На денешен ден!

06.11.2007

1787. Во селото Тршиќ е роден Вук Стефановиќ Караџиќ, голем деец во областа на културата - лингвист, етнограф, историчар, собирач на народни умотворби и реформатор на српскиот литературен јазик. Умре во Виена, на 7.02.1864 година.

1893. Во Петроград умре Петар Илич Чајковски, најистакнат руски композитор и еден од најголемите симфоничари во 19 век. Значаен придонес даде и во развојот на рускиот балет. Роден е во Камско Боткинск, на 7.05.1840 година.

1909. Во Куманово е роден Трајко Прокопиев, истакнат македонски композитор и диригент. По ослободувањето го формира пејачкиот хор на Главниот штаб на НОВ на Македонија, а во 1945 година стана прв директор на Средната музичка школа во Скопје. Тој беше главен музички уредник на Радио Скопје, диригент на Симфонискиот оркестар и на Операта на Македонскиот народен театар, а од 1958 до 1964 година го водеше Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“. Умре во Белград, на 21.01.1979 година.

1942. Во селото Битуше, Гостиварско, проработи првата партизанска печатница во Македонија „Гоце Делчев“.

1944. Ослободени се градовите: Радовиш, Дојран и Валандово.

1984. Роналд Реган повторно е избран за претседател на САД.
 
11.11.2007

1943. - Во селото Сливово, Охридско, формирана е Првата македонско-косовска НОУ бригада. Таа беше формирана од НОП баталјон „Мирче Ацев“, Кичевскиот баталјон, Првиот косовски баталјон „Рамиз Садику“, „Вториот косовски баталјон „Борис Вукмировиќ“ и од четата на придружните баталјони на Главниот штаб на Македонија. При формирањето имаше 700 борци и го доби називот ударна.
1944. - Ослободено е Куманово.

1963. - Во Скопје излезе првиот број на дневниот весник „Вечер“.

1973. - На 101 километар на патот Каиро-Суец, потпишана е спогодбата за прекин на огнот меѓу Израел и Египет. На тој начин официјално престанаа воените операции во „октомвриската војна“, на Блискиот Исток.

1990. - Во Атина умре Јанис Рицос, поет на грчката левица. Освен „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата (1985) има добиено уште 23 други меѓународни признанија. Има издадено 117 книги поезија, преведени на 21 јазик. Поради неговите изразито левичарски убедувања повеќепати е апсен. Роден е во Монамвасија, на Пелопонез, на 1.05.1909 година.

1990. - Во СР Македонија се одржаа првите слободни повеќепартиски избори.

1995. - Во Брисел, шеснаесетте земји членки на Алијансата му дадоа „зелено светло“ на предлогот на Политичкиот комитет, Република Македонија, да биде 27-ма потписничка на програмата „Партнерство за мир“.
 
12.11.2007

1933. - Хитлеровата Национал-социјалистичка работничка партија доби мнозинство во парламентот и дојде на власт во Германија. Тогаш настана најмрачното движење во поновата историја на светот-нацизмот, кој доведе до Втората светска војна. Нацизмот беше доктрина која на човештвото му навести истребување на народите во походот за „големогермански простор“.

1941. - Советските вооружени сили го запреа надоаѓањето на нацистичките сили кон Москва.

1973. - Во Скопје умре Иван Точко, истакнат современ македонски писател и новинар. Автор е на збирките разкази „Бојана“, „Акорди“, „Прстен“, „Раскази“ и „Лебедова песна“. Последно негово објавено дело е драмата во осум сцени со пролог „Плуто“. Роден е во Охрид, на 9.01.1914 година.

1989. - Во Мадрид умре Долорес Ибарури - Ла Пасионарија, едно од најславните имиња на шпанската граѓанска војна и на шпанското револуционерно движење. Од 1943 до 1960 година беше генерален секретар на КП на Шпанија, а потоа нејзин претседател до крајот на животот. Родена е во местото Гањарта, во Баскија, на 9.12.1895 година.

1992. - Во Берлин започна судењето на поранешниот претседател на Источна Германија, Ерих Хонекер. На најспектакуларниот судски процес во Германија, Хонекер одговараше за убиство на 12 бегалци. На клупата на обвинетите се најдоа и шест поранешни членови на Министерството за национална одбрана.
 
15.11.2007

1492. - Кристифор Колумбо, откривајќи ја Америка, ја направи и првата белешка за употребата на тутунот меѓу Индијанците. Тоа беше првиот пишан документ за ова растение, кое наскоро го освои не само стариот континент-Европа, туку и целиот свет, а за кое медицината утврди дека има штетно влијание врз човековото здравје.

