А што мислите за он лајн изданијата на весниците?
Еве едно мало истражување
"Најважни согледувања:
‐ Тие се копија на содржината од печатеното издание;
‐ Функционираат по принцип на дневно издание, односно пакет информации со скромни дополнувања со најнови вести, најчесто од агенции;
‐ Постои скептичност кон веб изданијата поради нивното влијание врз тиражот;
‐ Нема креативни деловни модели и маркетинг концепти;
‐ Оспособеноста на новинарскиот кадар не е компатибилна со современите начини на работа во веб новинарството;
‐ Постојат отпори кон развојот на нивните веб платформи.
Репрезенатативни примери се веб изданијата на дневните весници „Дневник“, „Вечер“, „Вест“, „Утрински весник“, „Нова Македонија“, „Време“ и „Шпиц“.
Весниците во Македонија сè уште не прават поделба на персоналот кој работи во печатеното издание и во онлајн презентацијата. Во принцип, се работи за редакции кои функционираат како традиционални весници и во кои работат меѓу 30 и 50 новинари. Главно станува збор за високообразован кадар, честопати со формално новинарско образование, но и луѓе со други факултети кои имаат дарба за пишување и ги научиле професионалните новинарските правила и принципи.
ако платформа за управување со веб содржините најчесто се користи софтвер од локални ИТ фирми, модел кој се докажа како скап и тежок за модификација и адаптација. Техничката поддршка на веб страниците е, по правило, во рацете на надворешните лица/компании кои го изработиле софтверот.
Неретко во медиумите пласирањето на содржините на интернет е доделено на техничко лице или графички уредник. Нивната работа се сведува само на качување содржини на интернет. Од нив се очекува да ги отстранат евентуалните проблеми во техничкото функционирање на веб страницата, но никако самостојно да интервенираат во содржината или во насловната конструкција на текстот/прилогот.
Овој вид веб локации во Македонија речиси исклучиво функционира како копија на традиционалното издание. Тоа значи дека содржината што е наменета за весникот, како пакет од информации, односно во форма на издание се пласира на веб. Објавувањето на содржината на интернет по правило е со намерно задоцнување во однос на излегувањето на весникот од печат, што, според уредниците, се прави со цел да не се влијае врз тиражот.
Овој модел, иако е најевтин за реализација, се покажува како најштетен за тиражите на весниците. Апсурдот е што тие сепак го користат овој модел, најчесто поради инерција или зашто немаат средства и ресурси за сериозна промена. Во пракса, овој специфичен модел значи дека едно техничко лице ги копира сите, или поголем дел од содржините од софтверот за графичко реализирање на печатеното издание во софтверот за онлајн изданието, без да врши суштински интервенции врз содржината, како кратење или оптимизација за веб. Новинарите, барем до сега, ретко имаат контакт со овој процес. За споредба, содржините на онлајн изданијата на светските весници само во 15-20 проценти се исти со печатеното издание, а во Македонија тој процент е помеѓу 90-100 проценти, зависно од моделот.
Кај поголем број онлајн изданија на весниците, во последнава година, се забележуваат обиди за скромно надополнување на веб содржините со актуелни вести, најчесто од агенциски извори. Има и текстови кои се појавуваат прво или само во онлајн изданието. И обратно - ексклузивни содржини објавени во печатениот весник кои не се појавуваат на интернет презентациите или служат како своевидна мамка - мрежаните можат да прочитаат само дел од приказната која цела може да се најде во печатеното издание4. Во ваквите редакции, пред сè кај „Шпиц“, „Дневник“ и „Вест“ веќе се формира новинарско јадро околу веб изданието, најчесто од еден до двајца новинари.
Во дневниот весник „Вест“ кој функционира по комбиниран модел и како одложено издание на содржините од весникот и со т.н. „порталски дел“, и техничкиот и новинарскиот дел (оптимизација на насловни конструкции и пишување на додатни содржини) го прави еден човек кој, во меѓувреме функционира и како класичен новинар во весникот. „Во `порталскиот` дел на вебот се ставаат информации од Ројтерс, Асошиејтед прес, ДПА, многу ретко од МИА и авторски текстови кои претежно ги правам јас или дежурниот во деск и ги прилагодуваме за `порталскиот` дел од вебот“5.
Луѓето кои се директно инволвирани во работата на веб страниците на весниците најчесто сметаат дека за да се добие оптимален квалитет се потребни барем уште двајца луѓе кои би се концентрирале само на веб изданието. Речиси сите онлајн изданија на весниците во Македонија се во некаква трансформација, но ретко кој вистински вложува во формирање веб редакција и во создавање автентичен веб производ со карактеристики кои соодветствуваат на современите онлајн изданија на весниците низ светот. Односно, како што ќе потенцира еден од соговорниците: „Промените со веб страницата се во вид на обид, експеримент. Медиумот произведува евтин производ на пазарот, најевтин. Објективно немаме сила да направиме нешто посериозно од нашето онлајн издание, но битно ни е да се позиционираме за иднината“6.
Ваквото позиционирање за иднината е карактеристично и за други дневни весници. „Во подготовка е онлајн издание еден вид ... и тоа се одлага околу една година од различни причини“7, вели главниот уредник на еден дневен весник. Од интервјуата може да се извлече заклучок дека сите би сакале да инвестираат во развојот на онлајн изданијата, но кога ќе дојде време за тоа, односно тогаш кога ќе биде созреан онлајн маркетингот.
Некои од соговорниците се горди на повратната врска што ја остваруваат со својата публика преку коментарите на текстовите. Потенцираат дека содржината на коментарите мора да се филтрира оти секогаш постои опасност да се провлече некаква навреда или клевета8. Токму затоа, во други дневници се внимателни и не ја отвораат можноста за објавување коментари веднаш под текстот, ами комуникацијата со читателите ја остваруваат преку електронска пошта или преку традиционалните писма и телефонски разговори.
Уредниците и новинарите од весниците кои имаат свои веб изданија се најскептични во однос на успешноста на веб платформите, односно најмалку се расположени да развиваат нови модели. Забележливи се отпори на развојот на нивните онлајн изданија. Според професорот Игор Трајковски, првиот човек на агрегаторот „Тајм.мк“, „просечната старост на сајтовите е 5-10 години, особено кај сериозните медиуми. Воопшто не се обраќа внимание на можностите. Не се искористуваат RSS каналите, а уште помалку таговите“.
Во овој сегмент од пазарот, според тоа што го кажуваат длабинските интервјуа, видливи се значителни проблеми во однос на онлајн изданијата. Весникарската индустрија е во глобална криза, но се чини дека македонскиот пазар не успева да најде ниту приближно функционален модус на синергија меѓу двете платформи. Кај новинарите од весниците е најчест случајот да се зборува или да се заговара моделот со наплаќање на вестите, најверојатно поради аналогијата со продажбата на весниците. И покрај тоа што моделот со наплаќање во светот покажува погубни резултати во пракса, сонот на уредниците од весниците, кои главно се генерација која не е порасната со интернетот, туку онаа постарата што треба да се адаптира, е во наплатата на вестите."