20.10.2007
1875. - Во селото Горно Броди, Серско, Егејска Македонија, роден е Димо Хаџи Димов, најборбен и најсестран идеолог и теоретичар на автентичното македонско национално ослободително движење, близок соработник на Гоце Делчев, на Јане Сандански и на други истакнати македонски револуционери. Во Софија, по порачка на бугарскиот двор, сред бел ден, терористот Величко Георгиев (Владо Черноземски) го застрела на 13.09.1924 година.
1915. - Во селото Игуменец (Гега), Пиринска Македонија, роден е Антон Попов, македонски револуцонер, публицист, писател, познат комунистички активист и учесник во илегалниот отпор против фашистичкиот режим во Бугарија. Го стрелаа фашистичките џелати во Софија, на 23.07.1942 година.
1941. - Пред силната офанзива на германските армии, советската влада прогласи опсадна состојба во Москва и мина во Кујбишев. Тоа беше најкритичниот момент во текот на нападот на нацистичките трупи врз главниот советски град, но подоцна, по успешната контраофанзива на Црвената армија, дојде до пресврт.
1994. - Амбасадорот на Република Македонија во Руската федерација, Гане Тодоровски, на свечената церемонија во Кремљ, му ги предаде акредитивите на претседателот Елцин. „Не се разочаравме што ве признавме под името Македонија“, изјави Елцин.
2003. - Почина Ѓоко Георгиев, водителот на првите контактни емисии на Македонското радио „Три гонга“ и „Средби низ музика“. Тој ќе остане запаметен и како автор на 3.000 текстови на поп-музика и соработиник-новинар во Нова Македонија, Вечер, Журнал и Екран. Роден е во 1926 година.
2003. - Во Белград почина српскиот актер и комичар Миодраг Петровиќ - Чкаља. Тој е познат по своите улоги во театарски претстави, во повеќе од 25 филмови и 32 хумористични телевизиски серии меѓу кои најпознати се „Музеј на восочните фигури“, „Сервисна станица“, „Сачулатац“ и сериите „Камионџии“, „Жежок ветер“ и „Подобар живот“. Роден е на 1 април 1924 година во Крушевац.