1577. - Сер Франсис Дрејк, англиски гусар, морепловец и адмирал, тргна на патување околу светот. Неговата активност е од големо значење за англиското колонијално ширење, особено во Северна Америка. Интересно е дека токму Дрејк го пренесе компирот од Америка во Европа, во 1596 година.

1630. - Во Регенбург умре Јохам Кеплер, германски астроном, математичар и физичар, познат по формулирањето на законите за движење на планетите што претставуваат основа на современата планетарна астрономија. Со своите проучувања ја докажа вредноста на хелиоцентричниот систем. Роден е на 27.12.1571 година.

1787. - Во Виена умре Кристоф Вилибалд Глук, германски композитор и диригент. Ја реформира операта, проповедајќи враќање кон грчката уметност и на тој начин го покажа патот кон музичката драма. Негова позната опера е „Орфеј“. Роден е во Ербах, Баварија, на 02.07.1714 година.

1920. - Лигата на народите во Женева ја одржа својата прва седница. Лигата е формирана на 28.04.1919 година, со цел да се обезбеди мир и меѓународна соработка на членките на Лигата, но набрзо, поради спротивставените ставови меѓу големите сили, загуби секакво влијание на светската сцена.

1944. - Во Скопје, во руинираните простории на некогашната Воена болница кај „Гази Баба“ (Полумесец), беше сместена Болницата на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија.

1976. - Во Нумји умре Жан Габен (Жан Алексис Монкорже), француски филмски и театарски артист. Играше во над 90 филмови, толкувајќи ликови на решителни, претприемчиви, често цинични и груби личности. Најпознати му се улогите во филмовите „Пеле ле Моко“, „Големата илузија“, „Брегот во магла“, „Човекот-ѕвер“ и „Клошарот Архимед“. Роден е во Париз, на 17.05.1904 година.

1988. - Палестина е прогласена за независна држава.

1994. - Беа објавени официјалните резултати од пописот, кои покажаа дека во Република Македонија има 1.936.877 жители.
 
16.11.2007

1095. - На црковниот собир Клермон, во Франција, папата Урбан Втори ги повика соборните црковни големодостоинственици и световните владетели да тргнат во воен поход против „неверниците“, Селџуци, кои ја зазедоа „светата земја“ во Палестина, со Исусовиот гроб во Ерусалим. Со тоа го поттикна верското лудило и крстоносните војни што траеја цели два века.

1923. - Во селото Никифорово, гостиварско, е роден Чеде Филиповски-Даме, народен херој на Македонија. Во Народноослободителната војна на Македонија учествуваше од 1941 година. Загина кај Радовиш во сообраќајна несреќа, како командант на Четириесет и осмата македонска девизија, на 29.06.1945 година.

1962. - Скопје, главниот град на Република Македонија, го зафати

катастрофална поплава.

1993. - Во Сардинија умре 69-годишниот мафијашки член Лучијано Лиџио, еден од најбараните лица во Италија и инспирација за романот „Кум“, на Марио Пузо.

1995. - Во Скопје умре Петре Прличко, доајен и еден од втемелувачите на македонската театарска уметност, актер и режисер.Тој е припадник на првата генерација современи македонски театарски и филмски дејци, кој остави неизбришливи траги во македонското актерско творештво. Роден е во Велес, во 1907 година.
 
19.11.2007

1493. - На своето второ патување за Америка, на кое тргна со 17 бродови и со 1.500 луѓе, Кристифор Колумбо го откри островот Порторико.

1497. - Португалскиот морепловец Васко де Гама на своето прво патување, во дотогаш непознат свет, го откри патот за Индија, околу 'Ртот Добра Надеж.

1711. - Во селото Мишанинско, е роден Михаил Василевич Ломоносов, руски научник, писател, академик и енциклопедист со светски глас. Умре во Петроград, на 15.04.1765 година.

1805. - Роден е Фердинанд де Лесепс, француски дипломат, инженер, градител на Суецкиот Канал (1859-1869). Во 1881 година почна да го гради и Панамскиот Канал, меѓутоа поради финансиската криза, не успеа да го изгради. Умре на 7.12.1894 година.

