Владините градежни проекти му спремаат катастрафора на охридското езеро
од НОВА | објавено на: 21-06-2015 13:34:19
Сушење на студеничкото блато за да се изградат згради, вадење на езерската трска и бетонирање на дел од површината на езерот за да се правеле бетонски платформи, автопат преку Галичица и хотелски и други комплекси се само дел од владините проекти кои на најстарото и најдлабокот езеро во светот му подготвуваат еколошка катастрофа, вака накусо звучат предупредувањата на граѓаните и еколошките здруженија кои обединети се противат на ваквите намери. За таа цел, мрежата на здруженија која постојано има активности подготви и петиција со намера да се спаси езерото од неодоговрните политики.
По повод 21 јуни, денот на Охридското Езеро, Еколошкото здружение на граѓани Фронт 21/42, Здружението за заштита на животните и животната средина ЕДЕН, Здружението за унапредување на меѓусебна доверба ТАКТ и граѓанската иницијатива ОХРИД ЅОЅ, објавија меѓународна петиција за зачувување на езерото и Националниот Парк Галичица.
- Охридското езеро опстанало милиони години и било сведок на многу нешта: од создавањето на човечката раса и првите цивилизации, преку подемот и падот на византиската империја, до независноста на Македонија, но најновите апсурдни планови на македонската влада може да донесат крај за овој редок бисер на природата и за блискиот национален парк, велат невладините во соопштението.
Проектите на Владата на РМ се следниве:
1. Сушење на Студенчишко Блато кое е од клучно значење за опстанокот на Езерото и изградба на станбени комплекси на негово место долж брегот;
2. Сечење на последниот појас трски и покривање на голема површина на Езерото со бетонски платформи со цел „да се дигнат“ огромни туристички комплекси;
3. Поништување на заштитата на последната недопрена област од Езерото и загрозување на најважните извори кај Св. Наум кои го снабдуваат езерото со вода – повторно за на нивно место да се најде некој од горенаведените туристички комплекси;
4. Поништување на заштитата на дел од НП Галичица и градење на експресен пат (автопат) од 14 км, за што ќе се уништат 50ха заштитено подрачје од Националниот Парк – проект кој е многу веројатно финансиран од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР);
5. Поништување на заштитата на голем дел од Националниот Парк Галичица со цел изградба на ски-комплекс од 400ха, со кој се предвидуваат огромен хотел и викенд-населба.
Експертите кои ја изработија СОВЖС јасно предупредуваат дека негативните последици врз биодиверзитетот, почвата и водите предизвикани со реализацијата на овие проекти ќе бидат неповратни, дека не постојат компензациски мерки и дека постои реален ризик од губење на заштитата од УНЕСКО.
Владата на РМ одлучи да ги игнорира овие предупредувања и сепак да си продолжи со своите планови.
Куса историја на езерото
Охридското Езеро се наоѓа на Динарските Алпи, на границата меѓу Република Македонија и Република Албанија. Неговата старост се проценува на околу 4 милиони години. Тоа е најстаро природно езеро во Европа и едно од најстарите природни езера во светот. Најголемата просечна длабочина му изнесува 155 м, поради што Охридското Езеро е најдлабоко во Европа и 14то најдлабоко езеро во светот.
Со над 200 ендемични видови кои живеат во неговите води, Охридското Езеро е најважниот езерски екосистем на европскиот континент. Ако се земе предвид неговата големина, може да се каже дека има најголема разновидност на животински и растителен свет во споредба со кое било друго езеро во светот.
Охридското Езеро е уникатно по начинот на своето создавање – со вертикално подигање и спуштање на Земјината кора. Многу малку други езера во светот се создадени на овој начин.
Охридското Езеро веројатно е уникатно во светски рамки и по тоа што главно се снабдува со вода од извори – и тоа надземни и подземни. Овие одлики, т.е. неговата неповторлива еволуциска приказна, придонесуваат тоа да биде од суштинско значење и за науката и за животната средина. Овие одлики се, најверојатно, и причината поради која Езерото изобилува со најразлична флора и фауна.
Езерото и неговата околина се познати и по својата богата историја, култура, археолошките пронајдоци и неповторливата природна убавина.
Благодарение на овие исклучителни карактеристики, во 1979 година Охридското Езеро и градот Охрид станаа дел од само 31 локација во светот прогласена за светско природно и културно наследство од страна на УНЕСКО.
Над охридската котлина се издигнува планината Галичица на чиишто падини е распослан истоимениот национален парк. Унијата за заштита на природата (IUCN) го има дефинирано Националниот Парк Галичица како исклучително важен регион и истиот е заштитен со закон од 1958 г. Благодарение на повеќе стотици автентични уникати на природата, како и заштитени животински и растителни видови, НП Галичица е прогласен за Значително подрачје на растенија, Примарно подрачје за пеперутки и Емералд подрачје (односно Натура 2000 подрачје кога Македонија ќе стане членка на ЕУ).
Поради својот извонреден биодиверзитет со меѓународното значење, во 2014 г. НП Галичица стана дел од Светската мрежа на биосферни резервати на УНЕСКО – во светот има само 31 ваков прекуграничен биосферен резерват.