Македонија - Израел ќе се игра во Тетово?
Квалификацискиот меч за пласман на Евро 2008 година, помеѓу Македонија и Израел, закажан за 2 јуни, можно е да не се игра во Скопје, откако на седницата на Владата на Македонија беше соопштено дека на крајот на март или во почетокот на април ќе почнат реновирањето на Градскиот стадион и изградбата на Северната трибина. Поради градежните работи и нацрт-планот за поместување на теренот до крајот на Јужната трибина, во неизвесност дојде одигрувањето на дуелот Македонија - Израел.
На завчерашната седница на Владата, која беше директно пренесувана на МТВ, беше соопштено дека изградбата на Северната трибина ќе почне во март или најдоцна во април, со што капацитетот би бил зголемен за десетина илјади столчиња. Сегашниот капацитет на Градски во Скопје е 18.000 столчиња за седење. Според нацрт-планот, Градскиот стадион во Скопје нема да има атлетска патека, туку ќе добие „англиски изглед“, па теренот ќе биде веднаш до централните трибини. За да може Северната трибина да добие големина иста на Јужната, теренот ќе биде поместен за десетина метри кон сегашната најголема трибина. Северната, пак, ќе се гради од местото каде што сега почнува аут-линијата на зелениот терен.
Ова многу ја закомплицира работата во врска со организацијата на натпреварот со Израел, зашто физички не е можно реновирањето и селењето на теренот да бидат направени за два месеца, а и ФИФА и УЕФА не дозволуваат да се играат натпревари на стадиони на кои се одржуваат градежни работи.
Во Македонија постојат уште три стадиони каде што би можело да се играат квалификациски натпревари, и тоа на теренот во Тетово, на стадионот „Младост“ во Струмица и на „Гоце Делчев“ во Прилеп. Но, проблем би биле сместувачките капацитети, зашто знаејќи го начинот на безбедност што го практикуваат Израелците за своите спортисти, тие не би сакале да бидат сместени надвор од Скопје. Во тој случај, единствен терен погоден за игра е стадионот во Тетово. Тој е оддалечен педесетина километри од Скопје, има брза врска со престолнината, што е главен предуслов за исполнувањето на критериумите на ФИФА и на УЕФА. Исто така, според европските критериуми, аеродромот на кој ќе слета гостинската селекција не смее да биде подалеку од 100 километри од местото каде што би се играл мечот.
Во ФФМ се затекнати со оваа информација и вчера немаа одговор за тоа каква ќе биде нивната постапка во случај Градски во Скопје да биде во фаза на реновирање во јуни. Но, знаејќи го обемот на работа на нашиот фудбалски храм, во прашање се доведени и натпреварите со Естонија, Андора и Хрватска, закажани за септември, октомври и за ноември.
Неизвесни се и евросредбите на клубовите, како и финалето на Купот
Со реновирањето на Градскиот стадион нема да биде засегната само македонската репрезентација, туку и македонските екипи што имаат амбиции за настапи во куповите на УЕФА. Вардар и Работнички Кометал, екипи што го користат Градски како терен за одигрување на евронатпреварите, не би можеле да ги играат своите дуели во јули и во август, а истото важи и за Македонија Ѓорче Петров, која според табелата, сериозно атакува на првото место.
Во неизвесност доаѓа и одржувањето на финалето од Купот на Македонија, иако според Статутот на ФФМ, завршниот меч се игра во Скопје, на Градскиот стадион.