1917. - Родена е Индира Ганди, претседател на индиската власт и истакнат лидер на Движењето на неврзаните. По смртта на премиерот Шастри, во 1966 година беше поразена, меѓутоа во 1980 година триумфално се врати на чело на Индија. На 31.10.1984 година, е убиена пред нејзината резиденцијата во Њу Делхи, од страна на тројца припадници на најзината лична гарда.

1991. - Пратениците на Собранието на Република Македонија едногласно донесоа Декларација за меѓународно признавање на Република Македонија како суверена и независна држава.
 
22.11.2007

1819. - Родена е Мари ан Еванс, позната е под псевдонимот Џорџ Елиот, англиска писателка. Автор е на многу познати романи за англиското село, меѓу кои се и „Воденицата на Флоси“, „Сајлас Марнер“, „Адамс Бид“ и „Ромола“. Умре на 22.12.1880 година.

1869. - Во Париз е роден Андре Жид, француски романописец, есеист и критичар. Познат е како највлијателна и најконтраверзна личност на француската литература во 20 век. Меѓу неговите познати дела спаѓаат „Ковачи на лажни пари“, „Визбите на Ватикан“, „Пасторална симфонија“ и „Пат за Конго“. Добитник е на Нобеловата награда за литература во 1947 година. Умре во Париз, на 19.12.1951 година.

1877. - Роден е Ади Андре, најпознат унгарски лиричар од Петефи, кој го подигна на повисок степен унгарскиот поетски јазик. Умре во 1913 година.

1890. - Роден е Шарл де Гол, француски генерал и државник, претседател на Петтата француска република од 1959 година, голем светски политичар и борец против фашизмот. Како претседател му го призна правото на алжирскиот народ на самоопределување и му овозможи со спогодбата во Евијан (во 1962 г.), да ја заврши седумгодишната војна. Истовремено со стабилизацијата на економската политика во земјата ја поведе Франција по патот на самостојана надворешна политика и ги повлече француските сили од Атлантскиот пакт. Умре во местото Коломбеј, на 09.11.1970 година.

1900. - Умре Артур Саливен, познат британски композитор и диригент. Тој е автор на англиската опера. Роден е на 13.05.1840 година.

1963. - Во Далас, е убиен американскиот претседател Џон Кенеди (Фицџералд).

1991. - Египетскиот политичар Бутрос Гали е избран за генерален секретар на Обединетите нации, а со тоа стана и прв Африканец и Арап избран на високата должност.
 
23.11.2007

1831. - Штрајкот на лионските ткајачи прерасна во вооружено востание, на кое му се придружија и работниците од другите гранки. Тоа беше право масовно востание на работниците во услови на буржоаска монархија во Франција.

1876. - Роден е Мануел де Фалја, шпански композитор, еден од најзначајните личности на поновата шпанска музика. Неговите дела претставуваат синтеза на андалузискиот музички фолклор на францускиот импресионизам. Автор е на операта „Краток живот“ и на балетите „Трогирска шапка“ и „Љубовната волшебничка“. Пишуваше и клавирски композиции и соло песни. Умре во Алта Грација, во Аргентина, на 14.11.1946 година.

1966. - Во Загреб умре Григор Витез, хрватски писател и преведувач, познат по своите поетски дела за младината и за децата. Познати негови дела се „Кога дрвјата би чекореле“, „Сон на борецот в зори“, „Песни“ и „Вооружени рози“. Роден е во Косовец, на 15.02.1911 година.

1971. - Народна Република Кина го зазеде своето место во Обединетите нации откако САД, по две децении спротивставување, се откажа од натамошното поддржување на режимот на Чанг Кај Шек, како претставник на цела Кина.

1976. - Во Париз умре Андре Марло, француски писател есеист, теоретичар и историчар на уметноста. Учествуваше во Кинеската револуција и во Шпанската граѓанска војна. Кога Хитлер ја нападна Франција веднаш беше мобилизиран, но набрзо беше заробен. Успеа да побегне од заробеништво и стана еден од најпознатите команданти на отпорот . Негови познати дела се романите „Кралски пат“, „Освојувачи“, „Човековата судбина“ и најпознатото негово дело „Антимемоари“. Роден е во Париз, на 03.11.1901 година.

1995. - Целиот свет ја поздрави мировната спогодба за Босна, која ја потпишаа тројцата главни актери на преговорите во Дејтон, Фрањо Туѓман, Алија Изетбеговиќ и Слободан Милошевиќ.
 
