијание на таа атмосфера и фудбалерите се однесуваа неприродно на терен, небаре веќе освоиле пет лигашки титули. Курчења по социјални мрежи (што подоцна ги префати и навивачите на Арсенал), непријатни состаноци на терен (читај Зинченко цела сезона), неоправдана авторитативност со противници, па и целокупната јавност. Стеј хамбл, мајку му стара. Потоа удри на веселба и курч колку сакаш.
За следната сезона дека сигурно ќе се борат за титула, не знам. Тоа е баш хот тејк. Дека ќе бидат во топ 4, верувам. Дека ќе пружат борба повторно, не се сомневам. Арно ама, околностите од погоре...
Оваа сезона ептен им се погодија бајги работи. Јунајтед во полупреоден период, со нов тренер. Ливерпул исто пред ремонт и куп повреди и отсуства. Тотенхем помртов од вообичаено. Сити се активираше од февруари кога сфати дека ѓаволот ја носи шалата. Челзи свесно не го споменувам.
Не сум сигурен дека Јунајтед нема да биде подобар од сезонава, како што не сум сигурен дека Ливерпул и Челзи во најголемиот дел од сезоната ќе се наоѓаат поблиску до зона за испаѓање одошто места за Европа.
На Челзи ќе му треба период, додека Јунајтед и Ливерпул со паметно купување летово, инстантно би се искачиле погоре на табела.
Играњето во ЛШ ќе ги оптерети Арсенал, но уште повеќе ќе ги оптерети мислата дека беа толку блиску, а толку далеку од премиерлигашки трофеј. Токму тие млади фудбалери ќе треба да се носат со тој факт, тоа не е воопшто наивно. Ќе видиме како и дали.
Да, може да пазарат добро и тие, не е спорно. Но, покрај нив, ќе се менуваат и останатите. Само останатите ќе бидат без бремето на загубена титула и шанса децениска, меѓудругото.
Муабетот е, доколку им кажел некој на фановите на Арсенал дека до 37 коло ќе бидат во игра за титула, некаде во август лани, сигурно ќе прифателе со две раце. А потенцијалниот неуспех би го прифатиле полесно. Сепак и така, неосвоен трофеј е неосвоен трофеј. Ама, доколку цела година играш како што играш и имаш значителна предност во лига како оваа, пред еден Сити и ја пропуштиш приликата, тогаш...
Во меѓувреме, остануваш без европски трофеј (жртвуван во име на кампањата во лига) и двата купови. Извинете, дали сакате ваква или онаква терминологија, помалку добра, лоша, многу лоша, лузерска, сеедно. Најголеми губитници испаднаа и само ако го имаат на ум ова, ќе имаат шанса да се вратат во живот и на некои победнички патеки. Спротивното размислување би било погубно за нив. Аха, добро е ова, ете се боревме, што да правиме. Неправилно.
Иронијата е мајка. На крај, најлошата сезона на Челзи во последните две децении, условена од мал милион фактори, завршена е со нула трофеи. Најдобрата на Арсенал, пак, исто така, нула трофеи.