
Самитот на претседатели на држави од Централна Европа денеска официјално започна во Охрид.
На Самитот присуствуваат делегации од 19 држави, од кои 17 се претставени на претседателско ниво.
„Овој состанок за Република Македонија има особено значење. Овој Самит претставува најголем политички настан организиран во Македонија“, рече во поздравното обраќање македонскиот претседател Бранко Црвенковски.
Според претседателот Црвенковски, Самитот е голема можност за афирмација на интересите и позициите на Македонија по клучни прашања кои во овој период претставуваат највисок приоритет, како што се интеграциите во НАТО и Европската унија, како и разликите со Грција околу името.
Претседателите од централна Европа денеска треба да дискутираат на темата „Процесот на проширување на ЕУ и влијанието на тој процес врз националните економии“, утре на дневниот ред е „Енергетските перспективи и предизвици на регионот“, извести Макфакс.
На самиот учествуваат претседателите на Хрватска, Молдавија, Бугарија, Чешка, Црна Гора, Словачка, Србија, Австрија, Германија, Украина, Унгарија, Полска, Босна и Херцеговина, Албанија и Турција. Романија и Италија се претставени на ниво на амбасадори. Почесен гостин на Форумот е турскиот претседател Абдула Ѓул.
Самитот завршува утре со усвојување на финалните заклучоци, по што е најавена заедничка пресконференција на претседателите.
Kosovskiot pretsedatel bez pokana za samitot...Apsolutno pravilna odluka!