24.11.2007

1864. - Роден е Анри Тулуз-Лотрек, француски сликар и графичар, голем мајстор на литографијата. Се ограничи речиси исклучително, на сцени од ноќниот живот на Монмартр во Париз. Ликовите се насликани без ни малку сентименталност, сугестивни, но без иронија и со остра карактеризација на ликовите. Неговите дела имаат висока уметничка вредност и претставуваат незаменлив општествен докумен. Умре на 09.09.1901 година.

1936. - Германија и Јапонија го потпишаа таканаречениот Антикоминтерна пакт, кој потоа го потпишаа Италија, Манџуко, Унгарија, Шпанија и Албанија. Под Фирмата на овој пакт фашистичките земји го подготвуваа военополитичкиот сојуз, кој е санкциониран во 1940 година како „Троен пакт“.

1944. - Во ослободеното Скопје, само десетина дена откако стивнаа последните улични борби, основан е првиот симфониски оркестар на денешната Македонска филхармонија. Имено во домот на Тодор Скаловски група музички вљубеници, од кои некои сеуште беа во партизански униформи, го формираа симфонискиот оркестар. На таа средба присуствуваа Васил Ѓаконов-Шпато, Тодор Календаров, Петар Трајков, Стефан Кралев, Александар Шалев, Фрањо Млчок, Херман Зип, Петар Симоновиќ и Душан Парлиќ.

1985. - Во Скопје умре Љубен Лапе, редовен член на МАНУ и редовен професор на Филозофскиот факултет во Скопје. Македонската научна и културна мисла загуби еден од нејзините двигатели и основоположници на македонската историографија и архивистика. Тој е еден од основачите на Филозофскиот факултет во Скопје и пионер на просветата во Македонија. Обемното дело на академикот Љубен Лапе го сочинуваат околу 200 научни трудови. Роден е во Прилеп, на 11.10.1910 година.

1986. - Заврши последниот дел на електрификацијата на пругата Скопје-Гевгелија со должина на електричната мрежа од 220 км. Електрификацијата почна на 05.01.1981 година.

1989. - Умре Благоја Нешковски, истакнат македонски режисер и писател. Најголемиот дел од својот живот го помина во Австралија каде што работеше и на меѓународната афирмација на националната самобитност на македонскиот народ. Роден е во селото Оптичари, битолско, во 1964 година.

1994. - Во Скопје е отворена Амбасадата на Руската Федерација.
 
26.11.2007

1940. - На Хитлерова заповед е создадено варшавското гето во кое есесовците протераа околу половина милион Евреи не само од Варшава, туку и од други градови во Полска, па дури и од Германија. Десетици илјади луѓе умираа од глад и од болести. Повеќе од 310.000 Евреи оттаму беа испратени во логорите на смртта, каде што беа убиени во гасни комори.

1968. - Во Њујорк умре Антон Синклер, северноамерикански писател и публицист, борец за социјални права и мир во светот. Меѓу најпознатите негови дела се „Џунгла“, „Џими Хигинс“ и „Крај на светот“.
Роден е на 20.09.1878 година.

1983. - Умре Евгени Савов, судија на Врховниот суд на Македонија и долгогодишен соработник на весникот „Нова Македонија“. Подолго од две и пол децении ја уредуваше рубриката „Правен советник“, преку која весникот „Нова Македонија“ директно кореспондираше со илјадници читатели во Македонија, давајќи им потребни советни и упатства.

1986. - Во Скопје излезе првиот број на додатокот за литература, идеи и култура на весникот „Нова Македонија“ - „ЛИК“.

1991. - Беше пуштен во употреба автопатот Велес - Градско.
 
28.11.2007

1520. - Португалскиот морепловец Фернандо Магелан, вплови во Пацификот, минувајќи низ јужноамериканската теснина која денес го носи неговото име.

1632. - Роден е Жан Батист Лули, француски композитор, диригент и

виолинист, од италијанско потекло. Умре на 22.03.1687 година.

1680. - Во Рим умре Џовани Лоренцо Бернини, италијански архитект, вајар, сликар писател, режисер и организатор на јавни свечености. Како еден од главните претставници на барокот, имаше влијание врз архитектурата на 18 век. Роден е во Неапол, на 07.12.1598 година.

1820. - Во Бармен, Прусија, роден е Фридрих Енгелс, англиски револуционер, филозоф, социјалист и научник, соработник на Карл Маркс. Негови најпознати дела се: „Дијалектиката на природата“, „Анти Диринг“, „Развојот на социјализмот од утопија до наука“ и „Лудвиг Фоербах и крајот на класичната германска идеологија“. Умре во Лондон на 05.08.1895 година.

