Темава намерно ја ставам во подфорумот за серии. Ако некој ја премести (под претпоставка дека нема да ја избрише) не се лутам
Епа ајде дечки, ако постои нешто околу кое се скубат коси во подфорумов, ова е тоа.
Што е тоа паметен хумор? Примери некои? Дали е тоа хумор за кој треба предзнаење (вицот со неутронот на Шелдон сите го знаеме)? Дали мокјументари по дефиниција имаат паметен хумор?
Кои серии го имаат тој паметен хумор, а кои не и зошто?
Убава тема, браво за темава, мислам дека ќе има напната дискусија што фали одвреме навреме тука.
Читам подолу Louie те испровоцирал за темава и супер, само мислам дека Луи не е соодветниот пример овде.
Еве ќе елаборирам на кратко на темава па на примеров:
Кога некој ќе спомене мокјументари серија обично прва асоцијација е дека хуморот е паметен. И обично е така, наспрема ситкомите. Па и тоа е нивната цел - ситкомите се со цел да те опуштат и релаксираат, а денешните ситкоми се ни за едното ни за другото, туку за да го отупат гледачот. Денес кога ќе се спомене ситком прво доаѓаат на памет HIMYM и TBBT и овие две серии се дааалеку од тоа што се оние ситкоми кои се правеа со срце и беа смешни, а најважно - оригинални. Зборувам за Everybody loves Raymond, Spin City, Cosby Show, Seinfeld, Friends, 3d rock from the sun... тоа се тие ситкоми кои имаа дух и носеа нешто ново со себе. Немаше тука некој особено интелигентен хумор, туку хуморот беше секојдневен и лесен, па нема што многу да се замараш додека гледаш дали си сфатил нешто и како си го сфатил.
Како паралела на тоа, најпопуларните денешни ситкоми, тие две од погоре кои ги спомнав (и ги прекинав со гледање одамна) се ништо во споредба со постарите. HIMYM е некаква си бледа копија на Friends и првата сезона ги искористи сите шеги, после се што беше - беше повторување и дури и на сила се штанцаат нови сезони. Кај TBBT е друг случајот, има една таргет публика од нердови и оние кои мислат дека се "nerds" ако ја гледаат серијава. Епа тука додавам една поента каде разграничувам интелигентен од паметен хумор - TBBT има интелигентен хумор каде за да го сфатиш вицот со неутронот треба да имаш некое познавање од хемија/физика и што ти јас знам таму. Тоа во никој случај не го прави хуморот паметен.
Тоа е тоа што се случува кај мокјументари сериите. Имаат паметен хумор, не интелигентен. Многу се грешат овие поими. За да бидеш интелигентен треба да имаш надпросечен IQ, како тие во TBBT со шегите, паметот е релативна работа, за некого е паметно ова за некого тоа за трет нешто сосем десето.
Кај мокјументари сериите шегите не ти се пласираат директно како смешни и нешто на кое мора да се насмееш како во ситкомите. Curb your enthusiasm е серија направена со по две реченици скрипта за секоја епизода. Тука ликовите си импровизираат и што е најдобро - се смеат на сопствените шеги. Лери Дејвид си кажува сам шега и сам си се смее на неа, Рики Џервејс во Офис пробуваше да ги насмее колегите и некогаш му успеваше тоа само на некои, останатите го гледаа покерфејснати, и што е најинтересно и гледачот добива такво чувство. И мене како гледач ми остава простор дали сакам да се насмеам или не. Тоа е тој паметен хумор што се пласира и не гледам да има нешто лошо во него или да се гледа кон него со презир што произлегол од омраза спрема "хипстерите" кои се сметаат за паметни ако гледаат таков хумор. Не е тоа до колку се гледаме себе си преку сериите, туку до тоа каков хумор преферираме. Да, се слагам со тоа дека вкусот за серии особено за хумор многу кажува за тоа каква личност си, ама во многу случаи испаднало дека тоа нема врска. Family Guy го има најНЕпаметниот хумор на сите времиња и е обратно од се што се смета за интелигентно и паметно, ама пак како ми лежи тој хумор ни една друга цртана серија не ми е толку смешна и интересна, ни Симпсонови ми биле после тоа, ни Футурама. Саут Парк на пример имаат паметен хумор, но тука е повеќе настроен кон критика најчесто за општеството и американците што нам не ни е којзнае колку блиска, ама е претставена на еден необичен начин и не можеш после да не ја сакаш таа серија.
Тука веќе го споменувам Louie затоа што веќе спомнав необичност - епа Louie е најнеобичната серија што човек може да ја гледа. Само оние што не ја изгледале цела серија можат да речат дека Луи има интелигентен и паметен хумор. Фановите на Луи сигурно нема да се сложат дека серијата е наменета да биде интелигентна, туку Луи си е еден посебен случај на серија и за неа може да се пишува ден и ноќ, да се анализира секоја епизода и секоја постапка која изгледа безначајно, а не е. Луи има една таква симболика за општеството, социјалните проблеми и чепка низ многу философски и психолошки прашања и тоа е тоа што ја прави уникатна. Нема таква серија и допрва ќе се почувствува нејзиното влијание во телевизискиот свет. Ни Сопранови не беа толку прифатени во жанрот драма на почетокот, туку станаа популарни тек кога гледачите сфатија дека тоа е револуција во жанрот на кој припаѓа. Исто како и Твин Пикс, серија која беше прекината после втората сезона ради намалена гледаност и остана култна во тој свет и го промени, и Џ Џ Абрамс сам има изјавено - да не беше Твин Пикс немаше да постојат ни Лост, ни Хаус ни Сопранови, затоа што Линч покажа дека може да се експериментира со камерата, да не се оди според шаблонот.
Сето ова е Луи во жанрот комедија кој полека но сигурно го менува, Луи е револуција во телевизијата и ќе биде лектира за многу нови серии. Затоа што не следи шаблон, нема шеги од еден ред, туку цели епизоди, незгодни ситуации што остануваат во глава и не ги забораваш, па сам одлучуваш како да гледаш на нив - како комедија или трагедија.