1821. - Панама прогласи независност од Шпанија и и се придружи на Колумбија.

1829. - Роден е Антон Григорјевич Рубинштајн, руски клавирски виртуоз и композитор, основач на Конзервативизмот во Петроград. Компонираше опери, клавирски композиции, соло песни и друго. Како композитор му припаѓаше на таканаречениот космополитански правец наспроти „Руските петмина“. Умре на 20.11.1894 година.

1907. - Во Рим е роден писателот Алберто Моравија (вистинското презиме му е Пинкерле). Светска слава постигна со романите во кои го обработува моралното раслојување на италијанската буржоазија. Работеше на многу книжевни родови, вклучувајќи и театарски дела, кратки раскази и есеи. Се занимаваше со филмска и театарска критика. Најпознати дела му се: „Римјанка“, „Комформист“, „Чочара“, „Презир“, „Римски раскази“, „Нови римски раскази“ и „Досада“. Умре во Рим, на 26.09.1990 година.

1943. - Во Техеран почна конференцијата меѓу претседателот на САД Рузвелт, британскиот премиер Черчил и советскиот премиер Сталин. На конференцијата е разгледано натамошното водење на војната со Германија, повоеното уредување на Европа и друго. Конференцијата заврши на 1 декември.

1995. - Чешката република стана 26-та членка на ОЕЦД (Организација за економска соработка и развој).

1997. - Во Скопје, свечено е отворена Амбасадата на Австрија во Република Македонија.
 
1942. - Во Тетово излезе првиот број на весникот на Окружниот комитет на КПЈ за територијата на Македонија под италијанска окупација „Востаник“. Излегуваше до февруари 1943 година.
1949. - Умре Елин Пелин (вистинското име му е Димитар Иванов Стојанов), прв оригинален бугарски писател за деца, еден од најдобрите сликари на бугарското село. Најпознати дела му се „Раскази“, „Пижо и Пендо“, „Земја“, „Јас и Ти,Тој“, „Дедовата ракавица“, “ Сказни и раскази“ и „Јан Бибијан на месечината“. Роден е во 1877 година.

1965. - Умре Благоја Стефановски - Гојчо, македонски револуционерен и воен раководител. Уште во најраната возраст се вклучи во борбата на Синдикатот. Беше член на СКОЈ и на КПЈ. Роден е во Куманово, на 15.08.1915 година.

1967. - Лекарите во Кејптаун, во Јужноафриканската Република, објавија дека во болницата „Гроте Шур“, за првпат во историјата , е извршена успешна трансплатација на човечко срце. Екипата на чело со д-р Кристијан Барнар изврши операција врз заболениот Луис Вашкански, меѓутоа тој умре по десетина дена.

1980. - Во Скопје умре Драги Костовски, познат македонски артист кој на најшироката јавност и е познат по исклучителните остварувања, по многубројните улоги на театарската сцена, на филмот, на телевизијата и во радиодрамската уметност. Роден е во Битола на 22.04.1930 година.

1991. - Во Струмица умре Стојан Гогов, доајен на народниот театар „Антон Панов“ од Струмица. Роден е во 1924 година.

1993. - САД отворија Канцеларија за врски, а на чело на ова дипломатско претставништво е поставен Роберт Норман.

1997. - Германското Министерство за одбрана поведе дисциплинска постапка против шестмина војници, кои просториите во нивните касарни ги украсувале со слики на Адолф Хитлер и со нацистички знамиња.
 
1832. - Роден е Александар Густаф Ајфел, француски инженер и градител на познатата Ајфелова кула во Париз која е висока 320 метри. Позната е и неговата конструкција на Статуата на слободата на влезот во њујоршкото пристаниште. Умре во 1923 година.

1945. - Симфонискиот оркестар на денешната Македонска филхармонија го оддржа својот прв симфониски концерт.

1946. - Во Скопје започнаа првите предавања на Филозофскиот факултет. Основањето на Филозофскиот факултет претставува значаен настан за целокупната културна преродба на македонскиот народ, израз на стремежите на македонскиот народ, што побрзо да ја надмине заостанатоста наследена од минатото и да зачекори кон посветла иднина. Наставата на филозофскиот факултет беше тесно сврзана со науката и затоа тој беше и остана силен двигател на научната мисла во општествените науки сврзани со македонскиот национален дух и неговата историја.

1961. - Судот во Ерусалим го осуди на смрт нацистичкиот злосторник Адолф Ајхман, одговорен за смртта на повеќе стотици илјади невини цивили во Втората светска војна.

1966. - Во Бурбанк, Калифорнија, умре Волт Дизни, познат северноамерикански цртач и филмски продуцент, творец на модерниот цртан филм. Роден е во Чикаго, на 05.12.1901 година.

1994. - По едномесечна политичка криза, Џон Брутон стана нов премиер на Република Ирска.
 
1903. - Во Северна Каролина, во САД, Орвил Рајт (1871 - 1948), со леталото „Флаер - 1“, изврши прв лет на растојание од 36,5 метри, со брзина од 48 км. на час и на височина од 2,5 до 3,5 метри за 12 секунди.

1907. - Во Белфаст умре Вилијам Томсон Келвин, англиски физичар. Работеше на воведување на апсолутен систем на единици и мерења, учествуваше во полагањето на трансатланскиот телефонски кабел и изработи температурна скала. Роден е на 26.06.1824 година.

1919. - Во Кан умре Пјер Огист Реноар, француски сликар, еден од најголемите сликари на своето време. Најпознати негови слики се „Капачки“, „Мулен“ и „Лука“. Со своите слики првпат се појави на изложбата на импресионистите во Париз, во 1874 година. Роден е на 25.02.1841 година.

1987. - На островот Маун Дезерт, во американската држава Мејн, умре Маргарет Јурсенар, француска писателка, романсиер, есеист, драматург, прва жена примена во француската академија (1980). Првиот роман „Алексис или залудната борба“ го објави во 1929 година. Својот најпознат роман „Хидријановите мемоари“ го објави во 1951 година. Последните четириесет години од животот живееше во САД. На француски преведуваше американски класици, грчката поезија и јапонска литература. Родена е во Брисел како Маргарет де Креанкур, во 1903 година.

1987. - Во Скопје умре примариус д-р Ѓорѓи Гаврилски, прв примариус и прв специјалист по општа медицина во Македонија. Учествуваше во НОВ, беше член на АСНОМ, секретар на Владата на НР Македонија и помошник министер за народно здравје. Со својот труд даде огромен придонес за развој на здравството во Македонија. Роден е во Свети Николе, во 1911 година.

1991. - Турција ги призна сите советски републики, кои прогласија независност.

1993. - Финска ја призна Република Македонија. Претседателот Мауно Коивисто го објави признавањето на службен прием и му врачи акт и го овласти Министерството за надворешни работи да воспостави дипломатски односи со Македонија.
 
1906. - На врвот Петлец, кај селото Русиново, беровско, во борба против османлиската војска загина Дамјан Јованов - Даме, учител, еден од основачите на ВМРО во Солун, во 1893 година, истакнат организатор и раководител на националноослободителното движење на македонскиот народ на крајот на 19-от и почетокот на 20-от век. Потекнува од ѕидарско-печалбарско семејство. Се школуваше во родното место - селото Смилево, демирхисарско, а потоа во Солунската машка гимназија. Од 1891 до 1893 година беше учител во селото Смилево и во Прилеп. Од летото 1894 година почна да ги формира првите револуционерни комитети на македонската револуционерна организација во повеќе градови и села во Македонија. Беше учител во Штип и инспектор во солунско, а потоа и гимназиски наставник во Битола и раководител на Битолскиот револуционерен округ. Во август 1900 година беше уапсен и затворен во битолскиот затвор, а од мај 1902 година беше заточен во Подрум Кале, во Мала Азија. Беше претседател на Смилевскиот конгрес на Битолскиот револуционерен округ на ТМОРО од 2 до 7 мај 1903 година, на кој беше избран за член на Главниот штаб на востаниците на престојното Илинденско востание, во кое активно учествуваше. По неуспехот на востанието ја продолжи својата револуцинерна дејност. Во 1904 година претседаваше на Прилепскиот подвижен конгрес, а извесно време беше и претседател на Окружниот комитет на Скопскиот револуционерен округ и на Рилскиот конгрес, во октомври 1905 година. Роден е на 19 јануари 1871 година.

1944. - Во Скопје излезе првиот број на весникот „Бирлик“ на турски јазик, како орган на НОФ на Македонија.

1991. - Во Скопје е регистрирано здружението Млади европски федералисти на Македонија, со седиште во Скопје. За претседател е избран Нано Ружин.

1993. - Официјално е отворена Амбасадата на Велика Британија во Република Македонија. За амбасадор, е наименуван Тони Милсон.
 

Kajgana Shop

Back
На врв Bottom